Почетна » Архива » 2008

Започна кампањата Види, слушни, кажи 
На 07 Ноември, во 11 часот, во просториите на Првата детска амбасада во светот Меѓаши се одржа прес конференција по повод започнување на кампањата „Види, слушни, кажи”.

Кампањата е дел од меѓународниот проект „Детство без насилство – кон подобар систем на детска заштита во Источна Европа“ кој во Македонија го реализира Првата детска амбасада во светот, во партнерство со Фондација Ничии Деца, а со поддршка на АВА ДДБ, Акцент медиа, Дата Понс, Лазов Груп, Дневник, Вест и Време.

        На пресот новинарите беа запознаени со состојбите на физичко насилство, малтретирање и тепање деца пријавени на нашиот СОС телефон за деца и млади 0800 12222 и случаи што ги регистрира и застапува Бесплатната правна служба при Амбасада Меѓаши.  Податоците на нашите служби говорат дека состојбата со насилството над децата во нашата земја е повеќе од алармантна.

Насилствата врз децата стануваат секојдневие.

Децата се тепани, злоставувани, злоупотребувани.

     Првата детска амбасада во светот Меѓаши загрижена од тешката состојба во која се наоѓаат за жал не мал број деца, контуинарано спроведува активности со кои се залага за поефикасна заштита и остварување на детските права. Амбасадата реагира, алармира, бара построги казни кон сторителите на насилство и силување на деца. Кога регистрираме насилство или се прекршени правата на децата се обраќаме до Народниот правобранител, Јавниот обвинител, Центрите за социјална работа, министерствата, полицијата и уцилиштата. Податоците од нашиот СОС телефон за деца и млади 0800 1 2222 покажуваат зголемен пораст на насилството врз децата (повеќе од 17300 повици за овие 15 години од работа на СОС телефонот). Во 2008 година, од вкупно 251 јавување, заклучно со октомври, 32,5 % се поврзани со злоупотреба и насилство врз децата,  додека во 2007 тој изнесувал 13,4 %.

     Со намера да ги охрабриме децата, родителите, соседите, најблиските, да не молчат за насилството и истото го пријавуваат, започнуваме со кампањата „Види, слушни, кажи”. Воедно, намерата е да влијаеме и на создавање поодговорно родителство и да ја подигнеме свеста околу потребата за поддршка и помош на децата, затоа мотото на кампањата е „Родителите кои ги тепаат своите деца сакаат да го сокријат тоа.”

На пресот зедоа збор:

м-р Драги Змијанац, извршен директор и основач на Првата детска амбасада во светот

Војислав Стојановиќ, генерален менаџер на АВА ДДБ, рекламна агенција

и Татјана Јаневска, координаторка на проектот

На пресот присуствуваа следниве медиуми:

ТВ А1
ТВ А2
ТВ Алфа
ТВ Алсат
Весникот Шпиц
Весникот Утрински весник
Медиумската куќа МИА
 
     Беа поставени повеќе прашања во врска со пријавени случаеви на нашиот СОС телефон за деца и млади, кои се однесуваат на физичко насилство, но и на други видови насилства; прашања поврзана со заштита на децата жртви на насилство и за тоа што се случува откако случаевите ќе бидат пријавени на СОС телефонот за деца и млади.