Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.38


 Препораките на Комитетот за правата на детето при ООН доставени до Владата на Република Македонија по основ на Вториот периодичен извештај и иницијалните извештаи

КОМИTET ЗА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО

Педесет и четврта седница

РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИЗВЕШТАИТЕ ПОДНЕСЕНИ ОД ДРЖАВИТЕ ЧЛЕНКИ СПОРЕД ЧЛЕН 44 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
Завршни забелешки:
ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛОВЕНСКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
1.Комитетот го разгледа вториот периодичен извештај на поранешна Југословенска Република Македонија (CRC/C/MKD/2) на 1508-та, 1510-та и 1512-та средба (види CRC/C/SR.1508, CRC/C/SR.1510 и CRC/C/SR.1512) кои се одржаа на 27 мај 2010, и ги усвои следните завршни забелешки на својата 1541-та средба, која се одржа на 11 јуни 2010.
A.Вовед
2.Комитетот го поздравува поднесувањето на периодичниот извештај (CRC/C/MKD/2) и писмените одговори на листата на прашања од страна на државата членка (CRC/C/MKD/Q/2/Add.1). Комитетот исто така истакнува благодарност за информативниот и конструктивен дијалог со високата повеќесекторска делегација на државата членка, која ја предводеше министерот за труд и социјална политика.
3.Комитетот ја потсетува државата членка дека овие завршни забелешки треба да се читаат заедно со завршните забелешки кои се усвоени во врска со  првиот извештај на државата членка за Факултативните протоколи кон Конвенцијата за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија (CRC/C/OPSC/MKD/CO/1, 2010) и за вклученоста на деца во вооружени конфликти (CRC/C/OPAC/MKD/CO/1, 2010).
Б. Преземени последователни мерки и постигнат напредок од страна на државата членка
4.Комитетот го поздравува следниот позитивен развој на настаните, кои имаат за цел да се заштитат и промовираат правата на децата:
(a)Во јуни 2009 стапи на сила Законот за малолетничка правда со кој се воведе зајакната правда и превенција на малолетничкото престапништво, како и усвојување на Акциониот план за 2008-2009 и подзаконските акти за негова имлементација;
(б)Во 2010 беа отпочнати неколку здравствени програми, особено Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца (Службен весник на Република Македонија Бр. 07/2010) и Програмата за систематски прегледи на ученици и студенти (Службен весник на Република Македонија Бр. 20/2010);
(в) Се усвои Акциониот план за превенција и борба против сексуалната злоупотреба и педофилија за 2009 – 2012, кој се однесува на заштита и давање на помош на децата жртви, и со кој се предвидува воспоставување на координиран систем за соработка помеѓу владините институции и помеѓу владата и НВОи; и
(г)Во 2005 година беше формирана Националната комисија за правата на детето.
5.Комитетот исто така го поздравува пристапувањето или ратификацијата на следните меѓународни и регионални инструменти во текот на периодот на известување:
(a)Факултативен протокол за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија од 17 октомври 2003;
(б)Факултативен протокол за вклученост на децата во вооружени конфликти од 12 јануари 2004;
(в)Конвенција за активности против трговијата со луѓе од 27 мај 2009 и Европската конвенција за државјанство на Советот на Европа од 3 јуни 2003 година;
(г)Хашката Конвенција Бр. 33 за заштита на децата и соработката во врска со посвојувањето на деца помеѓу државите од 23 декември 2008;
(д)Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против транснационалниот организиран криминал и двата протоколи кои се однесуваат на трговијата со луѓе и криумчарење на мигранти од 12 јануари 2005;
(ѓ)Конвенцијата Бр. 182 на Меѓународната организација на трудот во врска со забраната и моменталното дејствување за елиминација на најлошите форми на детски труд од 15 јули 2003 и 30 мај 2002 соодветно; и,
(е) Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд од 6 март 2002.

В. Главни области на загриженост и препораки
1. Општи мерки за имплементација
(член 4, 42 и 44, став 6 од Конвенцијата)
Претходни препораки на Комитетот
6.Комитетот истакнува дека некои од загриженостите и препораките кои беа дадени во врска со првиот извешатај на државата членка  (CRC/C/15/Add.118, 2000) биле земени во предвид. Меѓутоа, со жалење се заклучува дека повеќето од тие загрижености и препораки биле недоволно или само делумно разгледани.
7.Комитетот ја охрабрува државата членка да ги преземе сите потребни мерки за разгледување на тие препораки од завршните забелешки во врска со првиот извештај кои се уште не се спроведени, вклучително и оние кои се однесуваат на прегледот на националното законодавство за негова усогласеност со Конвенцијата, регистрирањето на децата при раѓање, ресурсите кои се на располагање на центрите за социјална работа, и интегрирањето на децата со пречки во развојот во образовните и рекреативните програми, како и за обезбедување на адекватни последователни активности во врска со препораките кои се содржани во сегашните завршни забелешки.
Законодавство
8.Комитетот искажува загриженост дека националното законодавство во целост не е усогласено со принципите и одредбите на Конвенцијата и дека постои слабо спроведување на законите.
9.Комитетот ја охрабрува државата членка да продолжи и да го заврши усогласувањето на своето законодавство со одредбите на Конвенцијата и да ги преземе сите потребни регулаторни мерки за целосно спроведување и ефективна имплементација, во консултации со сите релевантни партнери вклучително и со УНИЦЕФ, и пошироко учество на граѓанското општество.
Координација
10.Иако се забележува реформата на Националната комисија за правата на детето од септември 2007 за да се подигне нивото на нејзините членови на ранг на државни советници, Комитетот е загрижен дека ова тело не е доволно активно околу планирањето на политиките и поставувањето на приоритети за имплементација на Конвенцијата. Покрај тоа, Комитетот искажува загриженост во врска со ограничените можности на локалните власти, граѓанското општество и децата за нивно учество во работата на комисијата. Покрај информациите дека надлежностите на комисијата се во сите области кои се однесуваат на детето, Комитетот е исто така загрижен дека таквите надлежности не се однесуваат и на Факултативните протоколи на Конвенцијата.
11.Комисијата дава препорака за државата членка да се осигура дека Националната комисија за правата на детето презема водство во планирањето на политиките и поставувањето на приоритети за имплементација на Конвенцијата. Националната комисија треба да биде обезбедена со потребните човечки, технички и финансиски ресурси за да може ефективно да го извршува својот мандат. Составот и методите на работа на комисијата треба да овозможуваат доволно начини за ефективно учество на локалните самоуправи, граѓанското општество и децата. Покрај тоа, Комитетот дава препорака со која државата членка треба да го разгледа проширувањето на надлежностите на комисијата за да јасно бидат опфатени и активностите за координација, мониторинг и евалуација на имплементацијата на Факултативните протоколи кон Конвенцијата.
Национален акционен план
12.Комисијата го поздравува усвојувањето на 2006–2015 Националниот акционен план за правата на детето (НАП) и за подготовката на локалните акциони планови за имплементација на Конвенцијата од страна на 53 (од вкупно 83) општини. Меѓутоа, Комитетот е загрижен околу спората имплементација на НАП и дека за таа цел не се распределени наменски средства, вклучително и за мониторингот и евалуацијата на НАП.
13.Комитетот дава препорака до државата членка да ја забрза имплементацијата на НАП, да ги поттикнува останатите општини да усвојуваат локални планови за децата, да обезбедува адекватна распределба на човечки, технички и финансиски ресурси, и притоа во предвид да го земе документот, “Свет по мерка на децата”, кој произлезе од специјалната седница за деца на Генералното Собрание на Обединетите Нации од 2002 и Среднорочниот преглед во 2007.
Независен мониторинг
14.Иако се истакнуваат измените и дополненијата на Законот за правобранител во 2009 со кои формално се воспоставува одделение за заштита на правата на детето со кое раководи заменикот на правобранителот, Комисијата со жалење заклучува дека на ова одделение му недостасува овластување, капацитет, човечки и финансиски ресурси, и независност за ефективно извршување на својот мандат. Комитетот е исто така загрижен дека на децата и на нивните родители им недостасуваат информации за можноста да поднесуваат преставки, што резултира во многу мал број на преставки од или во име на децата кои се доставуваат до правобранителот.
15.Комитетот ги дава следниве препораки на државата членка:
(a)Обезбедување на сигурност дека институцијата правобранител е целосно усогласена со принципите кои се однесуваат на статусот на националните институции за промовирање и заштита на човековите права (Париски принципи, Резолуција на Генералното Собрание 48/134, анекс), земајќи го во предвид општиот коментар бр.2 на Комитетот за улогата на независните национални институции за човекови права во промовирањето и заштитата на правата на детето (CRC/GC/2002/2), како и барање на акредитација од Меѓународниот координативен комитет за националните институции за промовирање и заштита на човековите права;
(б)Обезбедување на сигурност дека заменикот на правобранителот е достапен за децата и соодветно опремен да прима и води истраги за преставки за прекршувања на правата на детето на сензитивен начин за децата, и да се обезбеди дека децата и нивните родители се запознаени со можноста да поднесуваат преставки до оваа институција; и,
(в)Обезбедување на сигурност дека одделението за заштита на правата на детето во рамките на институцијата на правобранителот располага со капацитет, овластување, ресурси и финансиска независност кои се потребни за ефективно извршување на мандатот.
Распределба на средства
16.Во контекст на реформите на државната служба, Комитетот го забележува формирањето на комисии за правата на детето, усвојувањето на акциони планови за деца и распределба на средства за нивна имплементација од страна на некои општини. Сепак, Комитетот останува загрижен околу несовпаѓањето помеѓу буџетските распределби и мандатите на агенциите, што особено влијае на обезбедувањето на услуги од страна на центрите за социјална работа. Комитетот е исто така загрижен заради недостигот на транспарентност околу користењето на меѓународните фондови во области кои се однесуваат на децата, изборот на активности на НВОи за кои се доделуваат државна финансиска поддршка, и дека многу мал дел од овие средства се распределува за активности кои се однесуваат на децата. Покрај тоа, Комитетот е загрижен бидејќи не се распределени наменски средства во врска со имплементацијата на НАП и дека се недоволни наменските средства кои се распределени за имплементација на 2010 Програмата за задолжително здравствено осигурување.
17.Комитетот ја охрабрува државата членка, притоа земјаќи ги во предвид препораките на Комитетот кои беа усвоени по Денот на генерална дискусија во 2007 за “Ресурси за правата на детето – Одговорност на државите”, да го направи следното:
(a)Распредели наменски средства за имплементација на НАП;
(б)Да обезбеди транспарентност во користењето на меѓународните фондови за програми во области кои се однесуваат на децата;
(в)Да обезбедува адекватни ресурси на сите општини за да им се овозможи да ги исполнуваат своите обврски во врска со планирањето, буџетирањето и имплементацијата на локалните планови и услуги за деца, во контекст на децентрализацијата;
(г)Со најголема итност на центрите за социјална работа да им се обезбедат потребните човечки, технички и финансиски ресурси за да ги обезбедуваат своите услуги во сите области во рамките на нивниот мандат; и,
(д)Да распределува адекватни средства за имплементација на 2010 Програмата за задолжително здравствено осигурување за сите граѓани  со цел да се обезбеди здравствено осигурително покритие за децата кои се помеѓу најранливите делови од популацијата.
Собирање на податоци
18.Иако се забележува тековниот развој околу системот на податоци за детска заштита, Комитетот со жалење заклучува дека не постои системски пристап кон собирањето на податоци за да се следи состојбата на децата во државата членка, и не постои централизирана база на податоци генерално за деца, и особено за деца кои се наоѓаат во состојба на ранливост.
19.Комитетот ја охрабрува државата членка да го продолжи и да го зајакнува својот систем за собирање на податоци со поддршка на партнерите, и да се служи со тие податоци како основа за проценка на напредокот кој е постигнат во реализацијата на правата на детето и да помогне околу дизајнирањето на политики за имплементација на Конвенцијата. Податоците треба да ги опфаќаат сите деца до 18 годишна возраст и да бидат распределени според пол, возраст, урбана и рурална област со конкретен акцент на децата кои се наоѓаат во ранлива состојба, вклучително и децата кои се жртви на злоупотреба, запоставување или лош третман, деца со пречки во развојот, бегалци и деца кои бараат азил, деца во конфликт со законот, деца кои се работно ангажирани, и децата на улица.
Дисеминација и подигнување на свеста
20.Комитетот го поздравува и цени преводот на Конвенцијата на јазиците на заедниците, и изготвувањето на верзија на Конвенцијата по мерка на детето. Меѓутоа, Комитетот останува загрижен во однос на нискиот степен на свесност за одредбите на Конвенцијата кај пошироката јавност и особено кај децата.
21.Комитетот препорачува на државата членка да продолжи и да ги зголеми заложбите за дисеминација и промовирање на Конвенцијата за да се зголеми информираноста за Конвенцијата и за правата на детето кај пошироката јавност и особено кај децата.
Обука
22.Иако се забележува дека Академијата за обука на судии и обвинители, која е основана во 2007, нуди обуки за меѓународното право, вклучувајќи ги човековите права и Конвенцијата, Комитетот е загрижен бидејќи таквите обуки се обезбедуваат само за многу мал број на судии и обвинители и други професионалци кои работат со и за децата.
23.Комисијата дава препорака на државата членка да ги зголеми заложбите околу обезбедувањето на обука за сите професионалци кои работат со и за децата, особено преку вклучување на обука за одредбите на Конвенцијата во стручната подготвеност и обуките кои се одвиваат на работното место.
Соработка со граѓанското општество
24.Комитетот го забележува усвојувањето на Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор и акционите планови за периодот 2007-2011 за имплементација на стратегијата, како и плановите за зголемување на бројот и проширувањето на правото на гласање на членовите од НВОи во рамките на Националната комисија за правата на детето. Сепак, Комитетот е загрижен околу недостигот на консултации со граѓанското општество при подготовката на вториот периодичен извештај и несоодветната соработка при пишувањето на законите и политиките кои се оснесуваат на правата на детето, како и за недостигот на транспарентни критериуми за учество на НВОи во работата на Националната комисија за правата на детето. Покрај тоа, Комитетот искажува загриженост во однос на недостигот од давање признание на значителниот придонес од НВОи во обезбедувањето на овие услуги.
25.Комитетот дава препорака за државата членка да обезбеди транспарентност во односите и соодветни консултации со граѓанското општество при пишувањето на законите, политиките и програмите во сите области кои се однесуваат на децата, вклучително и во работата на Националната комисија за правата на детето и во изборот на критериуми за учество во работата на комисијата.

