Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.32

 
12 јуни,Светски ден против злоупотреба на детскиот труд По повод 12 јуни, Меѓународниот ден против злоупотребата на детскиот труд, Првата детска амбасада во светот Меѓаши потсети дека и покрај тоа што Република Македонија пред 7 години ја ратификуваше Конвенцијата против најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд, состојбата и понатаму е алармантна.
 
Иако во Република Македонија основното и средното образование се задолжителни за сите граѓани, сепак над 18.500 деца не се вклучени во редовниот системот на образование, а најмалку 2000 деца го поминуваат своето детство на улица, живеејќи под ведро небо и без родителска грижа чии труд се злоупотребува. Најчесто овие деца се и жртви на злоупотреба на детскиот труд.

Во светот има приближно 246 милиони деца, на возраст од 5-17 години чии труд се злоупотребува. Од таа бројка околу 186 милиони се деца под 15 години. Поразувачки е фактот дека мнозинството, односно 110 милиони се деца под 12 години кои работат со полно работно време и најчесто во лоши  работни услови.

Злоупотребата на детскиот труд подразбира работа на деца кои се под возраста одредена со закон. Но напоменуваме дека, злоупотреба на детски труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална и секслуална злоупотреба (детска проституција и порнографија), трговија со деца, деца војници.

Како и секоја година така и оваа, Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд се обележува насекаде низ светот со активности чија  цел  е да ја подигнат свеста кај луѓето за глобалниот проблем на злупотреба на детскиот труд и потребата за креирање и спроведување политики и активности за борба против искористувањето на детскиот труд. Оваа година темата на Меѓународниот ден е „Образованието-одговор на детскиот труд“ 

Препораките се однесуваат на:

Образование на сите деца за минимумот на возраста за вработување
( 15  години според Законот за работни односи член 18, и за потешките работи 18 години)

Стратегии за образованието кое се однесуваат на детскиот труд преку обезбедување соодветна, квалитетна едукација и тренинг за вештините
Образованието да промовира свесност  за потребата од заштита од злоупотреба на детскиот труд
Овие цели не можат да се остварат доколку не се разрешат факторите кои ја генерираат злоупотребата на детскиот труд. Детскиот труд е тесно  поврзан со сиромаштијата. Многу сиромашни семејства не се во состојба да ја платат школарината или другите училишни трошоци. Семејните примања може да зависат од придонесувањето на детето што работи, поради тоа што се обрнува повеќе внимание на работата на детето,отколку на образованието. Кога семејството треба да избере меѓу машкото или женското дете кое ќе го испрати на понатамошно школување, многу често изборот паѓа на момчето.

Токму затоа најважните чекори кои се потребни да се прерземат се:

обезбедување на бесплатно задолжително образование
рушење на бариерите за вклучување на женските деца во образовниот процес
обезбедување на пристап на децата до училиште и безбедна и квалитетна средина за образование
обезбедување на соодветни тренирани и професионални наставници и зајакнување на законите за детскиот труд
едукација во правец на почитување на меѓународните стандарди
борба против сиромаштијата и создавање работни места за возрасните
зголемување на јавната свест за борба против искористувањето на детскиот труд
обезбедување дополнителна настава за деца и млади кои го пропуштиле редовното образование 
 
Нагласуваме дека Конвенцијата за заштита на правата на детето и Конвенцијата која се однесувана забраната на најлошите видови детски труд  ја обврзуваат Република Македонија да ги заштити децата од сите облици на насилство, злоупотреба и запоставување од страна на нивните родители или било кој друг што се грижи за нив. Државата треба да ги заштити децата од работа која е опасна или која може да им наштети на нивното здравје.(член 19, 32 и 36 од Конвенцијата за правата на детето). Децата воедно имаат право и на достоинствен живот и бесплатно образование. (член 27, 28 од Конвенцијата за правата на детето). Исто така, членот 1 од Конвецнијата за забрана на најлошите форми на детски труд ја обврзува Република Македонија да преземе итни и корисни мерки за да обезбеди забрана и елиминирање на најлошите форми на детски труд. Во членот 3 од оваа Конвенција се наведува точно дека најлоши форми на детскиот труд се однесува на сите видови на ропство, продавањето и трговијата со деца, присилна и принудна работа, употреба, посредување или понуда на дете за проституција, за производство на порнографија; употреба, посредување или понуда на дете за противзаконска дејност, посебно за производство и трговија со дрога; работа која по својата природа или околности во кои е извршена штети на здравјето, сигурноста и моралот на децата.