Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34

Народниот правобранител одговори на писмената преставка на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Република Македонија во врска со случајот на Агуш Салиоски.
Во одговорот се вели:

„Министерството за здравство го известило Народниот правобранител дека при стручниот надзор Комисијата утврдила и стручни пропусти, односно не била навреме извршена хируршка обработка на раната, ненавремено биле регистрирани промените на состојбата на раката на детето, гипсот не бил отстранет во целост,...“
 
Народниот правобранител во врска со претставката која Првата детска амбасада во светот- Меѓаши на 25.11.2008 год. ја достави во која укажавме на повреда на осумгодишното дете Агуш Салиоски од Прилеп кое, според кажувањето на неговите родители, наводно поради лекарска негрижа, ја изгубило левата подлактица. Народниот правобранител ни испрати извесувања во два наврати.

Во првото известување на 05.12.2008 година се вели дека Народниот правобранител согласно член 24 од Законот за народен поравобранител, се обратил до Министерството за здравство и притоа побарал да биде известен дали Министерството формирало комисија за испитување на случајот на малолетното дете, дали е извршен стручен надзор од страна на Комисијата и што е при тоа констатирано. Во зависност од одговорот на Министерството, Народниот правобранител ќе одлучи за натамошниот тек на постапката по поднесената претставка од наша страна.

 Во второто известување што ни го испрати Народниот правобранител на  27.02.2009 год. се вели дека „... Министерството за здравство го известило Народниот правобранител дека при стручниот надзор Комисијата утврдила и стручни пропусти, односно не била навреме извршена хируршка обработка на раната, ненавремено биле регистрирани промените на состојбата на раката на детето, гипсот не бил отстранет во целост, а што би било логично со оглед на болките и покачената температура, поради што Комисијата изразила мислење дека треба да се бара одговорност во организацијата на работата за која биле задолжени стручниот директорот на болницата, раководителот на Одделот за ортопедија и трауматологија, како и лекарите кои биле инволвирани во случајот, односно лекарите кои го извршиле визитирањето и го лекувале детето на 11, 12 и 13 септември 2008 година. Со оглед на тоа што Народниот правобранител утврдил дека при стручниот надзор се утврдени пропусти во лекувањето на детето во натамошното постапување побарал известување дали се преземени мерки за одговорност согласно наведените констатации од Комисијата, при што е информиран дека извештајот од стручниот надзор на Комисијата е доставен до Основното јавно обвинителство во Прилеп заради натамошно постапување, односно заради евентуално покренување кривична постапка.“

Понатаму во известувањето се вели „Имајќи го предвид изнесеното, односно со оглед на тоа што во конкретниот случај е извршен стручен надзор за лекувањето и третманот на детето и врз основа на констатациите на Комисијата е поднесена пријава до надлежното јавно обвинителство, кое во со закон определена постапка треба да утврди дали има елементи на кривична одговорност на сите инволвирани лица кои направиле одредени пропусти, Народниот правобранител во моментот нема можност да преземе други мерки, поради што согласно член 35 од Законот за народен правобранител, ја завршува постапката по поднесената претставка“.