Почетна » Архива » 2011


Започна Глобалната недела на акција 2011

Ни претставува особено задоволство да Ве поканиме да ни се придружите во Глобалната недела на акција која започнува денес (2 -9 мај). Кампањата се организира секоја година од 2001. на меѓународно ниво, а национален координатор за Република Македонија е Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Главната цел на оваа кампања е зајакнување на свеста за потребата од вклучување на сите деца во задолжителниот процес на образование, ширум целиот свет.

Повеќе информации на www.campaignforeducation.org

Темата за 2011година е “Образование на жените и  девојчињата” со слоган: „Тоа е право; Остварете го тоа право: Образование за жени и девојчиња  сега!“ и со подслоган “Да,  таа може”.  На  тој ден   во повеќе од 100 земји низ целиот свет ќе се здружат политичари, активисти и граѓани кои треба да ги  слушнат инспиративните приказни на жени и девојчиња кои раскажуваат за улогата на образованието во нивниот живот.   Во нашата држава, секојдневно се среќаваме со жени и девојчиња, кои од различни причини не се во можност да го остварат своето основно право: право на  образование. Од голема важност е државата да им го обезбеди ова право на сите жени и девојчиња.

За време на еднонеделната кампања која ќе трае од 2 до 9 мај 2011 година ќе бидат организирани неколку настани, наречени: „Големата приказна“

1. Посветување на еден училишен час „Тоа е право; Остварете го тоа право: Образование за жени и девојчиња сега!“ Наставниците, педагозите треба да им објаснат на децата, на пригоден и информативен начин дека 69 милиони деца во светот не одат на училиште, не знаат да читаат и пишуваат и дека поголемиот број од нив се девојчиња. Еден од секои 5 луѓе во светот не може да го прочита ова. Поголемиот број од нив се од женски пол, речиси 40 милиони девојчиња немаат никаково образование, не се вклучени во училиштата... И покрај постојните законски регулативи во Република Македонија кои пропишуваат задолжително основно и средно образование, сепак има 18.500 деца кои се надвор од училишните клупи, а вкупно 200.000 лица немаат завршено основно образование. Невклученоста во процесот на образование претставува ризичен фактор за децата за нивно вовлекување во најлошите форми на детски труд, како и нивна подложност на девијантно однесување.

2. Читање на претходно собрани инспиративни писма од неколку жени каде што тие раскажуваат како образованието придонело за позитивни промени во нивните животи.

3. Раскажување на животната приказна на неколку жени пред децата во Дневниот центар за деца кои не одат на училиште, во просториите на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, за тоа како образованието им помогнало да станат она што се денес.

За да можеме заедно да ја подигнеме свеста за фактот дека многу жени и девојчиња се надвор од училиштата и да направиме чекор напред кон нивно вклучување во образованието, пожелно е и Вие да се вклучите во оваа кампања.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши испрати до училиштата во Македонија „Упатство за училишта“ и „Инспиративни писма од страна на неколку жени“. Во упатството до училиштата Детската амбасада Меѓаши ги замоли училиштата  да  соработуваат со општините за поуспешно спроведување на Глобалната недела на акција. 

 За повеќе информации ВЕ молиме да ги контактирате: Елена Јоциќ, Моника Велиновска и Жаклина Ананиева Координаторки на Глобалната недела на акција 2011

Контакт:

Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ -
Република Македонија
Ул. Коста Новаковиќ, 22а
1000 Скопје
Телефон: + 389 02 2465316
Факс: + 389 02 2463900
info@childrensembassy.org.mk
www.childrensembassy.org.mk