2. Генерални принципи
(член 2, 3, 6 и 12 од Конвенцијата)
Недискриминираност
26.Иако Комисијата го поздравува усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и одредбите за воспоставување на тело за спречување на дискриминацијата, Комитетот искажува загриженост дека со новиот закон нема експлицитна опфатеност на одредени основи за дискриминација и дека содржи долга листа на “исклучоци” од она што претставува дискриминација, со што може да се загрозат најдобрите интереси на детето. Комитетот е загрижен околу de facto дискриминацијата на децата кои припаѓаат на малцинствата, особено Ромите, децата кои се згрижени во институции, децата на улица, децата со пречки во развојот, и децата кои се во конфликт со законот.
27.              Комитетот препорачува државата-членка да го подобри законот за спречување на дискриминацијата за истиот да се усогласи со меѓународните и регионалните стандарди и експлицитно да ги опфаќа сите основи за дискриминација и да размисли за отстранување на списокот на „исклучоци“ во постојниот закон. Државата-членка треба да ги преземе сите соодветни мерки за да ги спречи, исправи и казни делата на дискриминација против деца, вклучително и со осигурување делотворност во работата на телото за спречување дискриминација. Комитетот бара во следниот периодичен извештај да се вклучат конкретни информации за мерките и програмите што се важни за Конвенцијата, а кои државата-членка ги презема како дополнителни активности по Декларацијата од Дурбан и Програмата за дејствување усвоени на Светската конференција против расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и нетолерантноста во 2001 година и на Конференцијата за преглед на Декларацијата од Дурбан во април 2009 година.

Најдобрите интереси на детето

28.              Комитетот забележува дека со новиот закон за малолетничка правда се признаваат најдобрите интереси на детето како водечко начело, Комитетот е загрижен дека ова начело не е методично вклучен во сите важни закони и административни постапки и не се применува соодветно во пракса.

29.              Комитетот препорачува државата-членка да ги прегледа сите важни закони за да се осигури дека најдобрите интереси на детето, како што се одразени во член 3 од Конвенцијата, се вклучени во законите, регулативата и судските и административните постапки. Државата-членка треба да осигури дека најдобрите интереси на детето се главен фактор во сите активности што се однесуваат на децата.

Почитување на ставовите на детето

30.              Комитетот го забележува вклучувањето на начелото на почитување на ставовите на детето во делови од законската регулатива на државата-членка, но жали што тоа не е направено методично и законската регулатива сe уште не го осигурува правото на детето да биде слушнато во сите судски и административни постапки кои влијаат на детето и се во согласност со неговите капацитети. Комитетот исто така жали што традиционалните ставови во општеството кон децата го ограничуваат почитувањето на нивните ставови, во семејството, во училиштата, во заедницата и во општеството воопшто.

31.              Имајќи го предвид член 12 од Конвенцијата и Општиот коментар бр. 12 на Комитетот усвоен во 2009 година за правото на детето да биде слушнато (CRC/C/CG/12), Комитетот препорачува државата-членка да осигури дека сета важна законска регулатива го гарантира правото на детето да биде слушнато во судските и административните постапки и во согласност со неговите капацитети. Покрај тоа, Комитетот препорачува државата-членка да промовира и да олесни, во семејството, во училиштата, во заедницата и во општеството воопшто, почитување на ставовите на децата и нивно учество во сите прашања кои ги засегаат.

3. Граѓански права и слободи
(членови 7, 8, 13-17, 19 и 37 (а) од Конвенцијата)

Име, државјанство и регистрирање при раѓање

32.              Комитетот ја поздравува посветеноста на државата-членка и постигнатиот напредок во областа на спречување и намалување на бројот на лицата без државјанство со подобрување на матичната евиденција и издавањето лични документи. Сепак, Комитетот е загрижен дека преостануваат одреден број деца кои не се регистрирани и немаат лични документи, од кои повеќето се деца на улица и деца-Роми и дека нема стратегија за идентификување на децата кои не се регистрирани при раѓањето и/или немаат лични документи. Комитетот, исто така е загрижен дека документите со кои се потврдува статусот на децата-бегалци и децата под супсидијарна заштита се издаваат само на барање од адвокат. Комитетот е длабоко загрижен бидејќи непоседувањето лични документи ги спречува децата да добијат пристап до образованието, здравството и јавните услуги, вклучително и детскиот додаток.

33.              Комитетот ја советува државата-членка:

 (a)               да спроведе истражување за да се откријат децата кои не се регистрирани при раѓањето и/или немаат лични документи и да преземе итни административни и судски мерки за да се осигури ретроактивно регистрирање на раѓањето и издавање документи на тие деца;

(б)        да осигури дека статусот на децата меѓу бегалците и лицата под супсидијарна заштита е документиран и заверен;

(в)       да преземе итни мерки за да се осигури дека на децата кои не поседуваат лични документи не им се одбива пристап до образованието, здравството и јавните услуги, вклучително и детскиот додаток;

(г)        да продолжи да ги исполнува своите меѓународни обврски и да ги подигнува стандардите за заштита во однос на децата без државјанство, особено со воведување посебна постапка за утврдување на немањето државјанство; и

(д)        да ја ратификува Конвенцијата на Обединетите нации за намалување на бројот на лица без државјанство од 1961 година и Конвенцијата на Советот на Европа за избегнување на немањето државјанство во однос на сукцесија на држави од 2009 година.

Зачувување на идентитетот
34.              Комитетот е загрижен за праксата на „тајно“ посвојување и дека законската регулатива овозможува посвоените деца да се регистрираат со имињата на родителите-посвојувачи, да не се открива идентитетот на биолошките родители и дека со законот не се пропишува зачувување на информациите за потеклото на детето, особено информациите за идентитетот на биолошките родители, како и историјата на болести.

35.              Комитетот препорачува државата-членка да преземе законодавни и други мерки за да се осигури зачувување на информациите за потеклото на посвоените деца, особено информациите за идентитетот на биолошките родители, како и историјата на болести, и да осигури дека децата се запознати со фактот за нивното посвојување и дека имаат пристап до тие информации на соодветна возраст и степен на развој.

