Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34

По братчето, и сестричката побегна од Домот „11 Октомври“Двете деца се кај своите родители во Пехчево, од кои беа одземени пред еден и пол месец

Горан Адамовски

Деветгодишно девојче од Пехчево завчера побегна од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје и со такси-возило успеало да стигне во домот на своите родители во Пехчево. Девојчето е сестра на 11-годишното момче, кое пред Нова година, исто така, побегна од Домот и отиде кај мајка си. Така, мајката Оливера, на која вчера и' беше роденден, е пресреќна што по долго време кај себе ги има двете деца. Од детската амбасада „Меѓаши“ укажуваат дека и девојчето, како и нејзиниот брат, било тепано и малтретирано од воспитувачите во Домот. Надлежните, пак, велат дека ќе го истражуваат случајот. Децата сега се дома во Пехчево.

„Денеска е мојот најсреќен ден. По 47 дена, во својата прегратка ги имам двете дечиња“, вчера ни изјави мајката Оливера. Солзи на очи и' доаѓаа само кога ќе се сетеше дека двете деца и' беа одземени на 4 декември лани додека се враќале од училиште. Надлежните укажуваа дека децата биле одземени поради семејно насилство од таткото-алкохоличар, кој, наводно, ја малтретирал сопругата, а страдале и децата.

Деветгодишното девојче го искористило првиот училиштен ден од второто полугодие и место во Домот, отишла кај своите родители во Пехчево.

„Девојчето ни потврди дека било физички малтретирано од една од воспитувачките и од еден штитеник“, велат од „Меѓаши“. Тие укажуваа дека и постарото братче, кое имало тумор на мочниот меур, било тепано секогаш кога ќе посакало да се јави кај мајка си.

„Ми се закануваат дека ако не ги дадам децата во Дом, ќе ни го одзеле родителското право. Да сме потпишеле некој документ, со кој доброволно ќе сме се откажале, ама децата ќе ми ги земат - само преку мене мртва“, вели Оливера.

Од „Меѓаши“ велат дека во изминатиот месец никој не го посетил семејството. Во детската амбасада се фрапирани од фактот дека децата биле однесени во Дом, бидејќи тоа е последна мерка со која треба да се пристапи.

„Дури и да се точни изјавите на надлежните дека таткото бил алкохоличар и ги малтретирал блиските, а тоа децата и мајката го демантираат, тогаш од семејството треба да се отстрани насилникот, а не да се одземат децата“, укажуваат од „Меѓаши“.

Министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, при вчерашната посета во Битола, изјави дека допрва ќе го испитуваат случајот. Затоа, пак, Министерството го испитало првиот случај, односно бегството на братчето. Според наодите од лекарите и стручната комисија што била формирана поради бегството, момчето било здраво, а став на Центарот за социјални работи бил момчето да остане кај своите биолошки родители до крајот на зимскиот распуст. За случајот е информирана и канцеларијата на народниот правобранител, која се' уште го истражува случајот.

Во „Меѓаши“ потсетуваат дека ова е трето бегство на штитеници од „11 Октомври“ во изминатите шест месеци.

„Бара(в)ме и преземање на одговорност од раководството на Детскиот дом за нивната негрижа за двете деца, кои минатото лето беа исчезнати, а едно од нив беше 23 дена во заложништво и на најсвиреп начин малтретирано и силувано од педофилот Јове Костадиновски (40) од селото Шашаварлија, Штипско. Тогаш, како и со случајот со 11-годишното момче од Пехчево, никој од раководството на Домот не презеде одговорност“, укажуваат од „Меѓаши“.

Utrinski vesnik, 22.1.2009

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=30F83179A18E914F9023178DE31C6B6A