Почетна » Архива » 2009


Државата молчи и гледа како деца дишат лепило


Ниту една институција не сака да ги згрижи децата-зависници од хероин и од лепило

Миркица Поповиќ

Дваесет и деветгодишна мајка на четири малолетни деца секојдневно питачи на скопските улици. Нејзините два сина, на возраст од 11 и 13 години, се зависници од хероин. Шестгодишната ќерка, пак, е навлечена на вдишување лепило. Место да бидат згрижени во институција, која ќе им даде соодветна помош, таа вели дека децата се оставени на милост и немилост секојдневно да лутаат низ градот. Најтешко е кога тие доживуваат апстиненцијални кризи. Тогаш родителите се принудени сами да им даваат помош на децата, да ги смируваат со „кетонал“ или, пак, да вдишуваат лепило за да ги ублажат болките.

Феноменот на малолетни зависници од лепило и дрога не е нова појава. „Утрински весник“ неколкупати ја отвораше оваа тема, по што беше поведена и полициска акција за згрижување на уличните деца. Сепак, бројот на малолетници кои деноноќно лутаат низ градот со ќеси лепило сам по себе говори за краткиот здив на акциите што ги преземаат надлежните институции. Една година подоцна, државата се' уште нема стратегија за помош за децата-зависници.

„Нешто не е в ред кога десетгодишни деца се зависни од хероин и лепило и никој не презема ништо за да го спречи тоа“, коментираат надлежните од невладините организации кои со години работат на спречување на оваа негативна појава.

Ениса Еминовска, членка на првата детска амбасада „Меѓаши“ и долгогодишна активистка за правата на социјално отфрлените семејства, вели дека владее хаос во државата околу оваа тема, која секогаш завршува во ќорсокак. Според неа, и родителите и децата се препуштени сами на себе, бидејќи ниту една институција не сака да ги згрижи малолетниците на возраст од пет до 14 години, кои веќе неколку години се зависни од хероин и од лепило. Со објаснување дека не се надлежни за справување со малолетници под 16 години, од Центарот за третирање зависности Еминовска ја упатиле во Центарот за ментално здравје. Оттаму, пак, не биле во можност да и' помогнат затоа што работат само со случаи на „деца-пробатели“, а не деца кои се веќе зависни од дроги. На овие малолетници им е потребна константна медицинска и психолошка помош, меѓутоа не постои институција која е подготвена да им помогне поради нивната возраст.

Дополнителен проблем е што голем број од овие деца и нивните семејства се бездомници. „Многу мал дел од нив имаат здравствени книшки, поради што е уште потешко со медицински тестови од државни установи да се утврди зависност за да им се укаже помош. Тестови направени во приватни установи не се сметаат за валидни“, вели Еминовска, додавајќи дека овие деца се изложени и на опасност од хепатитис Ц, бидејќи оние што користат хероин употребуваат заеднички шприцеви.

Полицијата е запознаена со овие случаи поради нивните чести криминални активности во кои запаѓаат. Познато им е дека децата купуваат хероин за само 100 денари, но нема стратегија како да се спречи тоа. „Паричните казни не помагаат, бидејќи место да го решат проблемот, децата се принудени подолго време да остануваат на улица и да питачат за да можат да ги платат казните“, укажува нашата соговорничка.

Но, според Ирена Тодоровска, раководителка на Одделението за социјална инклузија при Министерството за труд и социјална политика, „нема потреба од возбуда, бидејќи ова е нормална појава и во државите на ЕУ“. Според неа, најголем проблем е тоа што нема стратегија за помош на конкретните случаи на малолетниците-зависници. Доколку граѓаните пријават вакви случаи, социјалните работници, во соработка со МВР, ги земаат децата и ги повикуваат родителите, прават записник и доколку се забележи несоодветно родителско однесување, се одзема родителското право и децата се сместуваат во домови. Според Тодоровска, во 2009 година се регистрирани седум случаи за кои судот донел одлука за одземање на родителското право.

Децата се сместуваат во Домот за деца без родители „11 Октомври“, во „Ранка Маринковиќ“ и во „25 Мај“. Меѓутоа, за активистката Еминовска ова не е долгорочно решение, бидејќи домовите се установи од отворен тип и по неколку дена децата бегаат и повторно се враќаат на улица. Надлежните се прашуваат како е можно полицијата да знае за овие случаи, да ги сретнува секој ден на улица, социјалните работници да ги имаат заведено во своите записници, а сепак децата деноноќно да се под ведро небо, на прометни локации, се' подлабоко забраздувајќи во своите пороци.

На прашање што се презема за уличните деца, Тодоровска посочи дека околу 400 од нив секојдневно се носат во дневните центри, каде што се работи на развивање хигиенски навики и нивна основна едукација. Еминовска, која е во контакт со поголем број семејства чии деца се зависници, негира дека центрите се отворени за соработка со сите. Тие одбиваат да ги примат децата со зависности под изговор дека се проблематични и би можеле да имаат лошо влијание на другите деца. Во Скопје е во план да профункционира советувалиште за превенција за малолетници со криминогени влијанија, при што ќе се испраќаат малолетници кај кои социјалните работници забележале одредени асоцијални појави и однесување. Со децата во советувалиштето ќе работат социјален работник, психолог и психотерапевт. Тодоровска се надева дека во почетокот на 2010 година, по примерот на некои земји на ЕУ, и во Македонија ќе се отворат прифатилишта кои ќе ги удомат уличните деца.

Сепак, тоа советувалиште не е центар каде што ќе може долготрајно да се лекуваат децата-зависници. Проблемот е секојдневен, не е скриен во мрачните улици, туку е видлив во строгиот центар на градот. И покрај тоа на него се гледа само како на грда слика од која само се тргнува погледот.

 http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=1BCDD5D943A7174F9330EE6684311C50

31.9.2009 Utrinski vesnik