Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.39

РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД ПОСЛЕДНИОТ СЛУЧАЈ НА РОДОСКВЕРНАВЕЊЕ ОД СТРАНА НА ТАТКОТО ОД ВЕЛЕС ВРЗ НЕГОВИТЕ ТРИ ЌЕРКИПрвата детска амбасада во светот Меѓаши во врска со последниот случај на родосквернавење од страна на таткото од Велес врз неговите три ќерки ги контактираше Центарот за социјална работа (ЦСР) – Велес и Секретаријатот за внатрешни работи (СВР) – Велес. Од страна на директорката на ЦСР – Велес бевме известени дека ова семејство до сега не било евидентирано кај нив, а за подетални информации не упати да се обратиме писмено.

Од СВР – Велес добивме информација дека осомничениот е приведен од нивна страна, обавен е разговор во соработка со ЦСР, со сопругата на осомничениот и со девојчињата во самите простории на ЦСР. Гинеколошките наоди покажуваат дека кај девојчињата се пронајдени знаци кои укажуваат на дефлорација која датира од порано. Пријавениот е задржан во полиција, ќе биде изведен пред истражен судија и ќе се побара изрекување на мерка притвор. Воедно ќе биде поднесена и кривична пријава за родосквернавење и семејно насилство.

Децата не треба да бидат вратени во семејството затоа што во вакви случаи под притисок на најблиските како и недоволно разбирање за состојбата во која се нашле, многу често децата ги менуваат изјавите. Затоа бараме децата да бидат згрижени во згрижувачко семејство.

Детската амбасада Меѓаши повторно повикува на најстрога казна за таткото силувач, а воедно ги повикува и надлежните институции да не ја исклучуваат можноста за соучество на мајката во ова кривично дело.  Доколку мајката знаела и ја одобрувала сексуалната злоупотреба на трите девојчиња бараме одземање на родителското право на двајцата родители и нејзино казнување доколку не го пријавила случајот.

Во вакви ситуации потребно е децата да бидат ставени во специјализирано прифатилиште за деца жртви на сексуална злоупотреба, кое ќе работи 24 часа. Децата жртви треба да добијат основни услови за закрепнување, рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција во заедницата. Престојот во ова прифатилиште треба да е од привремен карактер, што значи дека треба да се развијат форми на специјални семејства за згрижување на овие деца.

Воедно ги замолуваме новинарите да посветет посебно внимание на заштитата на личните податоци на децата што е од важност за почитувањето на интегритетот и идентитетот на детето жртва.

 Голема улога во заштита и превенција на децата од сексуална злоупотреба и педофилија имаат граѓаните и најблиските. Тие доколу навремено го пријават насилството можат многу да помогнат насилникот на време да се притвори или на време да се спречи насилството врз децата од страна на член на семејството.

Потсетуваме дека Центарот за социјална работа сознанијата дека над некое лице е сторено семејно насилство, ги добива од граѓани, службени и правни лица, кои се должни без одлагање да го известат Центарот за таквите сознанија. Во Законот за семејство стои дека Глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице што нема да постапи согласно со наведените обврски од членот 94-г став 3 на овој закон.

Глоба во износ од 3000 до 5000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок и на правно лице што нема да постапи согласно со обврските од членот 94-г став 3 на овој закон.

Центрите за социјална работа треба да се присутни на терен и да имаат увид во сите дисфункционални семејства, семејства во ризик, семејства со тешка социјална структура како превенција од насилството и злоупотребата на децата. Социјалните работници треба навреме да им го одземат родителското право на родителите што се силувачи или на родителите што ги злоупотребуваат децата. Државните институции ја преземат одговорноста за сигурноста и за здравјето на децата секогаш кога тоа не го добиваат од родителите. Државата мора да се мобилизира и да ја прими пораката дека не се сите родители по автоматизам и одговорни родители.

Детската амбасада Меѓаши потсетува дека треба да се посвети внимание на децата жртви на сексуална злоупотреба и давање изјави од нивна страна по неколку пати. Не треба да се дозволи детето да дава изјави во полиција, во Центрите за социјална работа, па во судовите. Тоа треба да даде само една изјава, бидејќи секое навраќање на чинот на насилството е дополнително малтретирање за детето.

Апелираме до институциите на системот да бидат внимателни кон децата жртви на сексуална злоупотреба. Влегувањето на постапката кај надлежните институции ако е несоодветно и непрофесионално изведена или ако на пример детето повторно се соочува со силувачот - тоа претставува повторување на насилството, само што во овој случај освен преживеаното сексуално насилство детето трпи психичко насилство и од самата институција, односно од поедини стручни лица вклучени во постапката.

Воедно ги охрабруваме децата и возрасните да не молчат за насилството и да го пријавуваат во најблиските полициски станици или на СОС телефонот за деца и 0 800 1 2222 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

До сега Детската амбасада Меѓаши повеќепати има регирано, барано одговорност за случаите на сексуална злоупотреба врз децата и педофилија како и барање за зголемување на казните за силувачите на децата. Сепак и покрај се почестото откривање и приведување на педофилите од страна на полицијата и направените промени во Кривичниот Законик кои овозможуваат далеку построги казни, очигледно е дека и репресивната мерка не доведува до намалување на случаите на сексуална злоупотреба на децата.

Последниот грозоморен случај на континуирано силување на таткото од Велес врз неговите три ќерки покажува дека постои отсуство на функционална заштита на децата. 

Во прилог Ви доставуваме Нацрт-кодекс кој беше изработен од страна на новинарите на Тренинзите за новинари за правата на детето со акцент за заштита на децата од сексуална злоупотреба и педофилија за тоа како треба да се известува во случаи каде децата се жртви на сексуална злупотреба и педофилија.

Скопје 26.08.2010

http://alsat.mk/index.php?news=1152504
http://telma.mk/index.php?task=content&cat=1&rub=6&item=2665
http://kanal5.com.mk/default.aspx?mId=37&eventId=64235
http://vesti.alfa.mk/default.aspx?mId=57&eventId=26983