Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.30


ЗАШТИТА НА ДЕТСКИТЕ ПРАВА НА ИНТЕРНЕТ ВО МАКЕДОНИЈА

Покрај добрите страни што ги овозможува Интернетот кој се користи за забава, едукација, бизнис итн., тој исто така нуди и можности за дистрибуирање на нелегален материјал и спроведување на нелегални активности.

Еден од проблемите со кои се соочува современото општество е како да се справи со сe поголемата злоупотреба на децата на Интернет, кои доаѓаат во допир со неадекватни содржини на нивната возраст (дрога, порнографија, нацистички сајтови, абортуси, самоубиства, педофилија итн.) 


Токму од овие причини, Првата детска амбасада во светот-Меѓаши се вклучи во проектот “Детските права на Интернет–безбедни и заштитени” како партнер на Фондацијата Метаморфозис. Проектот е финансиран од Делегацијата на Европската комисија во рамките на Европската иницијатива за микро програми 2006 за демократија и човекови. 
 
Главната цел на овој проект е заштита на детските права на интернет, а истата ќе се постигне преку подигнување на свеста на децата во Македонија, нивните родители и професори, како и преку различни активности на невладиниот сектор и медиумите.

Програмските активности на овој проект можат да се поделат во 4 главни групи во кои ќе земе учество и Првата детска амбасада во светот-Меѓаши:


  •     Создавање на мрежа од 10 невладини организации од различни градови во Македонија кои делуваат во сферата на заштита на човековите права

  •     Обука и организирање на работилници за невладините организации кои ќе членуваат во мрежата, за зајакнување на нивните капацитети преку нивно воведување во проблематиката на Заштитата на детските права на интернет и начините за реализација на истите во Македонија

  •     Презентации за децата, родителите, наставниците и медиумите со цел подигнување на нивната свест и зголемување на нивното знаење
  •     Подготовка и издавање на едукативни материјали, како и подготовка на други корисни извори: web страна, водич, брошури-флаери, Закон за правата на децата на интернет 
      

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши ќе ги стави на располагање сите свои технички и организациски ресурси и капацитети за реализација на целите и програмските активности на овој проект и да обезбеди примена на сите регулативи кои се однесуваат на правата на децата на Интернет.