Пристап до соодветни информации

36.              Комитетот го забележува мандатот на Советот за радиодифузија за заштита на децата од аудио-визуелни содржини што се потенцијално штетни за нивниот физички, психолошки и морален развој и дека се преземени повеќе мерки во тој поглед. Меѓутоа, Комитетот останува загрижен за пристапот на децата до соодветни информации на различните јазици и за присуството на порнографски и други несоодветни содржини во аудио-визуелните и печатените медиуми.

37.              Комитетот препорачува државата-членка да ги продолжи и да ги зајакнува мерките за продолжување и зголемување на напорите за да се осигури дека децата имаат пристап до соодветни информации и материјали и за да се заштитат децата од информации и материјали штетни за нивната добросостојба, особено со спроведување на постојните закони и насоки и со методично набљудување на содржините во аудио-визуелните и печатени медиуми, со цел да се отстранат порнографските и другите штетни материјали.

Мачење или друго сурово, нечовечно или понижувачко однесување или казнување

38.              Комитетот го поздравува зајакнувањето на одредбите за спречување на мачењето со изменување на Кривичниот законик и на Законот за народниот правобранител во 2009 година за институцијата да се усогласи со Факултативниот протокол кон Конвенцијата против мачење, но е длабоко загрижен за наводите за затворање во самици, телесно казнување и употреба на пендреци во Воспитно-поправната институција.

39.              Комитетот препорачува државата-членка да преземе итни мерки за отстранување на пендреците и за укинување на телесното казнување во Воспитно-поправната институција. Согласно член 37(в), државата-членка треба да го разгледа или ограничи колку што е можно повеќе затворањето во самица во институцијата.

Телесно казнување

40.              Комитетот ја забележува забраната за телесно казнување во училиштата и во казнениот систем, но е загрижен дека применливиот закон не се толкува како забрана за телесното казнување во домот и за високата зачестеност на физичкото казнување и агресијата во семејството.

41.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)      итно да го забрани телесното казнување во домот;

(б)   да ја прегледа постојната законска регулатива со цел да се откријат недостатоците во однос на заштитата и да се стави крај на телесното казнување во сите области, вклучително и во училиштата, во домот, во казнениот систем и во алтернативните начини на згрижување;

(в)   да го земе предвид Општиот коментар бр. 8 на Комитетот за правото на детето на заштита од телесно казнување и други сурови и понижувачки облици на казнување (CRC/C/GC/8).

Дополнителни активности по Истражувањето на Обединетите нации за насилство врз децата

42.              Комитетот ја охрабрува државата-членка да му даде приоритет на елиминирањето на сите облици на насилство врз децата. Во однос на Истражувањето на Обединетите нации за насилство врз децата (A/61/299), Комитетот препорачува државата-членка:

(a)               Да ги преземе сите неопходни мерки за спроведување на препораките од Истражувањето на Обединетите нации за насилство врз децата, земајќи го предвид исходот и препораките од  Регионалното консултирање за Европа и Централна Азија (одржана во Словенија од 5 до 7 јули 2005 година). Поконкретно, Комитетот препорачува државата-членка да посвети особено внимание на следниве препораки:

i.                    Да се забрани секакво насилство врз децата;

ii.                  Да се даде приоритет на спречувањето;

iii.                Да се промовираат ненасилните вредности и подигнувањето на свеста;

iv.                Да се зајакне капацитетот на сите кои работат со и за децата;

v.                  Да се осигури одговорност и да се стави крај на неказнетоста.

(б)        Да ги употреби овие препораки како алатка за дејствување, во партнерство со граѓанското општество и особено со вклучување на децата, за да се осигури дека секое дете е заштитено од сите облици на физичко, сексуално и психолошко насилство и да се забрзаат конкретните и, каде што е соодветно, временски ограничени активности за спречување и справување со таквото насилство и злоупотреба;

(в)       Во следниот периодичен извештај да обезбеди информации за спроведувањето на препораките од Истражувањето од страна на државата-членка; и

(г)        Да бара техничка помош од специјалниот претставник на генералниот секретар за насилство врз децата, УНИЦЕФ, Канцеларијата на високиот комесар за човекови права (OHCHR) и Светската здравствена организација (СЗО) и другите важни агенции, меѓу кои и МОТ, УНЕСКО, УНХЦР, УНОДЦ, како и партнерите од невладиниот сектор.

 

4. Семејна средина и алтернативно згрижување
(членови 5, 18 (ставови 1-2), 9-11, 19-21, 25, 27 (став 4) и 39 од Конвенцијата)

Семејна средина

43.              Комитетот е загрижен бидејќи со измената на Законот за семејство од 2004 година, на центрите за социјална работа им е дадена надлежност за ограничување и привремено одземање на родителското право заради неплаќање на обврските за издржување. Комитетот е загрижен дека со оваа мерка непотребно се прекинува врската меѓу родителот и детето и може да резултира со прекршување на правото на детето да одржува лични односи и непосреден контакт со двајцата родители (член 9(3)).

44.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)                   Да ја отстрани надлежноста на центрите за социјална работа за ограничување или привремено одземање на родителското право и да осигури дека привременото одземање на родителското право се врши само од страна на надлежен судија и само кога истото е потребно за непосредна заштита на детето и за заштита на неговите најдобри интереси;

(б)        Да ги преземе сите соодветни мерки и програми за обезбедување помош на родителите во извршувањето на нивните обврски за одгледување дете, вклучително и со развивање програми што имаат за цел да се подобрат родителските вештини (и способности).

Исплата на издршка

45.              Комитетот е загрижен за немањето делотворни мерки кои имаат за цел да се осигури исплата на средствата за издршка на детето.

46.              Комитетот препорачува државата-членка:

 (a)               Да утврди алтернативни мерки за исплата на издршката од платежно способните родители кои одбиваат да платат и да ја разгледа можноста за основање национален фонд за да се осигури исплатата на заостанатите обврски за издршка на детето додека се применуваат мерките за извршување; и

(б)        Да ги ратификува Хашките конвенции бр. 23 за признавање и извршување одлуки што се однесуваат на обврските за издршка, бр. 24 за применливото право за обврските за издршка и бр. 34 за јурисдикција, применливо право, признавање, спроведување и соработка во однос на родителската одговорност и мерките за заштита на децата.

Деца кои се лишени од семејна средина

47.              Комитетот ги поздравува позитивните чекори во врска со деинституционализирањето и развојот на систем за згрижување во дом-семејства, но е загрижен за расцепканиот пристап кон заштитата на детето како во политиките така и во нивното спроведување, за тоа дека голем број на деца остануваат во институциите, вклучувајќи и деца помлади од 3 години, за немањето периодични прегледи и набљудување на сместувањето и за наводната злоупотреба во алтернативните институции за згрижување.

48.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)                   Да осигури доследност и во политиките и во спроведувањето на заштитата на детето;

(б)        Да осигури соодветен периодичен преглед и набљудување на сместувањата во сите алтернативни околини на згрижување за да се гарантира примената на стандардите и да се спречи злоупотреба;

(в)       Да го продолжи и заврши процесот на деинституционализирање и итно да осигури дека децата помлади од 3 години не се сместуваат во институции; и

(г)        Да ги земе предвид Упатствата за алтернативно згрижување на деца содржани во Резолуцијата A/RES/64/142 на Генералното собрание на Обединетите нации, усвоена на 20 ноември 2009 година, во сите мерки што се однесуваат на децата без семејства.

Посвојување

49.              Комитетот ги забележува информациите дадени за време на дијалогот и препорачува државата-членка да развие соодветни заштитни мерки за да се осигури почитување на „начелото на супсидијарност“ за меѓународното посвојување на дете да се разгледува единствено откако ќе се исцрпат сите можности за домашно посвојување.

Злоупотреба и запоставување

50.              Комитетот ги поздравува измените на Кривичниот законик што се однесуваат на семејното насилство (член 122, точка 19 од Законот за измена и дополнување на Кривичниот законик) и  вметнувањето на одредбите во Законот за семејство во 2004 година за да се одреди поимот на злоупотреба или тешко запоставување деца, врз основа на кои судовите можат да ги одземат родителските права и овозможуваат отпочнување судска заштита, независно од тоа дали е покрената кривична постапка. Меѓутоа, Комитетот останува загрижен за зголемениот број пријавени случаи на физичка и сексуална злоупотреба и психолошко насилство врз децата во домот и во училиштата и за тоа дека само мал број деца-жртви на домашно насилство добиле конкретна помош.

51.              Комитетот препорачува државата-членка да го зајакне спречувањето,  да преземе мерки со кои ќе се осигури дека законите се спроведуваат, да ги казни сторителите на физичка и сексуална злоупотреба во домот и во училиштата и да осигури дека децата-жртви имаат пристап до специјализирани служби за закрепнување, рехабилитирање и семејно реинтегрирање.

5. Основно здравје и благосостојба
(членови 6, 18 (став 3), 23, 24, 26, 27 (ставови 1-3) од Конвенцијата)

Деца со инвалидитет

52.              Комитетот ги забележува напорите на државата-членка за отворање дневни центри за деца со инвалидитет, но е загрижен за постојаниот недостаток од образовни, социјални и здравствени услуги за децата со инвалидитет и нивните семејства во средината во која живеат. Комитетот особено забележува дека преостануваат многу пречки за осигурување еднаков пристап до образованието за децата со инвалидитет.

53.              Комитетот препорачува државата-членка, согласно член 23 од Конвенцијата и имајќи го предвид Општиот коментар бр. 9 на Комитетот за правата на децата со инвалидитет (CRC/C/GC/9, 2006), да продолжи да ги зајакнува мерките за заштита и унапредување на правата на децата со инвалидитет, меѓу другото, со:

(a)           Развивање сеопфатна политика за заштита на децата со инвалидитет и за нивен еднаков пристап до социјални, образовни и други услуги;

(б)    Вложување поголеми напори за да се стават на располагање неопходните средства, особено на локално ниво, и да се промовираат и прошират програми засновани на заедницата и фокусирани на семејството, вклучително групите за поддршка на родителите;

(в)   Продолжување на заложбите чија цел е да се осигури дека децата со инвалидитет, вклучително и децата со умерени и тешки пречки во развојот, можат да го искористат своето право на образование колку што е можно повеќе;

(г)    Создавање услови за учество на децата со инвалидитет во изготвувањето, спроведувањето и оценувањето на програмите наменети за нив;

(д)    Обезбедување обуки за стручниот кадар кој работи со деца со инвалидитет, како што се наставниците, социјалните и здравствени работници.

