Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34

Реакција во врска со написот лиферуван од Првата детска амбасада ,,Меѓаши,, Министерството за труд и социјална политика информира дека семејството за кое што станува збор во написот е добро познато на Центарот за социјална работа во Берово, како и на органите за внатрешни работи на територијата на Општина Берово, поради нарушени семејни односи. Имено, таткото на малолетните деца конзумира алкохол и против него има повеќе прекршочни пријави за нарушување на јавниот ред и мир и за предизвикување и учество во тепачка. Ова семејство на Центарот за социјална работа-Берово му е познато од 2005 година, по тоа што постапувало за заштита на мајката и децата од семејно насилство извршено од страна на таткото.

Првиот обид за покренување на постапка за семејно насилство бил спречен од страна на мајката која ја повлекла согласноста за започнување на постапка пред надлежниот суд.  Меѓутоа, насилството во семејството продолжува и понатаму и ескалира на 31.10. 2008 година кога од страна на Центарот за социјална работа-Берово е поведена постапка пред судот со барање за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство, со предлог мерка за задолжително лекување од алкохол на таткото и сместување во невропсихијатриската болница во Бардовци и забрана да ја малтретира физички, емотивно и сексуално сопругата, како и забрана емотивно да ги малтретира двете малолетни деца кои биле сведоци на злоставувањето на мајката.

Паралелно со тоа, мајката со малолетните деца од 3.11. 2008 година е сместена во Шелтер центарот во Кочани од каде што на 7.11.2008 година мајката самоволно излегува заедно со двете малолетни деца и се враќа кај сопругот. Насилството во семејството продолжува, а на 4.12.2008 година мајката е примена во болницата во Пехчево со исказ дека наводно се повредила во стомакот со нож поправајќи го прозорецот.

Поради сите овие настани, Центарот за социјална работа-Берово заради заштита на малолетните деца на 5.12.2008 година, ги сместува во Домот за деца без родители ,,11 Октомври,,. Согласно со возраста децата се сместени во соодветни воспитни групи и се вклучени во воспитно образовниот процес. Во текот на адаптацијата децата се под постојан надзор и опсервација од страна на стручниот тим на Домот. Од страна  на Центарот за социјална работа-Берово децата се посетени неколку пати  за да се утврди како тече нивната адаптација.

При последната посета на социјалниот работник направена на 19.12.2008 година малолетникот не дал никакви индикации дека е малтретиран од страна на воспитувачите во Домот и не наговестил дека има било какви проблеми. Стручните служби забележале дека детето тагува по домот, но и дека го прифаќа објаснувањето дека ќе се врати дома тогаш кога ќе се создадат услови за нормално функционирање на неговото семејство. И покрај тоа, детето постојано прашувало кога ќе си оди дома и дали Новата Година ќе ја пречека во Домот или со родителите.

На 22.12.2008 година малолетникот бега од училиште со образложение дека го боли стомакот и наместо во домот,  се упатува во Пехчево. Вработените во Домот за деца без родители ,,11 Октовмри,, изјавија дека децата се соодветно згрижени дека врз нив не е вршено никакво насилство. На 23.12.2008 година, пак, мајката се обидува да го грабне и девојчето сместено во Домот.

Центарот за социјална работа во Берово смета дека заштитата на децата е неопходна и дека тие треба да бидат надвор од семејството  се додека не се средат односите во самото семејство. Стручниот тим на Центарот смета дека родителите не ги извршуваат родителските должности и дека во континуирано подолг период децата се посредни жртви на семејно насилство, поради што подолг временски период Центарот врши надзор на вршењето на родителското право, со намера доколку постои основа да се покрене постапка пред суд за одземање на родителското правото на двата родитела.    

Министерството за труд и социјална политика, ќе го разгледа внимателно случајот и доколку утврди одредени пропусти во работењето на институциите ќе преземе соодветни мерки.