Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39


СКАНДАЛОЗНА НЕГРИЖА НА ПРИЛЕПСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЗА СИЛУВАНОТО ДЕВОЈЧЕ

Социјалните служби ја заборавиле жртвата                     

29.10.2010

Светлана Ристеска
Јулијана Ивановска

Социјалните работници од Прилеп не презеле никакви активности да го заштитат 13-годишното девојче од селото Големо Коњари кое живее во страв од својот соселанец кој врз неа лани извршил полов напад, но се уште е на слобода, иако за делото е осуден на пет години затвор. Невладината организација за заштита на детските права „Меѓаши“ и независни стручњаци сметаат дека е скандалозно што сторителот на делото се уште се наоѓа во непосредна близина на жртвата, со можност да и се заканува, па дури и да го повтори делото. Пред два дена мајката на девојчето Роска Ѓорѓиоска изјави дека нејзиниот соселанец Славе Димитриоски, кој е осуден за полов напад врз нејзината 13-годишна ќерка, слободно се шета во нејзиното соседство и постојано им се заканува дека ќе ги убие. Димитриоски поднел жалба на судската пресуда, на која повеќе месеци нема одговор, а надлежните не зеле предвид дека тој може да го повтори делото или да им се заканува на жртвите. Во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп не сакаат да одговорат какви дејства презеле да го заштитат девојчето. - Одбивам да одговорам за конкретниот случај. Според Законот за малолетничка правда, доколку се процени дека има потреба од преземање помош и заштита, а во согласност со родителите, МЦСР презема мерки од своја надлежност - вели Убавка Ќипинкоска, психолог од МЦСР - Прилеп. Во детската амбасада „Меѓаши“ сметаат дека задолжително требало на сторителот да му се изрече мерката притвор, се до донесувањето на правосилна судска пресуда затоа што може да влијае врз детето-жртва да ја смени изјавата, а постои опасност да го повтори делото. Во организацијата и порано добивале поплаки за вакви случаи, но велат дека судовите инертно реагираат. - Постојано апелираме дека е потребно сите инволвирани субјекти во вакви постапки (судии, јавни обвинители, вештаци...) да ја почитуваат итноста на постапката и да дејствуваат во најбрз временски рок, имајќи предвид дека се работи за случаи каде како жртва се јавува малолетно лице - велат во детската амбасада. Според „Меѓаши“, треба судот да определи забрана за приближување или за воспоставување, односно одржување контакти или врски на обвинетиот со жртвата. Родителите треба писмено да се обратат до претседателот на надлежниот суд во кое ќе ја посочат потребата од заштита. Според Мирјана Најчевска, стручњак за човекови права, во вакви случаи семејствата имаат право да побараат од судот да му се одреди на сторителот мерка куќен притвор, со што би се чувствувале посигурни. Центрите, пак, за социјална работа, како што вели Најчевска, се основна помош за санирање на последиците што ги претрпело малолетното девојче. Доколку се утврди и понатамошна несоодветна постапка, може да се апелира и до Народниот правобранител. Според пресудата, Димитриоски го сторил делото на 21 април 2009 година. Тој бил во својата продавница во селото кога влегло девојчето. Прво ја повлекол кон себе и почнал да ја допира по интимните делови од телото, а потоа седнал на столчето, и ја зел раката и се обидел да и ја стави врз своите гениталии. Престрашеното девојче успеало да се оттргне од него и да ја отвори вратата од продавницата, но тој повторно ја зграпчил и ја предупредил да не кажува никому. Во јули Основниот суд го осуди на петгодишна затворска казна која се уште не е правосилна.

Извор: http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=2156&ArticleID=150888