Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.38

Во училиште не одат повеќе од 18.000 децаОколу 18.500 деца во Македонија се наоѓаат надвор од училишните клупи меѓу кои 2.000 деца се на улица, известија од „Меѓаши“ на денешната дискусија за „Остварување на правото на образование на децата Роми

Според Жаклина Дурмиш од ФИООМ, остварен е мал напредок со спроведувањето на реформите во образованието, но има уште многу работа за да се подобри ниското образование на Ромите.

„Во моментот во Куманово 40 до 80 ромски семејства се заминати на сезонска работа во Црна Гора и други места, и околу 100-тина деца не посетуваат настава. Сево ова прави една армија на ученици кои го запоставуваат образованието и со тек на време, комплетно се откажуваат од него,“ вели Рамиз Османовски од НВО „Врамаси“ - Куманово.

„Иако овие неколку години имаме подобрување во посетата на училиштето од ромските деца, сепак постојат бројни проблеми со кои се соочуваме. Некои од учениците не ја посетуваат наставата поради сезонската работа, некои поради страв од крвната одмазда, дел од девојчињата ги чуваат помалите деца во семејството, а голем дел од Ромчињата доаѓаат со некомплетна документација,“ рече Виолета Лашкоска од основното училиште „Добре Јованоски“ - Прилеп.

На дискусијата беа присутни претставници на меѓународните организации во Македонија, директори на неколку основни училишта низ Републиката, претставници на невладините организации итн.

Директорите на основните училишта порачаа да се изнајдат начини на соработка со родителите на децата од маргинализираните групи, бидејќи сега за сега многу од нив, не можат или незнаат како да им помогнат на своите деца во домашната работа и процесот на образование.

Дебатата се одржа во организација на „Фондацијата Институт отворено општество -  Македонија“.