Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.30


АКТИВНОСТИ НА ДНЕВНИОТ ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА НА УЛИЦАВеќе три месеци во рамките на Детската амбасада Меѓаши функционира Дневен центар за деца на улица.

Првите два месеци беа подготвителен период во кој се воспоставуваше контакт и соработка со институции и организации, но и контакти со семејствата на децата кои го посетуваат Дневниот центар.

 Од септември од 35 контактирани деца, 23 го посетуваат Дневниот центар, поделени во три групи по 7-8 деца, зависно од место на живеење и нивните способности. Во текот на нивниот престој тие се бањаат, добиваат ужинка и посетуваат креативни, едукативни и социјално-психолошки работилници. Децата, вклучувајќи ги и нивните семејства повремено добиваат облека и обувки во зависност од облеката со која располагаме. Во тек се процедури за пријавување на децата кои не се регистрирани во матичната книга иако за некои постојат проблеми (отсуство на мајката, мајката нема документација). За децата кои имаат потреба од здравствена заштита им овозможуваме да го реализираат тоа право особено на тие деца кои не се регистрирани во матичната книга.


Во тек е организирање систематски преглед и имунизација не само за децата кои го посетуваат нашиот Дневен центар туку и за помалите деца во нивните семејства. Оваа акција се спроведува во соработка со Младинскиот центар од ХЕРА, “Сакам да знам”, во Шуто Оризари. Преку овој центар исто така се овозможени бесплатни гинеколошки прегледи и контрацепција.

Покрај наведените услуги кои се нудат на децата и нивните семејства, нашите напори се насочени кон вклучување на децата во образовниот процес, а улогата на Дневниот центар е алтернативна форма на згрижување на тие деца до нивно вклучување во образование. Воспоставени се контакти со локалните училишта, но за жал не се расположени за прифаќање на овие деца. Друг проблем претставува и нивната возраст (дел од нив имаат 10-12 години), па не можат да се запишат ни во редовно образование, ни во вечерните училишта.

Проектот Социјална заштита на децата на улица е финансиран од Министерството за труд и социјална политика, но и помогнат од социјално одговорни фирми.

 

www.mtsp.gov.mk