Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.30


СООПШТЕНИЕ ОД ДЕТСКАТА АМБАСАДА-МЕЃАШИ УПАТЕНО ПО ПОВОД 17-ти ОКТОМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА БОРБА ПРОТИВ СИРОМАШТИЈАТА
По повод Светскиот ден на борба против сиромаштијата, 17 октомври, Првата детска амбасада во светот-Меѓаши потсетува дека кога се зборува за сиромаштијата и социјалната исклученост неизбежно е да се споменат и децата. И покрај донесувањето на Конвенцијата за правата на децата и нејзиното ратификување во многу земји сепак отсуствува нејзино имплементирање во целост поради што голем број деца живеат во сиромаштија.


Во Европската Унија од 72 милиони луѓе кои живеат во сиромаштија поголем дел се деца. Во ЕУ семејствата со деца под 16 години е поверојатно да се најдат во ризик од сиромаштија за разлика од останата популација.

Состојбата не е подобра и во Македонија. 8% од децата не се имунизирани, а дури 2% не се пријавени во матичната книга на родените. 18 000 деца се надвор од образовниот процес, а токму тие деца се на ризик да станат деца на улица. Се повеќе се зголемува и бројот на деца на улица така што денес во Македонија има околу 2000 деца на улица од кои над 1000 се во Скопје. Децата од руралните и сиромашните средини имаат пречки во пристапот до основните социјални услуги што се должи на тешката економска ситуација и недоволниот број сервиси достапни за сите ризични групи.


Како последица на ваквата ситуација, детската сиромаштија станува тематски фокус во 2007 година во земјите од Европската Унија.

Сепак проблемот со детската сиромаштија не е прашање кое може да се реши веднаш. Тоа треба да се постави како приоритетна цел и сите страни треба активно да се вклучат во нејзиното искоренување. Успешно и целосно имплементирање на Конвенцијата за правата на децата секако ќе има најголемо влијание во тоа.

www.nvoinfocentar.org.mk/events