Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.40


Детската амбасада за сите деца во светот - Прилеп ќе мора да го смени името поради совпаѓање со името на „Меѓаши“Скопје, 15 февруари 2011 (МИА) - Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“ соопшти дека на Детската амбасада за сите деца во светот - Прилеп, согласно одлуката на Основниот суд - Прилеп која се уште не е правосилна, и се забранува натамошна употреба на заштитената трговска марка ТМ-10-2008/500 - Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“.
 
Судот констатирал дека имињата на странките се поклопуваат со три зборови „детска“, „амбасада“ и „светот“, што претставува транслитерација и имитација на заштитената трговска марка на „Меѓаши“ и воедно создава забуна во правниот промет. Со регистрацијата на здружението „Детска амбасада за сите деца во светот Прилеп“, како што утврдил првостепениот суд, повредено е и заштитеното право од индустриска сопственост на „Меѓаши“.

На  Детската амбасада за сите деца во светот - Прилеп, ако судската одлука стане правосилна, ќе и се забрани и користење на знакот кој е идентичен или сличен со оној на „Меѓаши“.

Против пресудата на Основниот суд Прилеп Детската амбасада за сите деца во светот - Прилеп поднесе жалба, но Апелацискиот суд - Битола ја одби.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши – Република Македонија е основана на 29 април 1992 година и нејзиното име „Прва детска амбасада во светот Меѓаши“ е заштитено во Државниот завод за индустриска сопственост. На 28 мај 2009 година Државниот завод за индустриска сопственост донесе решение со кое на Прва детска амбасада во светот Меѓаши го призна правото на услужна, индивидуална трговска марка со содржина „Прва детска амбасада во светот Меѓаши“, со право на првенство од 7 мај 2008 година. Застапник по закон на Првата детска амбасада во светот Меѓаши е Драги Змијанац, нејзин извршен директор и основач.

На 3 март 1999 година, пак, е основано здружението Детска амбасада за сите деца во светот Прилеп чиј застапник е Дамјанчо Стојаноски. Името на ова здружение е многу слично со името на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

- Како, резултат на сличноста на имињата беа доведувани и се уште се доведуваат во заблуда повеќе субјекти, меѓу кои и јавноста, што е воочливо од неколку случаи во кои фактурите каде е должник Детска амбасада за сите деца во светот Прилеп пристигнуваа на адреса на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, во новинарски текстови објавени во дневни весници и на интернет се случувало мешање на идентитетот на двете здруженија. Називот на оваа организација не е заштитен како трговска марка, посочува „Меѓаши“ во соопштението.

Со  цел да го заштити своето име, углед и доверба кај граѓаните како и да ја расчисти заблудата што постои кај некои субјекти, Првата детска амбасада во светот Меѓаши поднесе две тужби против Детската амбасада за Сите деца во светот - Прилеп за злоупотреба на името. мч/21:11


http://www.mia.com.mk/default.aspx?mId=100&vId=81204551&lId=1&title=%D0%A2%D0%98%D0%9A%D0%95%D0%A0