Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.38


Дипломатот од ОБСЕ имал 30.000 педофилски фотографии

Над 30.000 педофилски фотографии и огромен број порно-клипови со педофилска содржина се пронајдени во компјутерот на Норвежанец кој работел како функционер во Мисијата на ОБСЕ во Македонија.

МВР вчера, по истрага што траеше две недели, поднесе кривична пријава против него за поседување педофилска содржина во неговиот компјутер. Засега ниту едно дете од Македонија не е идентификувано од фотографиите и од видеоматеријалите.

Норвежанецот е недостапен за органите на прогонот бидејќи ја напуштил земјава веднаш откако дознал дека се води истрага против него. Тој поседува дипломатска лична карта, која му е издадена од Министерството за надворешни работи, а ужива функционален имунитет.

Не е јасно како полицијата го пуштила да си замине од државава иако дента кога е извршен претресот и кога се пронајдени компјутерите со педофилски материјали, тој бил во станот во Скопје. Норвежанецот живеел во вонбрачна заедница со Македонка. Таа не била инволвирана во криминалот.

Сега МВР проверува дали странецот бил дел од голема педофилска мрежа. Тој имал над 150 гигабајти порнографски материјал во својот компјутер. Главно го симнувал од интернет-страници што нудат ваква содржина. Од неодамна во Македонија поседувањето материјали со педофилска содржина е кривично дело.

За случајот медиумите беа информирани преку анонимно писмо во кое се тврдеше дека Норвежанецот е вмешан во педофилски скандал. За случајот, анонимен повик добиле и во Детската амбасада „Меѓаши“.

Неколку дена МВР молчеше за случајот, а од канцеларијата на ОБСЕ се оградуваа дека за тоа е надлежна македонската полиција. (А.М.)
  
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=92D109D1D3B90A4DB12D96CDAA6E3D94