Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35

Пораст на сексуалната злоупотреба на малолетници од родителитеЈавноста секојдневно останува вчудовидена од честите и грозоморни случаи на родосквернавење и педофилија, чијшто број се зголемува од ден на ден. Никој не остана рамнодушен по откривањето и обелоденувањето на трагичната судбина на 16 годишното девојче, кое по неколкумесечните сексуални злоупотребувања забремени од сопствениот татко, како и од страшната судбина на мајката која беше злоставувана од својот син, кој во алкохолизирана состојба ја малтретирал и сексуално ја злоупотребувал својата мајка

Научните истражувања досега не откриле како еден човек станува сексуален злосторник врз сопствените деца. Во прашање е патолошка појава, смета невропсихијатарот Антони Новотни.
Педофилството и родосквернавењето е појава што се повторува, објаснува д-р Новотни.
„Сторителите на такви полови злоупотреби се со извитоперени мисли во главите. Една од основните причини е ненаоѓање интерност со возрасен сексуален партнер“вели д-р Новотни.

Јозеф Фрицал ја шокира светската јавност- „Фрицли“ и во Колумбија, Италија...
Во текот на судењето на австрискиот монструм Јозеф Фрицал, сите  странски и домашни медиуми редовно пишуваа за инцестот на Фрицл и седумте деца што ги ги имаше со неговата ќерка Елизабет. Како и што се очекуваше, австрискиот монструм Јозеф Фрицл е осуден на доживотна казна затвор, која ќе ја издржува во психијатриска установа.
Поротата едногласно го прогласила за виновен за инцест, силување, злоставување, држење во заточеништво и за убиство на едно од седумте деца кои ги имал со својата ќерка Елизабет, која 24 години ја држел заклучена во визбата од семејната куќа.
Согласно судската одлука, остатокот од својот живот, 73-годишниот Фрицл ќе го помине во институција за ментално здравје, откако неговиот психијатар предупреди дека се чувствувал „роден да силува“.
Во Италија, пак, татко верувал дека негово право е да ја злоупотребува својата ќерка и тоа верување го пренел на својот син, кој пак ја силувал својата сестра и сопствните деца. Човекот кој медиумите го нарекоа италијански Фрицл, својата ќерка ја затворил во соба без прозорци и ја силувал 25 години.
Полицијата не открила многу од случајот, но соопштила дека девојката 25 години била сексуално малтретирана, и држена во заробеништво од нејзиниот брат и од таткото. Италијанските медиуми објавуваат дека жртвата, кој е наречена како „Лаура“, сега има 34 години и се наоѓа на психијатриски третман. Лаура го открила овој случај на полициските службеници, во кој се верува дека синот е осомничен и за сексуална злоупотреба на четири деца кој ги родила Лаура. Се смета дека со сексуалното злоупотребување е започнато кога имала девет години. Лаура имала многу мало образование и била присилена да живее во замрачена соба без струја, кој можела да ја напушти собата само со одобрение на нејзиниот татко. Исто така полицијата открила дека нејзиниот брат, сексуално ги злоупотребувал децата на возраст од шест, осум, 12 и 20 години, кои ги принудувал да гледаат како ја злоупотребува својата сестра.
Ваков случај на повеќегодишно родосквернавење беше отркиен и во Колумбија. 
Пронајден македонскиот Фрицл

Во Невропсихијатриската болница во Демир Хисар се наоѓа 48-годишниот Бајрам. В, кој според полицијата, ја силувал и забременил сопствената 16-годишна ќерка со нарушено ментално здравје.
Полицијата вчера таму го пронашла македонскиот Фрицл кој бил на лекување од 26 јануари годинава.
Според лекарите, Бајрам четири пати бил хоспитализиран во болницата. Прв пат во 2006 година, два пати во 2007. и четвртиот, последен пат, во февруари лани.
„Од тогаш, пак, цело време е во болницава, со тоа што добива повремени терапевтски викенди и во повеќе наврати беше пуштен во домашна средина, затоа што се однесува во границите на дозволеното однесување“, вели Лазе Кузмановски, директор на болницата во Демир Хисар.
Таткото силувач во болницата не зборувал за овој случај.
„Се работи за емоционално незрела личност, со пореметувања во личноста и со симптоматски алкохолизам, кој што нормално и натаму треба да се третира“, додава Кузмановски.

