Почетна » Алтернативни извештаи » Алтернативни извештаи на невладините организации кон државните извештаи за состојбата со правата на детето во Р.Македонија

Алтернативни извештаи на невладините организаци кон државните извештаи за состојбата со правата на детето во Република Македонија
Алтернативните извештаи на невладините организации по повод Вториот периодичен државен извештај по Конвенцијата за правата на детето[1] и иницијалните извештаи за факултативните протоколи се подготвени од Националната коалиција за правата на детето - Република Македонија - НКПД (Неформална коалиција формирана во 1997година) како проектна активност на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ. За потребите да се подготват извештаите во 2009 година беше обновена и проширена оваа НКПД со нови организации членки и две коалиции. Во изработката на Алтернативните извештаи учествуваа вкупно 21 граѓански здруженија и 2 коалиции на граѓански здруженија.[2] 

По повод презентацијата на Алтернативните извештаи, жал ми е што повторно мора да истакнеме дека правата на децата во Македонија се загрозени и не се почитуваат и да ја искажам нашата загриженост поради неефикасноста и нефункционирањето на механизмите на државата во поглед на:

Заштитата на децата и спречувањето на нивното злоставување
Насилството врз децата и меѓу децата
Недоволната посветеност на државата за децата во институциите, на нивните потреби и проблеми
Дискриминацијата на децата роми во секој поглед, особено во образовниот систем
Во Македонија, правата на децата се кршат во сите области: социјалната дејност, образованието, здравството, правосудството, семејството, медиумите, комуникациите...

Злоупотребата на децата од година во година постојано се зголемува. Падот на животниот стандард, запоставувањето на реалните потреби на децата и неможноста тие да се задоволат, олабавувањето на семејните врски, зајакнувањето на политичките тензии и гетоизирањето на одредени групи според етничката, јазичната, религиозната припадност, придонесоа состојбата на децата уште повеќе да се влоши во последниве години.

Државата не презема чекори за спречување и борба против дискриминацијата на децата ниту прави процена на постоечките нееднаквости во уживањето на правата на децата, особено децата чии родители се со низок социјален статус.

При изготвувањето на иницијалниот извештај во 1996 година од страна на државата беа консултирани граѓанските организации, но при изготвувањето на вториот периодичен извештај во 2007 година оваа консултација беше изоставена.

Оваа година Конвенцијата за правата на детето (КПД) ја славеше својата 20- годишнина. За жал, во РМ и покрај бројните обиди за подобрување на правата на децата и бројните законски измени и дополнувања, се уште правата на децата не се во целост заштитени. Во одредени случаи тоа е поради законодавни пропусти, но во одредени случаи каде постои добра законска рамка се случува пропустот да настане при имплементацијата на Законот.

Алтернативниот извештај содржи голем број проблеми со кои се соочуваат децата во РМ и препораки како да се надминат истите. Пред сe во извештајот се дава преглед на состојбата и потребата да се работи на полето на ратификација на сите меѓународни документи кои обезбедуваат заштита на правата на децата, како и дооформување на целокупната законска рамка во Републиката. Тука спаѓа потребата од ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлотација и сексуална злоупотреба, ратификување на Конвенцијата за заштита на правата на лицата со посебни потреби во рамките на ООН и донесување на Законот за заштита од дискриминација преку кој ќе се дизајнираат мерки кои нема да остават правни празнини за толерирање на каква било дискриминација. Исто така, потребно е дополнување и промена на постоечките законски одредби кои ги регулираат правата на децата, како што е потребата за дополнување и изменување на Законот за семејство, Законот за социјална заштита, Законот за заштита на децата и други. Исто така, формирањето на Детски народен правобранител како посебна институција која целосно ќе се посвети на заштита на правата на децата е една од најзначајните генерални препораки за што подетално е образложено во Алтернативниот извештај.

 Покрај општите проблеми и препораки кои ги содржи извештајот разработени се и доста специфични проблеми од чие надминување зависи и нивото на заштита и остварување на правата на децата.
 