Здравје и здравствени услуги

54.              Комитетот го поздравува значителното намалување на стапката на смртност кај новороденчињата и децата под 5 години, намалувањето на регистрираните заразни болести и елиминирањето на нарушувањата предизвикани од недостиг на јод, но Комитетот е загрижен што стапката на смртност кај новороденчиња кај Ромите останува на повисоко ниво во споредба со националниот просек и што перинаталната смртност е највисока во регионот. Комитетот е исто така загрижен за разликите меѓу урбаните и руралните средини во однос на пристапот до здравствените услуги и дека се одбива медицински третман за децата-бегалци и децата под хуманитарна заштита кои не поседуваат соодветна документација.

55.              Комитетот препорачува државата-членка да продолжи да го зголеми стандардот на здравје кај децата, особено со:

 (a)               Зајакнување на напорите за спречување и намалување на стапката на смртност кај новороденчињата во ромската заедница;

(б)        Подобрување  на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за да се елиминираат разликите меѓу урбаните и руралните средини;

(в)       Обезбедување на неопходната медицинска помош и здравствена нега за сите деца со акцент на развојот на примарното здравство, особено со опфаќање на децата кои се дел од најранливите сегменти на популацијата; и

(г)        Подобрување на квалитетот на преднаталната и постнаталната здравствена заштита за мајките со цел да се спречи перинаталната смртност.

Доење

56.              Комитетот го поздравува вметнувањето на одредби од Меѓународниот кодекс за забрана на замени за мајчино млеко во Законот за безбедност на храната и во Законот за заштита на потрошувачите и што платеното породилно боледување и паузите за доење се гарантираат со закон. Сепак, Комитетот со жалење ја забележува дека стапката на ексклузивно доење е во опаѓање, дека здружението на педијатри, која ги контролира упатствата за доење, прифаќа спонзорства од индустријата за храна за бебиња;  и дека прехранбените производи за бебиња се означени со „за 4 месеци“ и дека нашироко се промовираат во приватните породилишта и се достапни во аптеките и супермаркетите.

57.              Комитетот препорачува државата-членка да ја спроведува постојната законска регулатива, да ги зајакне напорите за промовирање пракси за ексклузивно доење и да го почитува Меѓународниот кодекс за рекламирање замени за мајчиното млеко.

Здравје на адолесцентите

58.              Комитетот забележува дека програмата за безбедно мајчинство му дава приоритет на осигурувањето пристап до информации и совети за спречување бременост и абортуси кај адолесцентите и ги забележува плановите на државата-членка да воведе сексуално образование во училиштата. Сепак, Комитетот е загрижен за високата стапка на раѓања и абортуси кај тинејџерите, особено кај девојчињата од ромската и другите малцински заедници, дека достапноста на репродуктивната здравствена заштита за девојките-адолесценти е значително опадната во руралните области и дека не се почитува доверливоста. Покрај тоа, Комитетот е загрижен за немањето на превентивни мерки и служби за рехабилитација за децата-корисници на дрога и алкохол.

59.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)           да осигури дека адолесцентите имаат пристап до советодавни служби и програми за обука за животни вештини што се соодветни на нивната возраст и се доверливи во сите предели и заедници во земјата;

(б)        да ги зајакне напорите за подобрување на информираноста и знаењето за репродуктивното здравје и права со цел да се намали стапката на бременост кај тинејџерите и да развие програми по мерка на адолесцентите за да им се помогне на мајките-тинејџери и нивните деца;

(в)       да развие превентивни мерки и служби за рехабилитација за децата-корисници на дрога и алкохол;

(г)        да преземе дополнителни мерки, вклучително и распределба на соодветни човечки и финансиски средства за поддршка на развојот на културно и адолесцентско чувствително и доверливо советување, нега и рехабилитација за деца, имајќи го предвид Општиот коментар бр. 4 на Комитетот за здравјето и развојот на адолесцентите (CRC/GC/2003/4, 2003).

Ментално здравје

60.              Комитетот ја забележува загриженоста на државата-членка дека програмите за промовирање и спречување не ги исполнуваат потребите на децата и адолесцентите и препорачува да развие сеопфатна политика за менталното здравје на децата и адолесцентите, која ги вклучува сите задолжителни компоненти според препораките на Светската здравствена организација, меѓу другото, во врска со промовирањето на менталното здравје, спречување на менталните нарушувања во примарната заштита, амбулантски и болнички служби за ментално здравје, со цел да се подобри менталното здравје и емотивната добросостојба на децата.

Штетни традиционални пракси

61.              Комитетот забележува дека минималната законска возраст за стапување во брак е 18 години, но искажува загриженост за праксата на рано и присилно стапување во брак на девојчињата од одредени заедници, вклучително и традиционалните бракови кои не се регистрираат кај надлежните власти, и за пријавените случаи на продажба на деца заради стапување во брак и забележува дека таквите пракси може да се влошат во време на економски тешкотии.

62.              Комитетот ја советува државата-членка:

 (a)               Експлицитно да ги криминализира раните и присилни бракови и судски да ги гони оние кои се одговорни за тие дела;

(б)        Да ја спроведува постојната законска регулатива и да осигури дека браковите на деца помлади од 18 години се дозволени единствено во исклучителни случаи со судска одлука и единствено кога тоа е во најдобар интерес на детето;

(в)       Да спроведе истражувања за да се процени бројот на деца кои се засегнати од рани и присилни бракови, вклучително и традиционалните бракови што не се регистрирани кај надлежните власти, за да се развијат посебни мерки за намалување и искоренување на оваа пракса; и

(г)        Да обезбеди обука и поддршка за стручните лица кои работат со семејства и деца за да можат да им помогнат на оние кои се во опасност од рано и присилно стапување во брак и да работат со засегнатите заедници и да спроведе кампањи за сензитивизирање за негативните влијанија од раното и присилно стапување во брак, особено за правата и развојот на девојчињата.

Животен стандард

63.              Комитетот забележува дека децата од економски обесправените и општествено исклучените семејства се утврдени како приоритет во писмените одговори од државата-членка и информациите дека се спроведуваат национална стратегија за намалување на сиромаштијата и општествената исклученост и национална програма за развој на социјалната заштита. Меѓутоа, Комитетот е загрижен за тоа дека системот за детски додаток е дискриминаторски и ги исклучува децата во ранлива состојба затоа што е ограничен само на децата кои редовно посетуваат училиште и чии родители или се вработени или веќе се опфатени со системот на социјална заштита.

64.              Комитетот препорачува државата-членка да и? даде приоритет на заштитата на соодветен животен стандард за децата во ранлива состојба, вклучително и во претстојните законски регулативи, стратегии и програми за социјална заштита и особено при доделувањето детски додаток и да  осигури дека сите надлежни државни институции се придржуваат кон тоа во пракса. Државата-членка треба да преземе итни мерки за отстранување на сите облици на дискриминирање при доделувањето детски додаток и други облици на социјална заштита.

6. Образование, слободно време и културни активности
(членови 28, 29 и 31 од Конвенцијата)

Образование, вклучително и стручно оспособување и насочување

65.              Комитетот забележува дека правото на образование на сите деца кои се државјани и жители без државјанство им е гарантирано со закон, дека се прават напори да се подобри квалитетот на образованието и дека државата-членка планира да воведе условени готовински исплати со цел да се поттикне запишувањето и редовноста во средните училишта. Меѓутоа, Комитетот искажува загриженост за тоа дека:

(a)        Постојат пречки за пристап до образованието за децата кои не се евидентирани при раѓање и не поседуваат лични документи, децата со инвалидитет и децата на улица;

(б)        Постои нагорен тренд на поделби по етничка линија во училиштата, што резултира со разлики во квалитетот на образованието, со ограничени можности за децата-припадници на различните заедници за меѓусебно општење и со зголемување на меѓуетничкото насилство;

(в)        Стапката на запишување и завршување на основното образование останува ниска кај ромските деца, особено девојчињата, а ромските деца се соочуваат со сегрегација и дискриминаторски однос во училиштата;

(г)        Ромските деца наводно се премногу застапени во училиштата за деца со посебни потреби и дека одлуката за упатување деца во таквите училишта не ја носат меѓудисциплинарни тимови и врз основа на објективни критериуми;

(д)        Постои слаба достапност на холистички развој, образование, објекти и институции за рано детство; и

(ѓ)        Верското образование може да биде фактор за поделба и судир меѓу децата во училиштата и не придонесува доволно кон создавање дух на разбирање, трпеливост и пријателство меѓу сите етнички и верски групи како што е наведено во член 29(1)(г) од Конвенцијата.

66.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)        Да преземе итни мерки за да осигури дека на децата не им се одбива пристап до образованието врз никоја основа;

(б)        Да развие специјализирани служби за подготовка на децата на улица за повторно вклучување во училишниот систем;

(в)       Да работи со заедниците за да го поттикне запишувањето на децата во етнички мешани училишта и да обезбеди во пракса можности за децата од различните заедници да учат заедно на начин што овозможува секојдневно општење и можности да учат едни за други. Државата-членка треба да преземе итни мерки за да го сврти сегашниот тренд на сегрегација по етничка линија на сите нивоа – национално, регионално и општинско;

(г)        Земајќи го предвид својот Општ коментар бр. 1 (CRC/GC/2001/1) за целите на образованието и член 29(1) од Конвенцијата, Комитетот препорачува државата-членка да вложува во обуката на наставниците, во развојот на наставните планови, учебниците и другите помагала за активно промовирање на разбирањето, мирот, трпеливоста и повеќекултурната солидарност и кохезија меѓу различните етнички и верски заедници;

(д)        Да продолжи да ги зајакнува мерките за промовирање на интеграцијата на ромските деца во редовното образование, особено со сензитивизирање на наставниците и другите професионалци и со помагање на семејствата кои се соочуваат со економски тешкотии;

(ѓ)        Да ги зајакне мерките за да осигури дека одлуките за упатување деца во посебни училишта се засновани на објективни критериуми, дека ги носи меѓудисциплинарен тим од стручни лица, дека подлежат на периодично разгледување, дека го земаат предвид јазичното и културно потекло на детето и дека не се засновани на социо-економски причини;

(е)        Да промовира, развие и осигури пристап до развој и образование за рано детство, особено за децата во опасност од задоцнет развој и социо-економска обесправеност, имајќи го предвид Општиот коментар бр. 7 на Комитетот за спроведување на правата на детето во раното детство (CRC/C/GC/7);

(ж)       Да спроведе планови за воведување репродуктивно образование во основните и средните училишта како што беше укажано во текот на дијалогот; и

(з)        Да осигури дека верското образование е изборно, земајќи ги предвид најдобрите интереси на детето, и се спроведува на начин што придонесува кон создавање дух на разбирање, трпеливост и пријателство меѓу сите етнички и верски групи, како што е наведено во член 29(1)(г) од Конвенцијата.

