Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.33


Реакција по повод владината акција „ Питачење„ По неодамнешната акција за прибирање на децата на улица кои питачат и нивно сместување во Дневни центри, која ја спроведоа Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, Првата детска амбасада во светот - Меѓаши реагираше дека со спроведување на вакви акции нема да се реши проблемот (питачење, подведување, проституција, дрога и други најлоши форми на злоупотреба на детскиот труд....). Дневните центри за деца на улица се со привремен карактер и децата по напуштањето на Центарот повторно се на улица.


Истакнавме дека  за решавање на проблемот со децата на улица (кој е повеќедецениски и генерациски)  треба државата да  обезбеди поголеми социјални бенифиции за овие семеjства:  вработување барем на 1 член во семејството, обезбедување покрив над главата (социјални станови), мобилизирање на  директорите на ОУ, градоначалниците, МТСП и МОН за вклучување на сите деца во задолжителниот основно-образовен процес. Бараме и стимулативни програми од страна на МТСП со намера децата на улица да се вклучат од најрана возраст во предучилините установи. Неколку пати до сега од релевантните  фактори во државата побаравме да се зголеми буџетот за образование со отворање на нови паралелки за децата од улица и вработување на наставан кадар. За решавање на проблемот со децата на улица на неколку званични приеми кај државните институции препорачавме за децата на улица да се обезбеди: топол оброк, обувки, облека и бесплатни книги и училишен материјал.

Државата е обврзна да ги евидентира децата од улица во регистерот на извод на матична книга на родените, да им обезбеди бесплатна здравствена заштита и имунизација.

Во рамките на Глобалната кампања за образование на сите деца во 2007 година  имавме обезбедено и  писмени гаранции  од претседателот на државата г. Бранко Црвенковски, претседателот на Владата на Република Македонија г. Никола Груевски дека во нивниот мандат ќе се залагаат да се вклучат СИТЕ деца во основните училишта. Впрочем основното образование е загарантирано со Уставот и Конвенцијата за правата на детето.

Во нашиот Дневен центар кој оваа година не е финансиран од МТСП, на наша иницијатива и со поддршка на граѓаните  решивме да продолжиме со грижа за децата од улица кои се наоѓаат покрај реката Вардар во населбата Аеродром. За нив имаме обезбедено храна, капење, обувки, облека, едукација, забава и рекреација. Спроведовме и акција за вакцинација. Овие деца заедно со нивните родители собираат секундарни суровини и не одат на училиште. Едноставно мора да работат.

Правото децата на улица да учат е природно право на секое човечко
суштество. Ова важи особено за децата и за нив  е од витално значење како за
сегашноста така и за нивната иднина. Ако државата обезбеди задолжително
бесплатно и квалитетно образование за секое дете ќе може Македонија да го
скрши порочниот круг на неписменост и сиромаштија. Воедно ова е и одговор
како да се справиме со спречување на детската експлоатација и злоупотреба.

Нашиот став е дека детскиот труд се злоупотребува од страна на родителите за остварување основни материјални егзистенцијални потреби и децата наместо на улица треба да се вклучат во училиште.

Според Заводот за социјални дејности во Скопје 15,5% од децата на улица се од предучилишна возраст, 64% на возраст од 7 до 14 години, 88,5 % манифестираат социјално неприфатливо однесување, а 11, 5 % имаат толерантно социјално однесување. Според овие податоци може да се заклучи дека децата на улица, односно децата кои питачат имаат проблем на кој мора интегративно  да се работи, мора да се зборува генерално за нивниот проблем на живеење – начинот  на живот, а не само да се става акцент на појавата питачење како проблем. Ова не е само „грда слика на градот Скопје‘‘ туку претстаува општетсвено социјален проблем.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши уште еднаш потсетува дека Република Македонија пред 6 години ја ратификува Конвенцијата за спречување на најлошите форми на злоупотреба на детски труд и државата мора да направи серозни напори да ги земе предвид овие наши барања и препораки.