Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.36 » Градење култура на детско учество

Трет тренинг за деца на тема Децата во процес на подготовка на извештај во сенка и известување за состојбата со детските праваВо периодот од 29 до 31 Август, 2009 година во Хотел Славија во Охрид, се одржа третиот тренинг за деца на тема Децата во процес на подготовка на извештај во сенка и известување за состојбата со детските права.

Тренингот претставува континуиран дел од активностите на проектот Градење култура на детско учество, финансиски поддржан од Европската Унија, а кофинансиран од УНИЦЕФ.

Учествуваа 28 деца, на возраст од 9 до 18 години, од ЦГИ –Прилеп, Антико – Кичево, Љоја – Тетово, Порта – Струмица, СППМД – Кавадарци, ХУ Мајка од Куманово и Детската амбасада Меѓаши – Скопје.

Задача на обуката беше да им овозможи на учесниците продлабочување на знаењата од областа на правата на децата, Конвенцијата за правата на детето, како и со знаења кои ќе им помогнат во подготовка на Извештајот во сенка направен од децата, а презентиран пред Комитетот за правата на детето во Женева.

За време на одржувањето на тренингот се покажа дека има потреба од подетална разработка на теми врзани за односите во семејството, како и работилници со симулациски вежби за начинот на презентирање на извештајот во Женева. На тренингот покрај работата на планираните теми според програмата, децата направија сопствени видувања за прекршувања на правата на детето. Исто така, направени беа договори за начинот на избор на децата кои ќе го претставуваат детскиот извештај во Женева. Исто така се одреди датумот до кој треба да се пратат мотивационите писма од страна на децата за избор на две деца претставници во Женева.

На крајот од семинарот сите учесници пополнија евалуационен прашалник. На прашањето - Дали овој семинар го сметаш за корисен, сите присутни деца одговорија потврдно, а на прашањето зошто? Еве неколку одговори: - Научивме како треба да изгледа Алтернативниот извештај; - Дознавме работи за нашите права кои не ги знаевме; - Научив многу работи; - Заради тоа што се дружевме и ги искажавме нашите мислења.

На прашањето за коментари и прашања, еве неколку одговори: - Кога нареден семинар? - Кога ќе одиме пак? - Најдобри сте. Едвај чекам да одиме пак. - Се беше многу убаво.

Тренери беа: Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац