Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.36 » Градење култура на детско учество

Трет тренинг за граѓански организации кои учествуваат во подготовка на Извештаи во сенка за правата на детето Во периодот од 29 Септември до 02 Октомври, 2009 година во Хотелот Алпина во Маврово, се одржа третиот тренинг од областа на правата на детето и мониторинг на детските права на тема Подготовка на извештаи во сенка за правата на детето со посебен осврт на Факултативните протоколи, наменет за граѓанските организации (ГО) кои се дел од Македонската национална коалиција на граѓански организации за заштита на правата на детето и ќе учествуваат во подготовка на Извештајот во сенка кон Конвенцијата за правата на детето од ООН.

На тренингот беа присутни 22 учесника, од 17 граѓански организации и 2 коалиции и тоа: Центар за граѓански иницијативи –Прилеп, Порта – Струмица, Совет за превентива на малолетничка деликвенција – Кавадарци, ХУ Мајка од Куманово, Пхурт – Делчево, Отворете ги прозорците – Скопје, Ла Страда – Скопје, Асоцијација за демократска иницијатива – Гостивар, Младински образовен форум – Скопје, Шелтер центар – Скопје, Полиоплус – Скопје, Месечениа – Дебар Антико - Кичево, Асоцијација за демократски иницијативи АДИ – Гостивар, Асоцијација за здравствена едукација и истражување Хера – Скопје, Лајфстарт – Битола, Центар за човекови права и разрешување конфликти – Скопје, Љоја – Тетово, Коалиција Македонија без дискриминација, Коалиција Сите за правично судење и Прва детска амбасада во светот Меѓаши – Скопје.

Тренер на семинарот беше Проф. Др. Невена Вучковиќ Шаховиќ – член на Комитетот за правата на детето во Женева, од 2003 до 2009, која беше поканета од страна на УНИЦЕФ, како експерт за правата на детето.

Тренингот опфати низа интерактивни работилници преку кои учесниците преку лични искуства и практични вежби, усвоија основни знаења за процесот на подготовка на извештаи во сенка со посебен осврт на Факултативните протоколи и се договараа за начинот на известување за состојбата со правата на детето во Македонија.

Се работеше на следниве теми: Воведни напомени за човековите права и правата на детето; Договорни тела на Обединатите нации – надзор; Конвенција за правата на детето и надзор над остварувањето на правата; Извештаи и известување, како треба државата да го претставува извештајот; Како да се анализира државниот извешта;

Општо за факултативните протоколи и работата на Комитетот во надзор над имплементацијата; Факултативен протокол   кон Конвенцијата за правата на детето за учество на децата во вооружени дејства; Разговор на претставниците на коалицијата со Комитетот;  Факултативен протокол кон Конвенцијата за правата на детето за продажба на децата, детска проститиција и детска порнографија.
 
Последниот ден, се преставија нацрт алтернативните извештаи на  Македонската Национална коалиција на невладини организации за заштита на правата на детето и се направи договор за понатамошниот тек на ра ботата во процесот на подготовка на алтернативните извештаи.

Тренингот претставува континуиран дел од активностите на проектот Градење култура на детско учество, финансиски поддржан од Европската Комисија, како дел од програмата за европски инструмент за демократија и човечки права – (ЕIDHR), a кофинансиран од УНИЦЕФ.