7.                  Посебни заштитни мерки
(членови 22, 30, 38, 39, 40, 37 (б)-(г), 32-36 од Конвенцијата)

Деца кои бараат азил и деца-бегалци

67.              Комитетот забележува дека државата-членка ја презема одговорноста за здравствената заштита, социјалната заштита и сместувањето на лицата кои бараат азил, бегалците и лицата под супсидијарна заштита од 1 јануари 2010 година. И покрај изјавата на делегацијата на државата-членка, Комитетот е загрижен дека на децата без придружба и децата разделени од родителите не секогаш им се назначува старател и не се сместуваат одделно од возрасните.

68.              Комитетот препорачува државата-членка да осигури на децата без придружба и на децата разделени од родителите да им се назначува старател и да се сместуваат одделно од возрасните и на децата меѓу бегалците и меѓу лицата кои бараат азил да им се обезбедува пристап до образование, здравствена заштита, социјална заштита и сместување, имајќи го предвид Општиот коментар бр. 6 (2005) на Комитетот за односот кон децата без придружба и кон децата разделени од родителите надвор од земјата од која потекнуваат (CRC/GC/2005/6).

Економска експлоатација вклучително и детски труд

69.              Комитетот забележува дека со Законот за работни односи е пропишано дека минималната возраст за вработување е 15 години и дека вработените лица помлади од 18 години имаат право на посебна заштита, но е загрижен за слабата примена на законите и политиките за детски труд и за појавата на детски труд во неформалниот сектор, особено просење и улично продавање на раскрсници, на аглите на улиците и во рестораните.

70.              Комитетот препорачува државата-членка да го зајакне спроведувањето на законите и политиките за работни односи и да ги истражи основните причини за да се спречи појавата на деца во опасност од детски труд, особено во неформалната економија.

Деца на улица

71.              Комитетот го забележува развојот на протокол за постапување со деца на улица, но е длабоко загрижен за сe поголемиот бројот на вакви деца, од кои повеќето се Роми, и за немањето напредок кон трајни решенија, со кои се осигурува заштита на децата, пристап до образование и повторно општествено интегрирање. Покрај тоа, Комитетот ги забележува плановите за отворање дневни центри надвор од Скопје, но е загрижен за тоа дека во моментов постојат само два државни дневни центри што обезбедуваат заштита за децата на улица во главниот град.

72.              Комитетот препорачува државата-членка:

 (a)               Да обезбеди соодветна заштита и помош за закрепнување и повторно интегрирање на децата на улица и да развие сеопфатна стратегија за справување со основните причини, во соработка со организациите што им помагаат на овие деца;

(б)        да ја подигне јавната свест за правата и потребите на децата на улица и да се бори против погрешните мислења и предрасудите; и

(в)       да осигури дека децата на улица се консултираат при планирањето програми чија цел е подобрување на нивните животни услови и подобрување на нивниот развој.

Сексуална експлоатација и злоупотреба

73.              Комитетот ги забележува зголемената свест и заложбите за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на децата, вклучително и воспоставувањето на национално координативно тело, тековните истражувања и активностите за обука. Меѓутоа, Комитетот е загрижен за зголемениот број случаи на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца, за тоа дека само децата помлади од 14 години се заштитени со член 188 од Кривичниот законик („сексуален напад на дете помладо од 14 години“) и дека во случаите на силување товарот на докажување го сноси жртвата постара од 14 години. Покрај тоа, Комитетот е загрижен за тоа дека казните за сексуална злоупотреба на деца што ги изрекуваат некои судови најчесто се кратки и условни казни.

74.              Комитетот препорачува државата-членка да обезбеди еднаква заштита за сите деца помлади од 18 години од кривичното дело сексуална злоупотреба на дете, а особено да го отстрани товарот на докажување за деца постари од 14 години, и да осигури дека сторителите судски се гонат и казнуваат за таквите кривични дела. Комитетот исто така препорачува државата-членка да ја ратификува Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на децата од сексуална експлоатација и злоупотреба (2010).

Продажба, трговија и грабнување

75.              Комитетот забележува дека усвојувањето на нов акционен план за борба против трговијата со деца е во тек, дека националниот механизам за упатување жртви на трговија работи од 2005 година и дека од 2006 година постои програма за повторно општествено вклучување на децата-жртви. Сепак, Комитетот искажува загриженост за тоа дека трговија со деца се врши за разни цели во, од и во рамките на границите на државата-членка.

76.              Комитетот препорачува државата-членка да ги продолжи и да ги зголеми напорите за спречување, заштита на децата од и зајакнување на мерките за гонење на кривичните дела продажба и трговија, особено:

(a)        Целосно да ја спроведува домашната законска регулатива за борба против трговијата со луѓе;

(б)        Да спроведе програми за градење на капацитетите за службениците кои го спроведуваат законот, судиите и обвинителите;

(в)       Да води истраги и да покренува обвиненија за сите случаи на продажба и трговија за да се избегне неказнетост;

(г)        Да ги зајакне мерките за заштита на децата-жртви и да осигури пристап до социјална и психолошка помош по мерка на децата за нивно закрепнување и преинтегрирање;

(д)        Да се справи со основните причини за продажба, трговија и грабнување на деца, особено со посветување посебно внимание на семејствата во своите програми за намалување на сиромаштијата, за спречување на напуштањето на училиштето и на дискриминацијата заснована на полот; и

(ѓ)        Да спроведе активности за подигнување на јавната свест, во соработка со невладините организации и медиумите, за и родителите и децата да се запознаат со опасностите и последиците од таквите кривични дела.

Линии за помош

77.              Комитетот ја забележува 24-часовната бесплатна СОС-телефонска линија за деца и млади што ја води една невладина организација, но е загрижен дека таа нема долгорочна финансиска поддршка и за тоа дека е достапна само преку еден конкретен телефонски оператор и не е достапна преку мобилен телефон.

78.              Комитетот препорачува државата-членка да осигури континуитет, вклучувајќи и со одделување соодветни средства, за бесплатна 24-часовна линија за помош, да го прошири нејзиниот капацитет за примање повици од сите телефонски оператори, да и? го додели на линијата усогласениот шестцифрен европски број и да ја признае како извор на информации и податоци за политиките и законите за правата на детето и како алатка за рано интервенирање и спречување.

Спроведување на малолетничката правда

79.              Комитетот го забележува основањето совет за спречување малолетничко престапништво и плановите за подобрување на условите во Воспитно-поправната институција, која по конфликтот беше префрлена во просториите на затворот во Скопје. Меѓутоа, Комитетот е загрижен:

 (a)               Дека децата помлади од 14 години може да подлежат на поправни мерки за кои одлучуваат и ги применуваат центрите за социјална работа;

(б)        Дека во неколку случаи децата наводно биле третирани како возрасни престапници;

(в)        Дека децата не се одвоени од возрасните затвореници;

(г)        За лошите услови во местата каде децата се држат во притвор, особено во Воспитно-поправната институција и малолетничкиот затвор во Охрид, и за пренатрупаноста на ќелиите за малолетници; и

(д)        Дека децата подлежат на задолжително тестирање за дрога во Воспитно-поправната институција.

80.              Комитетот ја советува државата-членка да осигури целосно спроведување на стандардите за малолетничка правда, особено членовите 37 (б), 39 и 40 од Конвенцијата, како и Стандардните минимални правила на Обединетите нации за спроведување малолетничка правда (Пекиншките правила), Упатствата на Обединетите нации за спречување малолетничко престапништво  (Упатствата од Ријад) и Правилата на Обединетите нации за заштита на малолетници лишени од слобода (Правилата од Хавана). Поконкретно, Комитетот ја советува државата-членка да го земе предвид Општиот коментар бр. 10 (2007) на Комитетот  за спроведувањето малолетничка правда. Комитетот исто така препорачува државата-членка:

(a)               Да осигури дека децата под возраста за кривична одговорност (14 години) не се казнуваат на никаков начин за кривични дела;

(б)        Да ги ревидира праксите за да се осигури дека децата не се третираат како возрасни престапници при спроведувањето малолетничка правда;

(в)       Да осигури дека малолетниците се одвоени од возрасните престапници;

(г)        Да преземе делотворни мерки за подобрување на условите во сите места каде децата се држат во притвор и за намалување на пренатрупаноста;

(д)        Да осигури дека децата се лишуваат од слобода само како последна мерка, особено со развивање мерки што ќе претставуваат замена за притворот, вклучително и можности за закрепнувачка правда, и дека казните се разгледуваат; и

(ѓ)        Да ја укине праксата на задолжително тестирање за дрога во Воспитно-поправната институција.

Заштита на сведоци и жртви на кривични дела

81.              Комитетот ги забележува плановите за изработка на протокол за справување со случаи на сексуална злоупотреба на деца, но е загрижен што досега активностите не се сосредоточени на заштитата на децата-жртви. Комитетот е особено загрижен за извештаите дека од деца-жртви било барано да сведочат во присуство на сторителот и дека жртвите на злоупотреба во семејството не добиваат соодветна заштита, што доведува до тоа тие повторно да бидат жртви и повлекување на сведочењата. Комитетот исто така е загрижен дека како последица на малата возраст на која децата-жртви добиваат заштита за одредени кривични дела, во последниве години децата-жртви постари од 14 години не добиваат заштита. Комитетот ја забележува неодамнешната изработка на Кодексот на однесување за новинарите, но е длабоко загрижен дека медиумското внимание доведе до откривање на децата-жртви.

