Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.32


Апел до политичките партии во Република МакедонијаПо повод почетокот на предизборните политички кампањи за парламентарните избори во Република Македонија. Првата детска амбасада во светот – Меѓаши на 12 Мај 2008 година, укажa на потребата децата да бидат поштедени од политички злоупотреби и нивно вклучување во остварувањето партиски цели. 

Во Законот за заштита на децата се вели: "Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување" (член. 9/2). Постојат голем број примери, каде што децата последниве години се користеа како средства во рацете на одредени политички партии во смисла на индоктринација на нивната се уште неразвиена политичка свест со политичките идеологии на партиите. На минатите избори децата беа присутни на митинзите на политичките партии, во изборните штабови, во рекламните спотови или пак и самите беа претворени во рекламни паноа облечени во маички со ликови на политичари или со слоганите на партиите. Исто така, присутна беше и појавата на меѓусебни пресметки и тепачки, отворено непријателство или омраза помеѓу одредени групи деца, симпатизери на некоја политичка партија, како и нивно присуство на политичките собири и јавни митинзи... Партиите ги ангажираа децата за лепење плакати, делење летоци со политичка содржина и друг пропаганден материјал.

Токму од тие причини, потсетивме  дека одговорноста за овие појави ја сносат политичките партии како и родителите кои со себе на митинзите честопати ги земаат своите деца и со тоа може да ја загрозат сигурноста и безбедноста на нивните деца. Местото на децата не е по плоштади или пак митинзи туку слободното време треба максимално да го трошат во образовно-воспитните институции и спортско-(ре)креативни активности.

Првата детска амбасада во светот- Меѓаши, потсети и  на потребата медиумите да одбиваат емитување на платени политички пораки, доколку во нив се врши (зло)употреба на децата за политички цели. Во рекламите не смее да има содржина која ќе ги повредува најдобрите интереси на  децата (член 3 од Конвенцијата за правата на детето).

Првата детска амбасада во светот- Меѓаши, ги охрабрува сите политички партии да имаат предизборен натпревар со содржини и активности кои по добивањето на мандатот од гласачите детството на децата ќе го направат посигурно и безбедно, во благосостојба и со активности кои ќе ги решат проблемите со кои се среќаваат децата жртви на насилство, децата кои се исклучени од задолжителното основно образование, децата на улица, децата со посебни потреби и други содржини кои се од најдобар интерес на децата.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши очекува ветувања од сите политички партии дека ќе го гарантираат спроведувањето во пракса на Конвенцијата за правата на детето и ќе се залагаат во спречување на кршење на правата на детето.

М-р Драги Змијанац
Основач и Извршен директор на

Првата детска амбасада во светот
Меѓаши, Република Македонија