Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.31

Извештај на Бесплатната правна служба за 2007 годинаВо 2007 година правната служба на Детската амбасада реагирала во 63 случаи каде имало прекршување на детските права. При тоа во 38 случаи биле испратени барања, во 22 случаи претставки и во 3 случаи дадено е правно мислење и помош на странки. Барањата се најчесто испратени до Центри за социјална работа за случаи во кои било спорно старателството над децата и не бил земен предвид најдобиот интерес на децата, потоа за семејно насилство врз деца,  злоупотреба на детски труд, попречување на правото на гледање на едниот родител. Во 5 случаи било испратено барање до училишта поради физичко и психичко насилство од врсници. Испратени се и барања до Италијанска амбасада поради одвојување на дете од родител кој живеее во Италија. За случај на сексуална злоупотреба на малолетник и спратено е барање до МВР. Останатите барања се испратени поради отворање на прифатилиште за кучиња скитници во близина на живеалишта со што би се загрозило здравјето на децата, пречки во оставрувањето на правото на детски додаток, забрзување на судска постапка и финансиско олеснување на ученичка со физички пречки во развој. 

Претставките се најчесто испраќани до Народниот Правобранител кога биле повредени правата на децата од државни органи. Реакциите се однесуваат на случаи кога била злоупотребена службена должност и тоа во случаи на физичко насилство врз деца под институционален третман, физичко и психичко насилство врз деца од страна на нивните родители, насилство во училиште од наставниот кадар, злоупотреба на деца во политички цели, вонбрачни заедници со малолетници, сексуална злоупотреба на малолетник. Претставка е испратена и до Министерство за образование поради дискриминација на ученици од страна на наставен кадар.

Покрај претставките и барањата, бесплатната правна служба во Детската амбасада дава и правно мислење и изготвува правни документи за потребите на барателите на услуги. Со иницијативата за донесување Закон за бесплатна правна помош, ќе биде овозможено и застапување на лица социјално необезбедени во рамките на судските процедури.