82.              Комитетот препорачува државата-членка да осигури, со соодветни законски одредби и регулативи, дека сите деца-жртви и/или сведоци на кривични дела, на пример деца-жртви на злоупотреба, домашно насилство, вооружен конфликт, сексуална или економска експлоатација, грабнување и трговија, и сведоците на таквите кривични дела да ја добијат заштитата која се пропишува со Конвенцијата и дека целосно се земаат предвид Насоките на Обединетите нации за правда во случаи во кои се вклучени деца-жртви и сведоци на кривични дела (анекс кон Резолуцијата 2005/20 на Економскиот и социјален совет од 22 јули 2005 година).

83.              Покрај тоа, Комитетот препорачува државата-членка, во соработка со медиумите, да ги преземе неопходните мерки за почитување на приватноста на децата во медиумите со зајакнување на спроведувањето на постојните закони и на образовните и кампањите за подигнување на свеста.

Деца-припадници на малцински групи

84.              Комитетот позитивно го оценува тоа што образованието на мајчин јазик е достапно за повеќето заедници, имено на македонски, албански, турски и српски јазик, и воведувањето на „Ромски јазик и култура“, но изразува жалење за ограничената достапност и понискиот квалитет на образованието на јазиците на одредени малцинства, особено на ромската и влашката заедница.

85.              Комитетот препорачува државата-членка:

(a)               Да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на правата на децата-припадници на малцинските групи, за почитување на нивната култура и за гарантирање на уживањето на правата гарантирани со националниот устав, домашното право и Конвенцијата;

(б)        Да обучи воспитувачи и да развие наставни планови, учебници и други помагала за да се подобри достапноста и квалитетот на образованието на јазиците на малцинствата, особено за децата од ромската (за сите групи кои се служат со свој јазик) и влашката заедница; и

(в)       Да ја ратификува Европската повелба за регионални и малцински јазици, на која државата веќе е потписник.

8.                  Ратификување меѓународни инструменти за човекови права

86.              Комитетот препорачува државата-членка да ги ратификува основните договори за човекови права на Обединетите нации и нивните Протоколи на кои државата сe уште не е членка, имено Меѓународната конвенција за правата на лицата со инвалидитет и нејзиниот Факултативен протокол и Меѓународната конвенција за заштита на сите лица од насилно исчезнување, на која државата-членка е потписник; како и Меѓународната конвенција за заштита на правата на сите мигрантски работници и членовите на нивните семејства.

9.      Понатамошни активности и дисеминација

Понатамошни активности

87.              Комитетот препорачува државата-членка да ги преземе сите соодветни мерки за да осигури целосно спроведување на овие препораки, меѓу другото, со нивно доставување до Собранието, надлежните министерства, Националната комисија за правата на детето, Народниот правобранител и локалните власти, кога е применливо, за нивно соодветно разгледување и понатамошно дејствување.

Дисеминација

88.              Комитетот препорачува вториот периодичен извештај и писмените одговори поднесени од државата-членка и усвоените сродни завршни забелешки и препораки да се стават на располагање на јазиците на земјата, вклучително (но не и исклучиво) на интернет, на пошироката јавност, организациите на граѓанското општество, медиумите, младинските групи, групите на професионалци и на децата, за да се поттикне расправа и свест за Конвенцијата и за нејзиното спроведување и набљудување.

10.              Следен извештај

89.              Комитетот ја повикува државата-членка заедно да ги поднесе третиот, четвртиот, петтиот и шестиот периодичен извештај до 16 март 2017 година (т.е. 18 месеци пред датумот утврден во Конвенцијата за поднесување на шестиот периодичен извештај). Овој следен извештај не треба да биде подолг од 120 страници (види CRC/C/118, 2002) и треба да вклучува информации за конкретното спроведување и влијанието врз децата на овие завршни забелешки и двата Факултативни протокола кон Конвенцијата на правата на детето.

90.              Комитетот исто така ја повикува државата-членка да поднесе ажуриран основен документ согласно барањата за заеднички основен документ во „Усогласените упатства за известување по меѓународните договори за човекови права, вклучително и насоките за заеднички основен документ и документите за конкретни договори“, одобрени на Петтиот состанок меѓу комитетите на телата за договорите за човекови права во јуни 2006 година (HRI/MC/2006/3).

РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИЗВЕШТАИТЕ ПОДНЕСЕНИ ОД ДРЖАВИТЕ ЧЛЕНКИ СПОРЕД ЧЛЕН 12(1) ОД ФАКУЛТАТИВНИОТ ПРОТОКОЛ КОН КОНВЕНЦИЈАТА НА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО, ВО ВРСКА СО ПРОДАЖБАТА НА ДЕЦА, ДЕТСКА ПРОСТИТУЦИЈА И ДЕТСКА ПОРНОГРАФИЈА

Завршни забелешки:
Поранешна Југословенска Република Македонија

1.Комитетот го разгледа првиот извештај на поранешна Југословенска Република Македонија (CRC/C/OPSC/MKD/1) на својата 1510-та и 1512-та средба (види CRC/C/SR.1510 и CRC/C/SR.1512) одржана на 27 мај 2010, и на 1541-та средба, одржана на 11 јуни 2010, ги усвои следниве завршни забелешки.

Вовед

2.Комисијата го поздравува поднесувањето на првиот извештај на државата членка, во кој се наведени детални информации за законските, административните, судските и други мерки кои се применливи во државата членка во однос на правата кои се гарантираат со Факултативниот протокол. Комитетот исто така ги цени писмените одговори на листата на поставени прашања, и конструктивниот дијалог со високата мултисекторската делегација, која ја предводеше министерот за труд и социјална политика.

I. Општи забелешки

3.Комитетот ја поздравува државата членка дека овие завршни забелешки треба да се читаат заедно со завршните забелешки од вториот периодичен извештај на државата членка според Конвенцијата за правата на детето и првиот извештај сгласно на Факултативниот протокол за вклученоста на децата во вооружен конфликт, усвоен на 11 јуни 2010, и соодветно содржан во CRC/C/MKD/CO/2 and CRC/C/OPAC/MKD/CO/1.

A.Позитивни аспекти

4.Комитетот ги поздравува различните мерки кои државата членка ги има преземено во областите кои се релевантни за имплементацијата на Факултативниот протокол, вклучително и:

(a)Измени и дополненија на Законот за детска заштита во 2009 (Службен весник Бр. 83) со цел да се забрани, меѓу другото, продажба на деца, детска проституција и детска порнографија;

(б)Вметнување на Членот 418-д (трговија со неполнолетни лица) во Кривичниот законик (Службен весник на Република Македонија Бр. 7 од 15.01.2008) во кој есплицитно се криминализираат сите практики согласно на Факултативниот протокол, вклучително и можноста да се утврди кривична одговорност за правни лица и за заплена на недвижен имот, предмети и возила кои биле користени при извршувањето на тоа кривично дело;

(б) Во 2007, беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, како и помеѓу овие агенции и организациите на граѓанското општество; и

(в)Одделението за криминал на интернет во рамките на Министерството за внатрешни работи беше активно во откривањето на детската порнографија.

5.Комитетот поволно го оценува ратификувањето од страна на државата членка на:

(a)Хашката Конвенција Бр.33 од 1993 за заштита на децата и соработка помеѓу земјите во однос на посвојувањето од 23 декември 2008;

(б)Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против транснационалниот криминал, Протоколот за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе, особено жени и деца и Протоколот за спречување на кримучарење на мигранти по копно, море и воздух, од 12 јануари 2005; и

(в) Конвенцијата за криминал на интернет на Советот на Европа од ноември 2004.

II. ПОДАТОЦИ

Собирање на податоци

6.Комитетот го поздравува централизираното собирање на податоци за случаите на трговија со луѓе од страна на Националниот механизам за упатување и информациите во врска со тековното исртажување за децата на улица со цел да се информира за идните мерки за заштита на децата од практиките утврдени со Факултативниот протокол. Меѓутоа, Комитетот искажува жалење дека тие податоци се достапни само во врска со трговијата со луѓе и детската порнографија и постои недостиг на информации во врска со појавата на одредени кривични дела кои се опфатени со Факултативниот протокол, особено детската порнографија и  продажбата за целите за стапување во брак.

7.Комитетот препорачува дека државата членка треба да спроведе детални студии за сите области кои се опфатени со Факултативниот протокол, особено во врска со продажбата на деца за целите на стапување во брак, за детската порнографија, и за детскиот секс туризам, и дека треба да се воспостават униформни информатички системи за да се обезбеди дека податоците, распределени, меѓу другото, според полот, возраста и етничкото и социјално потекло се собираат на систематски начин за сите кривични дела кои се опфатени со Факултативниот протокол, како и нивна анализа бидејќи тие претставуваат основна алатка за проценка, развој на политики и нивна имплементација.

III. Општи мерки за имплементацијата

Општи принципи на Конвенцијата за правата на децата (членови 2, 3, 6 и 12)

8.Комитетот со загриженост забележува дека ромските деца се непропорционално застапени во ситуациите на деца од улица и во случаите на продажба на деца за целите на стапување во брак, и искажува загриженост дека стереотипите во однос на традициите во нивните заедници може да ги спречуваат заложбите за нивно соодветно идентификување како деца жртви и обезбедување на соодветна заштита и помош.

9.Комитетот дава препорака според која општите принципи на Конвенцијата, особено принципот на недискриминираност, треба да бидат вклучени во сите мерки кои ги презема државата членка за да се осигура спроведувањето на одредбите од Факултативниот протокол и особено што децата жртви на сите кривични дела од Факултативниот протокол, вклучително и Ромските деца, се соодветно идентификувани, заштитени и имаат добиено помош.

Законодавство

10.Иако се поздравуваат заложбите за интегрирање на разни аспекти од Факултативниот протокол во законодавството на државата членка, Комитетот е загрижен дека тие речиси исклучиво се фокусирани на трговијата, притоа занемарувајќи ги останатите аспекти на продажбата на деца.

11.Комитетот ја потсетува државата членка дека законодавството мора да ја исполни својата обврска во однос на продажбата на децата, концепт кој е сличен на трговијата со луѓе но не и идентичен, за да се обезбеди адекватно спроведување на одредбата за продажбата на деца, која е содржана во Протоколот.

