Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.38

Има закон, нема заштита за децатаТрговија со деца, насилство во училиштата и во семејството, злоупотреба на детскиот труд, живот на улица... Секоја година расте бројот на претставки и пријави за кршење на правата на децата. Надлежните институции и натаму тврдат дека децата не си ги знаат правата и оти голем број случаи остануваат неоткриени. Незнаењето, но и нецелосното спроведување на законите се причина децата да не бидат заштитени колку што треба. Со овие констатации е означен вчерашниот Меѓународен ден на детето.

Во Првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека и покрај многубројните обиди за подобрување на правата на децата и многубројните законски измени и дополнувања, се' уште правата на децата не се во целост заштитени.

Народниот правобранител ги посетува училиштата и се труди да ги запознае децата со нивните права.

- Со измените на Законот за народниот правобранител децата сами може да поднесат до нас претставки за кршење на нивните права. Но, тоа досега не се случило. Главно тоа во нивно име го прават нивните родители - вели Невенка Крушаровска, заменик-народен правобранител кој работи токму на оваа проблематика.

Таа смета дека бројот на претставки за насилство врз децата во семејството и во училиштата расте од година во година.

- Особено расте бројот на претставките за физичко насилство врз децата во училиштата. Но, училиштата често не преземаат мерки да ги санкционираат ваквите појави и не поднесуваат кривични пријави, па некогаш тоа го правиме ние, а некогаш го известуваме Државниот просветен инспекторат, кој поднесува пријави и против наставникот што извршил насилство, но и против училиштето што не презело мерки - вели таа.

Психичкото насилство врз децата во училиштата е веројатно почесто, но тешко се докажува. Иста е состојбата и со насилството во семејството. До докази за физичко насилство полесно се доаѓа.

- Проблем имаме со судовите, кои бараат цврсти докази за да изречат времена мерка - одземање на детето. Сме имале еден до два случаи на сексуално насилство во семејството кога судот го одзел родителското право - вели Крушаровска.

Злоупотребата на детскиот труд најчесто останува непријавена и неказнета. Родителите ги тераат децата да работат. Правобранителството бара децата на улица да влезат во посебна категорија на заштита, како и да се отворат посебни центри во кои би се третирале децата зависници од дроги, но и трговијата со деца. Во Македонија секоја година повеќе 1.000 деца се жртви на полови напади, а извршители се нивните родители, пријатели или соседи. Статистики за тепани деца - нема. Околу 18.000 деца до 18 години не одат на училиште. Околу 2.000 деца се на улица и тие најчесто се жртви на најлошите форми на злоупотреба. Исклучени од воспитно-образовниот процес, тие се најчести жртви на сексуална злоупотреба, на педофилија, трговија со деца и деца чиј труд се злоупотребува. (Н.Н.С.)

http://www.dnevnik.mk/?itemID=E121108CAAAFE646A411200480D6B15C&arc=1