Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34


Ќотекот и натаму популарна „воспитна мерка“ за децата во Македонија


вторник, 25 ноември 2008

Во Македонија уште преовладува мислењето дека тепањето е „корисна воспитна мерка“, а родителите, роднините, наставниците многу често не се воздржуваат од ќотек за да ги „научат на памет“ децата   
  
Тепањето на децата во најголем број случаи не се пријавува и останува несанкционирано иако според сознанијата на Првата дестска амбасада „Меѓаши“ насилството врз младите бележи рапиден раст. Од вкупно 251 јавување на СОС телефонот за деца и млади во „Меѓаши“, 32,5 отсто се поврзани со злоупотреба и насилство врз децата. Минатата година процентот изнесувал 13,4.

- Најчесто тепањето и малтретирањето на децата, го пријавуваат родителите, возрасни лица, старатели, соседи, а најмалку самите деца, вели Гордана Змијанац педагог во „Меѓаши“.

Родителите не сакаат да ги тепаат децата, но тоа се случува најчесто кога се под стрес и не можат да се воздржат. Ќотекот не е успешен начин што ќе ги научи децата на добро однесување, туку ги учи на агресија, раѓа отпор и придонесува за ослабување на врската меѓу родителот и детето, укажува Змијанац.

Во западноевропските земји, а посебно во скандинавските тепањето или малтретирањето на децата од родителите најстрого се санционира, дури и со одземање на старателството врз нив. Оваа проблематика законски е регулирана и во Македонија, но проблем e нејзината примена.

 

Со Законот за заштита на децата, забрането е психичко или физичко малтретирање, казнување или друго нечовечко однесување. Но, не е дефинирано што би претставувало физичко, а што психичко малтретирање и освен парични не се предвидени други казни за лицата што вршат таков вид насилство над децата. Забрана на секаков вид насилство меѓу членовите на семејството без оглед на пол и возраст, е предвидена и со Законот за семејство. Една од мерките за да се заштитат децата жртви на семејното насилство, е и издвојување на насилникот од семејството и негово сместување во советувалишта. Главната улога во преземањето мерки секогаш кога има сознанија дека се врши семејно насилство над дете го имаат центрите за социјална работа. Тие, според, досегашната пракса, најчесто бараат сторителот да не се заканува, ако е потребно да се лекува, да не се приближува до живеалиштето, училиштето и да не комуницира со членовите на семејството. Загрижувачки е велат во „Меѓаши“ што центрите во најголем број случаи немаат сознанија за ефектите од изречените мерки. Најголемиот проблем во справувањето со таквите случаи не е во законските регулативи, туку во недостигот од ресурси на центрите за социјални работи и недостиг од обучени социјални работници, немањето прифатилиште за децата жртви на насилство. Во такви услови децата се принудени да останат со своите родители и во случаи кога се тепани и малтретирани од нив.

Физичко и психичко малтретирање на учениците е забрането и со законите за основно и за средно образование, но и таму  не е дефиниирано што се подразбира под психичко, а што под физичко малтретитрање. Казните се само парични.

Таквиот вид на престапи, сметаат во „Меѓаши“, треба да се санкционираат со забрана за занимавање со професијата наставник и други професии кои се поврзани со воспитување и образување на деца. Проблем е и непостоењето систем за третман на жртвата во случаите кога се обраќа за помош, талкањето од една до друга институција што може дополнително да ја истрауматизира.

Иако тепањето дете е кривично дело, нема податоци колку луѓе досега се казнети за тоа.

Истражувањата на Народниот правобранител покажале дека освен што не се води посебна евиденција за децата жртви на семејно насилство, центрите многу ретко бараат изрекување привремени мерки, судовите бавно реагираат и често бараат повлекување на пријавите поради немање законски услови за изрекување привремена мерка.

Трауматизираноста кај децата, емоционалната и физичка повреденост, фобичноста, социјалната исклученост и други проблеми кои се последица од семејното насилство, според педагозите, треба да бидат предмет на национална програма со мерки и активности во сите области со цел организирано остварување систем на заштита на децата.

Со цел да се охрабрат децата, родителите, соседите, најблиските, да не молчат за насилството и да го пријавуваат, „Меѓаши“ ја почна кампањата „Види, слушни, кажи“ чие мото е „Родителите кои ги тепаат своите деца сакаат да го сокријат тоа“. Сите случаи на насилство врз деца можат да се пријавуваат и на бесплатна СОС телефонска линија  0800 1 2222.
 
http://www.kirilica.com.mk/vest.asp?id=18855