Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.30


РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД ИНФОРМАЦИИТЕ ОБЈАВЕНИ ВО МЕДИУМИТЕ ЗА ИСЕЛУВАЊЕ НА РОМИТЕ КОИ ЖИВЕАТ ПОД МОСТОТ БЛИЗНАКПрвата детска амбасада во светот-Меѓаши испрати реакција до медиумите во врска со информациите за иселувањето на Ромите кои живеат под мостот Близнак во општината Аеродром.

 

Во печатените медиуми општината Аеродром повика помош од други институции и граѓански организации за решавањето на овој проблем, а единствената улога на општината ја гледаа во рушењето на нивните импровизирани живеалишта. Од општината изјавија дека тоа се жители протерани од населбите Гази Баба и Кисела Вода, но не го нагласија  фактот дека дел од тие семејства на тој простор живеат повеќе од 5 години. Тие се тука, а општината кога ги руши само се поместуваат, но остануваат во т.н. Картон маало.

Во 2005 година Министерството за труд и социјална политика донесе Стратегија за Ромите во Македонија во која една од целите е и подобрување на условите на домување преку инклузија во урбаните планови на населбите кои се надвор од нив и избегнување на гетоизација. Следејќи ги овие цели во сферата на домување како дел од приоритетите се наведува:

-решавање на прашањето за сопстноста на куќите и земјиштето врз кое тие се наоѓаат (легализација) и да се изнајдат конструктивни и трајни решенија во врска со тоа.

-локалните власти треба да организират специјализирани тренинзи за административните работници заради нивна поголема стручна коперативност и ефикасност во обезбедувањето услуги на граѓаните во областа на домувањето

-создавање на фонд за поволни заеми или донации за изградба или доградба за најзагрозените категории

-утврдување минимум стандарди за изградба на соодветен дом

-изградба на поголем број социјални живеалишта

Од овие приоритети произлегуваат и повеќе обврски за државата меѓу кои и избегнување насилно иселување или други мерки кои предизвикуваат бездомништво. Во случаите кога иселувањето е неопходно, тоа треба да биде амортизирано со други помошни мерки: примена на легални гаранции за заштита на правата, како и постоење на избор за други алтернативни сместувања.

Со постојано рушење на овие живеалишта се оневозможува правилен развој на децата и им се скратуваат многу права. Детската амбасада потенцирше дека проблемот не се решава со рушење туку само се наметнуваат дополнителни проблеми. Состојбата со живеалиштата во т.н. Картон маало треба да се решава соодветно на Стратегијата за Ромите. Ова е прашање кое бара вклучување на повеќе институции, но не на начинот на кој предложуваат од Општината Аеродром.