Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.34


Хуманитарен телефон 

Од хуманитарниот Телефон „Сонувај мирно”, кој се одржа на 23 ноември 2008 г., на МРТВ, собрани се вкупно 185.400 денари, наменети за Фондот за поддршка на деца и млади жртви на сексуална злоупотреба. Средствата од фондот за поддршка на деца и млади-жртви на сексуална злоупотреба ќе бидат наменети за психосоцијална работа со жртвите за индивидуална терапија, обезбедување правна помош на жртвите, обезбедување на непосредна помош на жртвите (привремено сместување, храна, средства за хигиена, облека) и активности за информирање и едукација на младите за спречување на нивна манипулација

Во текот на четиричасовната отворена програма стотина музичари, актери, интелектуалци, амбасадори одговараа на телефонските повици од граѓаните кои со јавување на телефонскиот број 143 404 (од сите мобилни оператори) донираа по 100  денари во Фондот. Од директните јавувања на отворениот број за донирање собрани се вкупно 86.000 денари.
Во рамки на телетонот беше организирана и ТВ аукција на која беа понудени 80 предмети донирани од страна на јавните личности-учесници во телетонот, за кои гледачите се наддаваа во текот на отворената програма.
Во наддавањето највисока цена од 30.750 денари понудена од Василка Настевска од фирмата „Мериан Ас“ достигна комплетот од седум ЦД-еа од Тоше Проески, донација од „Космофон“. Сребреното срце донирано од Ламбе Алабаковски беше дадено за 10.100 денари, а наградата Златната Буба Мара понудена од Бени Шаќири за 4.500 денари. Така што од ТВ аукцијата се собрани вкупно 55.200 денари.
Со директни донации оваа инициајтивата ја поддржа и семејството Наумови соптвеници на штипската фирма „Планет Макпол“ со донација од 25.000 денари; скопски „Тинекс“ донираше 18.500 денари, скопската клиника „Ремедика“ обезбеди индивидуална психотераписка помош и гинеколошки прегледи на жртвите на сексуална злоупотреба а „Кенди’ пакети производи за жртвите на сексуална злоупотреба.
Настанот беше организиран со поддршка на Two Hearts production, Massive sky production, Community pictures, T-mobile,Космофон, ВИП оператор, Merian As, Хотел „Континентал“, „Биро Стил“, АД „Европа Скопје“, Градинарски центар Plantas,  „Скопски Саем“ и „Горска Вода“.
Организатори на кампањата за креирање на Фонд за поддршка на деца и млади-жртви на сексуална злоупотреба се Центарот за институционален развој - ЦИРа и Првата детска амбасада во светот Меѓаши и истата ќе се спроведува до крајот на декември.
До крајот на кампањата ќе биде организирана уште една аукција со предметите кои беа донирани во текот на телетонот, а кои не влегоа во процесот на наддавање, како и хуманитрен концерт со музичките ѕвезди поддржувачи на кампањата.
Сите оние кои ќе сакаат да ја поддржат оваа иницијатива своите финансиски донации може да ги уплатат на ж-ска 300000002760559, банка депонент Комерцијална Банка АД Скопје, со назнака донација за Фондот за поддршка.
 
Напишано од Серјожа Неделкоски   
 
27.11.2008