Национален акционен план

12.Комитетот ја забележува разработката на неколку акциони планови и програми во областите кои се релевантни за продажбата на деца, детската проституција и порнографија, вклучително и Националната стратегија за спречување на трговијата со луѓе и незаконските миграции, акциониот план за спречување на трговијата со луѓе (2006) и програма за ресоцијализација и реинтеграција на децата жртви на трговија со луѓе (2008). Меѓутоа, Комитетот е загрижен дека има слаба координација помеѓу овие планови и програми, и дека постои отсуство на стратегија или национален акционен план кои конкретно се однесуваат на прашањата опфатени со Факултативниот протокол.

13.Комитетот дава препорака дека државата членка треба да подготви национален акционен план кој конкретно се однесува на сите области кои се опфатени со Факултативниот протокол и обезбедување на соодветни човечки и финансиски ресурси за негова имплементација. Во тие заложби, државата членка треба посебно внимание да посвети на имплементацијата на сите одредби од Факултативниот протокол земајќи ја во предвид Декларацијата и Агендата за акција и Глобалната обврска усвоена на Првиот, вториот и третиот светски конгрес за спречување на сексуалната експлоатација кај децата, кои се одржаа во Стокхолм, Јокохама и Рио де Женеиро во 1996, 2001 и 2008  соодветно.

Координација и евалуација

14.Комитетот, иако ја забележува изјавата дадена од делегацијата дека Националната комисија за правата на детето има мандат да врши мониторинг на сите прашања поврзани со правата на детето, искажува загриженост дека оваа комисија нема посебен мандат во однос на имплементацијата на Факултативниот протокол. Комитетот забележува со загриженост дека мандатите на неколку агенции се преклопуваат во областа на координирањето, што резултира во фрагментиран пристап при имплементацијата на Факултативниот протокол, потоа во недостиг на препознатливи механизми за проценка на влијанијата од активностите, и постапување на приоритети за справување со трговијата наспроти другите забранети практики.

15.Комитетот ги дава следниве препораки на државата членка:

(a)Да се разгледа назначувањето на Националната комисија за правата на детето да биде одговорна за координација и евалуација на сите активности за имплементација на Факултативниот протокол и обезбедување на човечки, технички и финансиски ресурси за комисијата, како и незина соодветна позиција во владата за ефективно вршење на мандатот; и

(б)Зајакнување на институционалните механизми за координација помеѓу сите релевантни министерства, одделенија и тела помеѓу нив и регионалните и локалните власти, за да се креира системски и кохерентен пристап за справување со сите прашања кои се опфатени со Факултативниот протокол.

Дисеминација и подигнување на свеста

16.Иако се поздравуваат ативностите за подигање на свеста кои се спроведуваат помеѓу децата од страна на Министерството за внатрешни работи и други институции, Комитетот е загрижен дека тие се ограничени на спречување на трговијата со луѓе и дека Факултативниот протокол не се промовира доволно кај пошироката јавност и особено кај децата, како и кај агенциите кои го спроведуваат; како и постоење на отсуство на едукативни програми за децата.

17.Комитетот дава препорака на државата членка да врши дисеминација на Факултативниот протокол помеѓу агенциите кои вршат спроведување, како и запознавање на пошироката јавност и особено на децата со одредбите на протоколот, преку, меѓу другото, подготовка и спроведување на долгорочни кампањи за подигање на свеста и едукативни програми, вклучително и училишни наставни планови за превентивните мерки и штетните последици од сите прекршоци кои се опфатени со протоколот.

Обука

18.Комитетот поволно ги оценува бројните активности за обука, кои државата членка ги обезбедува во соработка со меѓународните, меѓувладините и невладините организации, и останатите. Сепак, Комитетот останува загрижен во однос на тоа дека заложбите за обезбедување на адекватна обука на професионалците кои работат со и за децата, особено за судиите, обвинителите, службениците кои го спроведуваат законот и социјалните работници, не се прават на систематски начин и не ги вклучуваат сите области кои се опфатени со Факултативниот протокол.

19.Комитетот дава препорака според која државата членка, во соработка со релевантните организации, ќе ги зајакне активностите за обука и ќе распредели соодветни и наменски ресурси за развој на програми за обука во сите области опфатени со Факултативниот протокол за сите групи на професии кои се вклучени во имплементацијата на протоколот, вклучително судии, јавни обвинители, полициски службеници, социјални работници, здравствени работници, и други категории на професии, како и медиумите.

Распределба на ресурси

20.Комитетот е загрижен околу отсуството на информации за ресурсите кои посебно се распределуваат за имплементацијата на Факултативниот протокол.

21.Комитетот ја охрабрува државата членка да обезбеди дека доволно ресурси се распределуваат на правична основа ширум земјата за имплементација на сите области кои се опфатени со Факултативниот протокол, особено преку обезбедување на потребните човечки и финансиски ресурси за подготовка и имплементација на програми кои имаат за цел превенција, заштита, физичко и психолошко закрепнување и социјална реинтеграција на жртвите, како и водење на истраги и покренување на обвиненија за сите прекршоци кои се опфатени со Факултативниот протокол.

Граѓанско општество

22.Иако се забележуваат плановите на државата членка да работи со ромски НВОи за справување со конкретни прашања, Комитетот со жалење констатира дека граѓанското општество не било консултирано за подготовките на првиот извештај и дека организациите на граѓанското општество, кои имаат развиено знаење и експертиза во областите кои се релевантни за Факултативниот протокол, не биле вклучени во дизајнирањето на политиките и во активностите за нивна имплементација.

23.Комитетот ја охрабрува државата членка да продолжи и да ја зајакнува својата соработка со граѓанското општество за сите прашања кои се однесуваат на имплементацијата на Факултативниот протокол, не само преку поддршка на НВОи во нивните напори да обезбедат соодветни услуги за децата жртви, туку и да се зголеми улогата на НВОи во развивањето и мониторингот на политиките и услугите.

IV. Превенција на продажбата на деца, детска проституција и детска порнографија
(член 9, став 1 и 2)

Усвоени мерки за спречување на прекршоците опфатени со Протоколот

24.Комитетот ги забележува заложбите кои ги преземаат властите на национално и локално ниво со цел да се спречат прекршоците во рамките на Факултативниот протокол. Меѓутоа, Комитетот е загрижен дека таргетираните превентивни мерки за спречување на експлоатацијата на децата, вклучително и нивното ангажирање во присилна работа, проституција и порнографија, како и мерките за идентификување на суштинските причини и опсег, остануваат да бидат ограничени. Комитетот е исто така загрижен дека превентивните мерки се ограничени на трговија со деца и дека центрите за социјална работа не се адекватно опремени за да спроведуваат активности за превенција и идентификација согласно на нивниот мандат.

25.Комитетот ја охрабрува државата членка да:

(a) Направи истражување за обемот и суштинските причини за експлоатација на децата, вклучително и проституција и порнографија кај децата, за да се идентификуваат децата кои се изложени на ризик и да се направи проценка на опсегот на овој проблем;

(б) Да преземе таргетирани превентивни мерки, вклучително и од аспект на изменетиот карактер на интеракциите кои се одвиваат преку интернет, и соработка со меѓународните меѓувладини и невладини организации во врска со спроведувањето на кампањи за подигање на свеста за сите области кои се опфатени со Факултативниот протокол; и

(в)  За целите на поефективна превенција во областите опфатени со Факултативниот протокол, да бара техничка помош меѓу другите и од УНИЦЕФ и други меѓународни организации и агенции.

26.Државата членка, преку релевантните агенции треба да ја зајакне соработката со индустријата за туризам, НВОи и граѓанското општество за да се промовира одговорен туризам, вклучително преку дисеминација на Кодексот на однесување на Светската туристичка организација за заштита на децата од сексуална експлоатација во патувањето и туризмот помеѓу сите релевантни партнери.

Програми наменети за одредени групи

27.Забележувајќи дека мнозинството на пријавени случаи на деца жртви на практиките опфатени со Факултативниот протокол се девојчиња, од кои повеќето се од ромска националност, Комитетот со жалење констатира дека постои отсуство на мерки и програми кои се наменети за вулнерабилните деца, особено девојчињата, децата од ромска националност, децата кои се на улица, децата кои се институционално згрижени, децата помеѓу бегалците и лицата под субсидиарна заштита, и деца кои не се придружувани и деца кои се разделени.

28.Комитетот ја охрабрува државата членка да посвети особено внимание посебно на децата кои се изложени на ризик да станат жртви на прекршоците опфатени со Фаултативниот протокол, особено децата од ромска националност, децата на улица, децата кои се институционално згрижени, децата помеѓу бегалците и лицата под субсидиарна заштита, и децата кои не се придружувани и кои се разделени, со посебно внимание на нивното регистрирање при раѓањето, едукацијата и здравствената заштита.


V. Забрана за продажба на деца, детска порнографија и детска проституција и поврзани прашања (член 3; 4, став 2 и 3; 5; 6 и 7)

Постоечки кривични или казнени закони и регулативи

29.Иако поволно се оценуваат измените и дополненијата на Кривичниот законик од аспект на инкорпорирање на одредбите од Факултативниот протокол, имено вметнувањето на Член 418-д (трговија со малолетни лица), Комитетот е загрижен дека продажбата на децата, како што се дефинира со Член 3 од Факултативниот протокол, не е криминализирана. Во тој поглед, Комитетот е загрижен дека ангажирањето на децата во присилна работа и несоодветното добивање на согласност за посвојување на дете не се процесираат по судски пат како случаи на продажба на деца. Иако беа забележани позитивните информации дадени од страна на делегацијата на државата членка, сепак Комитетот е загрижен дека..

КОМИСИЈА ЗА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО

РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИЗВЕШТАИТЕ ПОДНЕСЕНИ ОД ДРЖАВИТЕ ЧЛЕНКИ СПОРЕД ЧЛЕН 8 ОД  ФАКУЛТАТИВНИОТ ПРОТОКОЛ КОН КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО ЗА ВКЛУЧЕНОСТА НА ДЕЦАТА ВО ВООРУЖЕН КОНФЛИКТ

Завршни забелешки:
Поранешна Југословенска Република Македонија

1.Комитетот го разгледа првиот извештај на поранешна Југословенска Република Македонија (CRC/C/OPAC/MKD/1) на 1512-та средба, која се одржа на 28 мај 2010 (CRC/C/SR.1512) и ги усвои следниве завршни забелешки на својата 1541-ва средба, која се одржа на 11 јуни:

Вовед

2.Комитетот го поздравува поднесувањето на првиот извештај од страна на државата членка во рамките на Факултативниот протокол и писмените одговори на дадената листа на прашања. Комитетот го цени дијалогот кој се одржа со високата делегација од повеќе сектори на државата членка, која ја предводеше министерот за труд и социјална политика.

