Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.33


Доделување дипломи за завршувањето на детските работилници 2007/2008На 12 Јуни оваа година, Детските работилници со пригодна програма се закитија со дипломи. Вкупно 104 деца, членови на Детската амбасада, добија дипломи за нивното учество во Детските работилници.

Дипломите претставуваа завршен чекор, во претходниот деветомесечен труд што го вложија децата членови на Детските работилници, волонтерите, родителите и вработените.

Првиот дел од програмата го посветивме на12 јуни, Меѓународниот ден против злоупотребата на детскиот труд, каде  Првата детска амбасада во светот Меѓаши потсети дека и покрај тоа што Република Македонија пред 7 години ја ратификуваше Конвенцијата против најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд, состојбата и понатаму е алармантна.

Иако во Република Македонија основното и средното образование се задолжителни за сите граѓани, сепак над 18.500 деца не се вклучени во редовниот системот на образование, а најмалку 2000 деца го поминуваат своето детство на улица, живеејќи под ведро небо и без родителска грижа чии труд се злоупотребува. Најчесто овие деца се и жртви на злоупотреба на детскиот труд.
  
Во вториот дел од програмата, децата членови на Детските работилници и нивните волонтери/ки се претставија со содржински точки. Се рецитираше на албански јазик, се пееше на англиски јазик, видовме како се изразува љубов со песна на германски јазик, слушавме поуки од дрвото на вредности и учевме за убавото однесување, а за сето тоа време и се насладувавме на глетката што ја прикажуваа прекрасните цртежи од ликовните работилници, кои беа изложени на паноа. Покрај публиката и присутните работеа и  работилницата по применета уметност и работилницата по оригами кои имаа своја практична изведба, на која децата членови покажуваа што се` научиле да работат во таа работилница, во текот на изминатиот период.

На крајот од програмата на децата членови на Детските работилници им доделивме дипломи, но и книги.


Доделивме и благодарници на  нашите соработници и поддржувачи:

-         Издавачка куќа Култура -

-         Здружение на пензионерите на  Кисела Вода, огранок Јане Сандански -

-         Национална установа Конзерваторски центар Скопје -

-         Национална установа Музеј на Македонија -

-         ОУ Љубен Лапе -

-         Радио Фортуна Скопје -

-         Аудио и видео продукција Супер Ѕвезда -

Со нив реализиравме повеќе манифестации во периодот од октомври 2007 до јуни 2008 година. Со тоа се потврди  взаемната соработка и поддршка.