Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.36 » Градење култура на детско учество

Втор тренинг за граѓански организации кои учествуваат во подготовка на Извештај во сенка за правата на детето 
Во периодот од 28 до 30 Јули, 2009 година во Инфо Центарот на Европската Унија во Скопје, се одржа вториот тренинг од областа на правата на детето и мониторинг на детските права на тема Процес на подготовка на Извештајот во сенка и известување пред телата на Обединетите нации, наменет за граѓанските организации (ГО) кои се дел од Националната коалиција на граѓански организации за заштита на правата на детето и учествуваат во подготовка на Извештајот во сенка кон Конвенцијата за правата на детето од ООН.  

На тренингот беа присутни 21 учесник, од 13 граѓански организации и тоа: Центар за граѓански иницијативи –Прилеп, Порта – Струмица, Совет за превентива на малолетничка деликвенција – Кавадарци, ХУ Мајка од Куманово, Пхурт – Делчево, Отворете ги прозорците – Скопје, Ла Страда – Скопје, Асоцијација за демократска иницијатива – Гостивар, Младински образовен форум – Скопје, Шелтер центар – Скопје, Полиоплус – Скопје, Месечениа – Гостивар, Коалиција Македонија без дискриминација и Прва детска амбасада во светот Меѓаши – Скопје.

Тренингот опфати низа интерактивни работилници преку кои учесниците преку лични искуства усвоија основни знаења за процесот на подготовка на извештаи во сенка и се договараа за начинот на известување за состојбата со правата на децата во Македонија.

Целите на тренингот беа: - јакнење на капацитетите на ГО во мониторинг на спроведување на Конвенцијата за правата на детето од ООН, Факултативните протоколи и другите интернационални инструменти важни за заштита на правата на детето; - Првичен договор за процесот на подготовка на Извештајот во сенка/Алтернативниот извештај за состојбата со детските права во земјата, како процес на истражување од страна на ГО, нивните искуства и резултати од истражувања;

- Јакнење на соработката помеѓу ГО во мониторингот на правата на детето; - Јакнење на улогата на децата во мониторингот на правата на детето, како и на оснажување на процесот на детското учество;

 - Јакнење на улогата на ГО за заштита на детските права како партнери во општеството, придонесувајќи за подобар систем на детска заштита и мониторинг на правата на детето во однос на  ефективноста на владините политики, закони и пракси, а во полза на поквалитетен живот на децата во Македонија;

Групата беше соработлива, со висок степен на учество и подготвеност да работи на теми од областа на детските права, особено мониторинг на детските права, како и подготовка на извештајот во сенка од ГО.

Тренери беа: Јасминка Фришчиќ – извршна директорка на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во РМ ЕСЕ, во однос на презентирање на процесите на подготовка и известување по однос на Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација на жените, 2006 и Конвенцијата за тортура, 2008, Гордана Пирковска Змијанац (програм менаџерка и основачка на Првата детска амбасада во светот Меѓаши) и Драги Змијанац (извршен директор и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши).  

Тренингот претставува континуиран дел од активностите на проектот Градење култура на детско учество, финансиски поддржан од Европската Комисија, како дел од програмата за европски инструмент за демократија и човечки права – (ЕIDHR), a кофинансиран од УНИЦЕФ.