3.Комитетот ја потсеќа државата членка дека овие завршни забелешки треба да се читаат заедно со завршните забелешки кои беа усвоени во врска со вториот периодичен извештај на државата членка согласно на Конвенцијата на правата на детето и првиот извештај за Факултативниот протокол за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија усвоен на 11 јуни 2010, кои се соодветно содржани во CRC/C/MKD/CO/2 и CRC/C/OPSC/MKD/CO/1.

Позитивни аспекти

4.Комитетот поволно ја оценува изјавата дадена во времето на ратификувањето од страна на државата членка дека според националното законодавство не постојат можности, ниту на задолжителна или доброволна основа, да се рерутира било кое лице кое нема наполнето 18 години за воена служба, и дека со Член 62 од Законот за одбрана се пропишува дека лицата кои се регрутирани за отслужување на воен рок се упатуваат во воена служба само откако ќе наполнат 19 години.

5.Комитетот го поздравува ратификувањето или пристапувањето на државата членка кон следниве меѓународни механизми:

(a)Протокол за спречување на незаконско производство и трговија со огнено оружје, делови или компоненти на тоа оружје и муниција, со што се дополнува Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против транснационалниот организиран криминал од 14 септември 2007;

(б)      Конвенцијата Бр. 182 на МОТ во врска со Забраната и моменталното дејствување за елиминација на најлошите форми на детски труд од 30 мај 2002; и

(в)        Римскиот статут на меѓународниот кривичен суд од 6 март 2002.

I. Општи мерки за имплементација

Дисеминација и обука

6.Забележувајќи дека кампањите главно се спроведуваат од страна на НВОи, Комитетот искажува загриженост дека државата членка не вложува доволно напори за дисеминација на Факултативниот протокол помеѓу релевантните групи на професии. Покрај тоа, Комитетот искажува загриженост дека државата членка не организира обуки кои конкретно се однесуваат на одредбите од Факултативниот протокол.

7.Во врска со член 6, став 2, од Факултативниот протокол, Комитетот дава препорака  за државата членка да се осигура дека се врши опсежна дисеминација на принципите и одредбите на Факултативниот протокол во пошироката јавност и помеѓу децата. Комитетот исто така дава препорака дека треба да се понуди соодветна обука за човековите права, особено за одредбите на Факултативниот протокол, на сите релевантни групи на професии, особено на вооружените сили и припадниците на меѓународните мировни мисии, службениците кои го спроведуваат законот и службениците за миграции, и социјалните работници.

II. Превенција

Мировна едукација

8.Комитетот искажува загриженост дека не постојат програми во кои на систематски начин се вклучува мировна едукација во наставните планови на училиштата. Во поглед на општата забелешка Бр. 1 (2001) во  врска со целите на образованието, Комитетот дава препорака на државата членка да вложи напори за вклучување на мировната едукација во училишните наставни планови, со посебно упатување на кривичните дела опфатени со Факултативниот протокол.

III. Забрана и сродни прашања

Кривични закони и регулатива кои се на сила

9.Комитетот забележува дека се позитивни заложбите на државата членка околу интегрирањето на Факултативниот протокол во релевантното законодавство. Забележувајќи дека воените и паравоените групации кои не се дел од вооружените сили се забранети со Член 20 (4) од Уставот, Комитетот со жалење констатира дека регрутирањето или користењето во воена состојба на лица помлади од 18 години од страна на вооружените групации освен вооружените сили не е конкретно забрането или криминализирано.

10.Во врска со Член 4, Комитетот дава препорака според која државата членка треба да го менува законодавството за да се обезбеди сигурност дека регрутирањето и употребата во воена состојба на лица кои се помлади од 18 години од страна на вооружените групации освен вооружените сили е конкретно забрането и се криминализира.

Јурисдикција и екстрадиција

11.Комитетот ја забележа информацијата за можноста да се воспостави екстратериторијална јурисдикција во случаите на присилно регрутирање и вклученост во воена состојба на лице кое е под 18 годишна возраст, доколку тоа е направено од страна на или против некој од своите државјани. Меѓутоа, искажува загриженост дека казнените законите не дозволуваат ектратериторијална екстрадискција за сите случаи кои се наведени под член 4 (2) од Факултативниот протокол. Исто така, Комитетот е загрижен дека екстратериторијалната јурисдикција подлежи на критериумот на двоен криминалитет и дека екстрадицијата подлежи на постоење на билатерален договор.

12.Комитетот дава препорака на државата членка да преземе чекори со кои ќе се осигура дека домашното законодавство дозволува да се воспостави и спроведува екстратериторијална јурисдикција за воени злодела во врска со регрутирање и повикување во војска на деца во воена состојба, исто така земајќи ги во предвид релевантните меѓународни меѓународни инструменти на кои државата е членка, вклучително и Римскиот статус на меѓународниот кривичен суд, и исто така препорачува воспоставување на екстратериторијална јурисдикција за кривични дела согласно на Факултативниот протокол без критериум за двоен криминалитет. Комитетот исто така дава препорака дека државата членка треба да го разгледа Факултативниот протокол да биде законска основа за екстрадиција без условот за постоење на билатерални договори.

IV. Заштита, закрепнување и реинтеграција

13.Комитетот поволно ја оценува тековната соработка со УНХЦР и измените и дополненијата на Законот за азил и привремена заштита, во кој се одразуваат најдобрите интереси на детето како примарен аспект и форми на обвиненија кои се по мерка на детето и полот, како фактор при разгледувањето на пријавите за азил; и воведувањето на обврска да се постави приоритет за влегување во трага на членовите на семејството. Меѓутоа, Комитетот е загрижен дека и покрај тоа што не е идентификувано ниту едно дете војник, постојат неколку деца бегалци и деца кои бараат азил кои доаѓаат од земји каде што децата се вклучени во вооружен конфликт. Исто така, Комитетот е загрижен во врска со отсуството на информации за механизми за идентификување на децата кои биле вклучени во вооружен конфликт, како и последователно дејствување за деца кои се непридружени и деца кои се разделени откако ќе ги напуштат приемните центри.

14.Комитетот дава препорака на државата членка да продолжи да соработува со партнерите, вклучително со УНХЦР, и да ги спроведува одредбите од Законот за азил и привремена заштита во однос на разгледувањето на пријавите за азил и наоѓање на семејствата. Покрај тоа, Комитетот дава препорака дека државата членка треба да воспостави механизми со кои ќе се идентификуваат децата кои биле вклучени во вооружен конфликт за да се обезбеди адекватна заштита, закрепнување и реинтеграција и воспоставување на механизам за последователни активности за деца кои се без придружба и се разделени откако ќе го напуштат приемниот центар.

15.Иако ги поздравува одредбите во Законот за детска заштита, според измените и дополненијата од 2009, со кој децата во вооружените конфликти имаат право на закрепнување, рехабилитација и реинтеграција, Комитетот е сепак загрижен дека релевантните власти може не располагаат со капацитет и обученост за обезбедување на посебна грижа и помош за закрепнување и реинтеграција на идентификуваните деца жртви.

16.Во врска со Член 6 (3) од Факултативниот протокол, Комитетот дава препорака дека државата членка треба да развива протоколи и специјализирани услуги со кои децата жртви ќе добиваат соодветна помош за нивното физичко и психолошко закрепнување и социјална реинтеграција.

V.Меѓународна помош и соработка

Меѓународна помош и соработка

17.Комитетот поволно ја оценува соработката на државата членка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и придонесот на државата членка за меѓународните мировни заложби. Комитетот ја охрабрува државата членка да ги поддржи мултилатералните и билатералните активности во врска со правата на детето вклучено во вооружен конфликт, особено преку промовирање на превентивни мерки како и физичко и психолошко закрепнување и социјална реинтеграција на децата жртви на дела кои се спротивни на Факултативниот протокол.

Извоз на оружје

18.Комитетот со жалење констатира дека има отсуство на информации во националното законодавство со кои се забранува трговија и извоз на мало и лесно оружје, како и воена помош за земјите каде децата се или биле вклучени во вооружен конфликт. Комитетот исто така е загрижен во однос на неодамнешните извештаи за криумчарење на оружје во соседниот регион.

19.Комитетот ја охрабрува државата членка да ги зајакне активностите кои се однесуваат на имплементацијата на Факултативниот протокол, и особено да направи преглед на законодавството за да се обезбеди:

(a)Експлицитна забрана на трговија и извоз на мало и лесно оружје за земјите каде се знае дека децата биле вклучени во вооружен конфликт; и

(б)Дека незаконските активности, вклучително и производство и трговија на мало и лесно оружје, се криминализираат, дека се води евиденција и оружјето се означува, притоа во предвид земајќи го Протоколот за спречување на незаконското производство и трговија со огнено оружје, негови делови и компоненти и муниција, како дополнение на Конвенцијата на Обединетите Нации за спречување на транснационалниот организиран криминал.

VII. Последователни активности и дисеминација

20.Комитетот препорачува на државата членка да ги преземе сите соодветни мерки за да се осигура целосно спроведување на дадените препораки, меѓу другото, преку нивно пренесување до Собранието, до Националната комисија за правата на детето, до Министерството за одбрана и до Министерството за образование, и до сите релевантни министерства, национални и локални власти за нивно соодветно разгледување и понатамошно дејствување.

21.Комитетот дава препорака дека завшните забелешки кои се усвоени од страна на Комитетот да бидат ставени на располагање на пошироката јавност и на децата, особено за да се поттикне дебата и свесност за Факултативниот протокол, неговата имплементација и мониторинг.

VIII. Следен извештај

22.Согласно на Член 8, став 2, Комитетот бара од државата членка да вклучи дополнителни информации за имплементацијата на Факултативниот протокол во својот следен периодичен извешатај според Конвенцијата на правата на детето, и согласно на член 44 од Конвенцијата.