Како се справуваме со родосквернавењето
Новинската агенција Аssociated Press во контекст на ваквите случаи донесе поширок напис за тоа како земјите на Европската Унија ги третираат инцестните односи и наидоа на изненадувачко откритие дека инцестините сексуални односи кои биле од обострана желба меѓу полнолетни лица во Франција, Шпанија и Португалија не подлегнуваат на казнен процес.
Сите други инцестни сексуални односи, како што е со сопственото малолетно дете со закон се забранети и подлегнууваат на казнен процес.
Во Република Македонија за силување и инцест со измената на кривичниот законик судот одлучува од минимум десет години затвор и максимална казна доживотен затвор.
Со цел спечување на родосквернавењето МВР во соработка со Француската амбасада работи на проект на едукација на инспектори за малолетничка деликвенција, исклучиво што ќе работат на расчистување на случаи  на сексуални деликти и на Правилник за водење разговор со дете кое било жртва на сексуален деликт.
Психолозите објаснуваат дека и родосквернавењето постои одамна, но овие потресни приказни останувале затворени во кругот на семејството. Денес се поотворено и полесно се обелоденува овој проблем, од што во јавноста се добива впечаток дека ситуацијата е веќе загрижувачка. - Состојбата одамна е алармантна, но сега сме посвесни за овој феномен бидејќи и децата што се жртви, но и нивните најблиски, се почесто се охрабруваат да зборуваат за проблемот, кој веќе не е табу-тема. Тоа е сигнал дека се прави чекор напред кон решавањето на овој проблем - сметаат психолози.
Според Секторот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи и Заводот за статистика  во последниве три месеци во државава регистрирани се четири дела „родосквернавење“ или инцест. Два случаи се регистрирани во Скопје, едно во Струмица и едно во Велес.
„Оваа појава годинава доби загрижувачки размери, бидејќи само за три месеци регистрирани се четири дела, додека изминативе години вообичаено беа регистрирани по три или помалку дела во текот на цела година“, вели Лилјана Јаковчевска, виш полициски советник за малолетничка деликвенција во МВР.
Сепак бројот на пријавените случаи се разликува од вистинскиот број на секслуално малтертирани деца. Повеќето од тоа што се случува останува прикриено или целосно сокриено.
„Анализирајќи ги делата можеме да заклучиме дека според начинот на извршување сторителите најчесто половите злоупотреби ги вршеле со употреба на физичка сила и искористувње на физичката немоќ на децата или нивната подредена позиција“, вели Јаковчевска.

Децата останвуаат сами и незаштитени
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ реагира на како што посочуваат се позачестените случаи на родосквернавење и сексуално злоставување на децата во Македонија и несоодветниот третман на децата жртви на инцест и педофилија.
„Децата жртви на родосквернавење, по обелоденувањето остануваат сами на себе, во уште покомплицирана семејна ситуација. Обично остануваат со другиот родител кој понекогаш не сака да се соочи со вистината и да го признае насилството, па поради најразличните проблеми, манифестира насилно однесување сакајќи да го казни сметајќи го како причина за новонастаната ситуација во семејството. Кај детето жртва се мултиплицира почетниот проблем соочувајќи се со низа нови сериозни проблеми меѓу кои сослушувањата лице во лице со злоставувачот, кои ја прават траумата уште подлабока. Наместо да биде охрабрено за тоа што не молчи, детето станува осудено за својата искреност отфрлено е од семејството и стигматизирано од средината во која живее. Неможејќи да се справи со целата ситуација, траумата ја закопува длабоко во себе, загрижено е за иднината на целото семејство, дури и за родителот силувач дали тој ќе оди во затвор или не. На крајот детето ја повлекува изјавата!,“, велат од Меѓаши.

Објавено на: 07.05.2009 15:39:05
Автор: Бојана Димитријевска

http://forum.com.mk/_tools/print/2536/article