Некои од тие препораки се следните:

 Зајакнување на системите за прибирање и анализа на податоци на национално и на локално ниво за да се промовира донесувањето политики засновани на докази.
Редовни обуки за државните институции, општините, училиштата, родителите, медиумите, државните службеници кои ја применуваат КПД.
Печатење и дисеминација на КПД на повеќе јазици.
Повидливи кампањи за подигање на свеста за значењето на КПД.
Формирање посебен објект во кој децата ќе ја издржуваат мерката притвор, никако заедно со возрасните притвореници.
Да се формира Детски народен правобранител како посебна институција која целосно ќе се посвети на заштита на правата на децата.
Ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлотација и сексуална злоупотреба.
Ратификување на Конвенцијата за заштита на правата на лицата со посебни потреби во рамките на ООН.
Донесување на Законот за заштита од дискриминација преку кој ќе се дизајнираат мерки кои нема да остават правни празнини за толерирање на каква било дискриминација.
 
Специфични препораки

Ослободување од партиципација при остварување на право на здравствена заштита за СИТЕ деца.
Вклучување на СИТЕ деца во задолжителното основно образование.
24-часовна достапност на сите центри за социјална работа.
Задолжително вработување на социјални работници и дефектолози во СИТЕ основни училишта.
Вработените во Центрите за социјална работа треба да се секојдневно на терен, рано да ги откриваат состојбите на семејствата кои се во ризик и да превенираат можно насилство и злоупотреба над децата во дисфункционални семејства.

За подобра превенција од семејно насилство ЦСР да го практикуваат механизмот засилен надзор на родителско право или одземање на родителско право.
Итна дислокација на Воспитно-поправниот дом - Тетово на посоодветно место и во најкраток рок малолетните лица од машки пол во воспитно-поправната установа да бидат издвоени од возрасните затвореници во затворот во Скопје, а малолетните лица од женски пол од женското одделение од КПУ Идризово.

За Националната Коалиција за правата на детето

М-р Драги Змијанац,

Основач и директор на Првата детска амбасада во светот Меѓаши

--------------------------------------------------------------------------------

[1] Конвенцијата за правата на детето беше усвоена од Генералното собрание на ООН во 1989 година. Правата зацртани во оваа Конвенција ги дефинираат универзалните принципи и норми за статусот на детето. Република Македонија пристапи кон Конвенцијата во ноември 1993 година. Првиот извештај за состојбата со правата на децата државата поптисничка мора да го поднесе 2 години по ратификацијата на Конвенцијата. Понатаму, извештаи се бараат секои 5 години со можност за додатни извештаи во меѓупериодот, доколку е тоа потребно. Во 2007 година Република Македонија го предаде Вториот периодичен извештај за Конвенцијата. Сите извештаи ги разгледува Комитетот за правата на детето при ООН, кој се состанува неколку пати годишно во Женева. Откако Комитетот ќе ги добие државните извештаи, понатаму бара пишани информации од невладини и меѓувладини организации.

[2] Организации членки на Националната Коалиција за правата на детето: Асоцијација за демократска иницијатива (АДИ) – Гостивар, Асоцијација за здравствена едукација и истражување „ХЕРА“ – Скопје, Женска граѓанска иницијатива „Антико“ – Кичево, Коалиција „Сите за правично судење“ – Скопје (коалиција на 17 НВО-и), „Лајфстарт“ – Битола, Македонија без дискриминација (сојуз на 11 НВО-и), Младински образовен форум – Скопје, Отворена порта – Ла Страда – Скопје, „Отворете ги прозорците“ – Скопје, Пост полио група за поддршка „Полио Плус“ – Скопје, Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“ – Скопје, „Пхурт“ – Делчево, Совет за превентива од малолетничка деликвенција – Кавадарци, Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија – Скопје, ХОПС „Опции за здрав живот“ – Скопје, Хуманитарно здружение „Мајка“ – Куманово, Хуманитарно и добротворно здружение на Ромите во Македонија „Месечина“ – Гостивар, Хуманитарно и добротворно здружение на Ромите во Македонија „Месечина“ – Дебар, Центар за Балканска соработка „Лоја“ – Тетово, Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп, Центар за човекови права и разрешување конфликти – Скопје, Центар за одржлив развој „Порта“ – Струмица, Шелтер центар – Скопје