Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34

И наставниците се жалат во Детската амбасада„Меѓаши“ ги презентираше резултатите од кампањата „Види, слушни, кажи“

Скопје, 10 декември

Расте насилството во училиштата, предупредуваат од „Меѓаши“

Учителка го нарекувала ученикот ретардиран и правела притисок да се исклучи од класот, друга наставничка од основно училиште, кое се водело како елитно, ги навредувала децата со погрдни зборови и ги удирала децата по глава, со креда, тетратки и книги. Ученикот се пожалил кај класниот раководител, но му било одговорено дека тоа се случувало со години и поради партиската припадност на наставничката не можеле да преземат ништо.

Ова се само дел од повиците на СОС-телефонот за деца и млади во Првата детска амбасада „Меѓаши“ овој месец, откако почна кампањата „Види, слушни, кажи“ за да се охрабри пријавувањето на насилството врз децата. Според анализата на повиците што ги добиле во Детската амбасада, изненадувачки е се' поголемиот број случаи со насилство во училиштата, кои, според нив, е веднаш по семејното насилство. Од вкупно 36 повици, 15 се за семејно насилство, а 12 за насилство во училиште.

Директорката на „Меѓаши“, Гордана Пирковска-Змијанац, вели дека откако пред еден месец ја почнале кампањата, бројот на повиците на нивниот телефон за помош двојно се зголемил во споредба со првите десет месеци годинава. Таа вели дека наставниците своето насилство врз децата го правдаат со тоа дека е за доброто на децата и дека е најдобра педагошка мерка.

- Очекувавме дека со кампањата ќе има повеќе јавувања поврзани со семејното насилство, но не' изненади фактот дека има речиси исто толку случаи за насилство во училиштето. Имавме случај каде што дете што посетува инклузивна настава било преместувано во повеќе училишта, затоа што било хиперактивно. Наставниците не се доволно сензибилни за овие деца за да им посветат соодветно внимание - вели Змијанац.Таа додава дека освен што добиваат поплаки за насилство од страна на наставниците врз децата, има и поплаки од наставниците.
- Кај нас дојдоа и наставници кои се пожалија дека се малтретирани од учениците. Наставничка по физичко во основно училиште се жалеше дека учениците ја удирале постојано со топки, бидејќи била нова. Директорката воопшто не презела ништо за да ги казни децата, затоа што наставничката не била од нејзината партија - додава таа.Таа вели дека по однос на овие случаи кои ги регистрирале, поднеле претставки до народниот правобранител и во некои случаи успеваат да ги казнат наставниците кои извршиле насилство.Психологот Мирослав Пендаровски вели дека насилството во училиштата е обострано. Нервозата на наставниците и стресот се подлога за агресивни изливи врз децата, но и децата се препуштени сами на себе и немаат чувство за авторитет.

- Според мене, насилство врз ученици имаше и порано, но го премолчувавме, за потоа да немаш проблеми во училиштето. Насилството не се зголеми, туку сега децата имаат каде да се пожалат. Сепак, не можеме за се' да ги обвиниме наставниците. И децата се виновни затоа што немаат домашно воспитување, па поради тоа немаат чувство за авторитет. Професорот не може да ги воспита децата за два часа, но не значи дека треба да го тепа - вели Пендаровски.

Анета Тодевска