Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.32


Реакција и барање за превенција и поголема ангажираност на државните институции во заштита, поддршка и помош на децата жртви на сексуална злоупотребаПрвата детска амбасада во светот- Меѓаши по повод последните случаи на инцест, силување и тепање на сопствената ќерка во скопско Рашче како и случајот за обид на силување на седумгодишно дете во село Добрево, Пробиштипско, на 26 Мај 2008 година повика на најостра осуда и казна за сторителите на сексуална злоупотреба на деца.

Го проследуваме интегралниот текст од нашата реакција:

Првата детска амбасада во светот- Меѓаши ги потсетува сите одговорни во државните институции дека Република Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на детето и се има обврзано да ги почитува сите права предвидени со оваа Конвенција. Последните случаи на сексуална злоупотреба на децата се повторен пример на најсурово кршење на правата на децата загарантирани со Конвецијата. Според член 34 од оваа Конвенција државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање. За таа цел, особено е значајно државите членки да ги преземаат сите соодветни национални, билатерални и мултиратерални мерки за спречување на  најлошите форми на сексуална злоупотреба и искористување.

Светските податоци говорат дека 70% од случаите на сексуална злоупотреба остануваат непријавени заради стравот и срамот кои децата го чувствуваат, реакцијата на средината како и стравот од неизвесноста на последиците со кои ќе се соочат.

Сметаме дека е многу важно за насилството да не се молчи и затоа ги охрабруваме децата, родителите, најблиските да го пријавуваат сексуалното насилство и злоупотреба. Нашите информации од СОС телефонот за деца и млади 0 800 1 22 22 говорат дека сексуалната злоупотреба е во пораст. Во 2007 година 13,5% од вкупниот број на јавувања се најлоши форми на злоупотреба на децата. Но, темната бројка односно бројот на непријавени случаи за злоупотреба на децата во реалноста е далеку поголема.

Злоупотребата на децата (сексуална, економска, физичка како и останатите форми на злоупотреба) е сериозен проблем и бара големо внимание, заштита и дејствување на сите нивоа. Тоа подразбира синхронизирано и заедничко превентивно дејствување на сите релевантни фактори кои имаат удел во воспитувањето и грижата за децата како семејството, институциите на државата, граѓанските организации и медиумите.

Родителите имаат посебна одговорност во грижата, заштитата и обезбедувањето сигурно детство на нивните деца. Тие треба да посветат посебно внимание на децата и да ги заштитат од можни злоупотреби. Одговорното родителство е најдобра превентива од злоупотреба на децата.

Училиштата треба треба да посветат повеќе внимание на превентивни  програми бидејќи образованието за превенција е најефикасниот начин на борба против злоставување деца.

Бараме од Центрите за социјална работа да имаат засилен увид и да преземаат соодветни мерки за превентива и надзор во дисфункционални семејства. Државата да инвестира во подигање на капацитетите на Центрите за социјална работа во реализирање активности за превенција и заштита на децата. Центрите за социјална работа треба да бидат помобилни, поефективни  и континуирано да ја следат состојбата на можни злоупотреби на деца во семејства во ризик како и преземање содветни мерки со што превентивно би дејствувале. Тие можат да дадат најголем придонес во превенцијата од злоупотреба на децата бидејќи се во непосреден контакт ( би требало да бидат) со семејствата во кризна состојба. Тие имаат значајна улога во  ресоцијализацијата, реинтеграцијата и рехабилитацијата на децата со цел полесно и побрзо надминување на последиците.

Бараме од судовите,  децата жртви на сексуална злоупотреба при судска постапка да бидат заштитетни од соочување со злосторникот. Предлагаме изјавата што детето ќе ја даде во судот да биде една изјава во присутво на судија, психолог, педагог и лице од Центрите за социјална работа во специјална скрин соба.

Бараме донесување Системски закон за заштита на децата или пак Закон за педофилија каде ќе бидат регулирани сите казнени одредби.

Во ваквите случаи постои обврска и за медиумите кои треба да го почитуваат идентитетот и интегритетот на детето што подразбира необјавување податоци од личен карактер (име, име на родителите, адреса, лични информации во врска со случајот, едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, ментален, економски, културен или социјален идентитет). Според Закон за заштита на личните податоци (Сл. Весник бр. 7/05) . Во таа функција повторно потсетуваме на:

Основните упатства и принципи на Меѓународната федерација на новинарите за известување за прашања во кои се инволвирани децата:

внимателно да ги земат предвид последиците од публикувањто на секаков материјал во врска со децата и на тој начин и да ја намалат штетата врз децата
да внимаваат да не користат визуелно или друго идентификување на децата доколку тоа не е очигледно во јавен интерес
да осигураат независна верификација на информациите што ги дале децата и да водат посебна грижа верификацијата да не ги стави во опасност децата информатори
Медиумите не треба да ги земат предвид и да известуваат за положбата на децата само како настан, туку треба постојано да известуваат за процесот кој може да доведе или води кон појавата на тој настан.
 

Во најдобар интерес на децата е да внимаваме на вакви подробности кои може да имаат негативен ефект токму над децата кои се залагаме да ги заштитиме. 

Доброто на секое дете зависи од грижата и предаденоста на целата заедница а не само од нивното семејство.

М-р Драги Змијанац
Извршен директор и Основач