Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.35


Институциите затечени од случајот на силуваните сестрички

Грозоморниот случај со двете малолетни девојчиња што три месеци биле жртви на сексуалната настраност на својот татко, како да ги затече надлежните институции, па вчера неубедливо се оградува од одговорноста за инцидентот. Првата детска амбасада „Меѓаши“ вината за целиот случај ја побара во скопскиот центар за социјални работи (ЦСР) преку кој одело згрижувањето на двете девојчиња во интернатот во скопското село Љубанци.

- Одговорноста за целиот случај ја бараме од ЦСР. Како е можно да не ги земат предвид информациите од МВР дека таткото на девојчињата има дебело полициско досие и е регистриран алкохоличар. Имајќи ги предвид ваквите сознанија, зошто Центарот веднаш не презел никаква постапка за одземање на родителското право -обвинува Драги Змијанац, извршен директор на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, пак, велат дека тие направиле с? што е во нивна надлежност.

По барање на родителите пред две години ги сместиле девојчињата во интернатот, но никој не можел да претпостави дека децата ќе бидат жртви на родителско насилство.

- Децата кај нас беа сместени по барање на родителите оти поради сиромаштија не можеле да им ги обезбедат основните услови за живот и развој. Ние ги сместивме децата во интернатот, каде што престојуваа и учеа од понеделник до петок, како и другите деца. За викенд си одеа дома. Никој не можеше да претпостави оти таткото ќе постапи како што постапил во случајов и целата одговорност треба да биде негова - изјави Крсто Мањановски, директор за скопскиот центар за социјални работи.

Според Државниот инспекторат за труд и социјала, децата биле сместени во социјална установа, а во тек била и постапката за одземање на родителското право и на таткото-монструм и на мајката, која не била вмешана во случајот, но сепак има голем дел од одговорноста за судбината на своите чеда.

Сепак никој од нив не може да каже дали социјалните работници имале увид во криминалното досие на таткото-монструм и зошто не презеле ништо за да ги заштитат децата.

- Веројатно социјалните работници главно се воделе од линијата на сиромаштија, но треба да се види дали тие вршеле редовни посети кај родителите на девојчињата- изјави Душко Миновски, државен инспектор во Министерството за труд и социјална политика.

Како што информиравме, скопската полиција викендов го приведе таткото- монструм, кој заедно со негов пријател три месеци за време на викендите сексуално се изживувал врз двете, седум и осумгодишна, сестрички.


Б.З.


Nova Makedonija, 17.3.2009

 

http://www.novamakedonija.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=2&fCat=1&top=1&EditionID=343&ArticleID=20398