Почетна » Архива » 2008


Реакција по повод зачестените случаи на педофилија во Македонија
 

- до кога судиите ќе им досудуваат на педофилите најблаги казни?

 - дали треба да се случи најстрашното за некој педофил да биде осуден на најстрога казна?

- колку нашите деца им се приоритет на институциите на системот?

- осудите нема да дадат резултати се додека на педофилите им се досудуваат минимум казни!!!!
 



По повод енормниот број случаи на сексуална злоупотреба на деца  потсетуваме дека Првата детска амбасада во светот Меѓаши досега повеќе пати реагираше, при што баравме:

судиите да досудуваат построги и повисоки казни за сторителите на полов напад на дете-доживотен затвор;
да се воведат дополнителни мерки на заштита на децата од педофили повратници од затворите, користејќи ги светските искуства;
да се работи со децата жртви и нивна рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција во општеството;
да се спроведуваат превентивни програми на работа со педофилите и нивна ресоцијализација која истовремено ќе вклучува преземање соодветни мерки кои ќе оневозможат повторување на делата; 
во училиштата, семејствата и преку медиумите да се спроведуваат превентивни програми кои ќе влијаат на заштита на децата од педофилија;
да се направи централен регистар за евиденција на сите пријавени случаи и сторители на полов напад врз дете;
осудените педофили да ги обештетат децата кои биле жртви на насилство и по издржувањето на казната затвор да им се забрани пристапот во објекти и на места каде што престојуваат деца;
судиите и одговорните лица кои стапуваат во контакт со детето жртва на насилство да бидат максимално внимателни кон детето. Изјавата која детето ја дава да биде еднаш дадена и во релаксирана атмосфера во присуство на судија, психолог, педагог и лице од центарот за социјална работа;
да се почитува идентитетот и интегритетот на децата жртви или сведоци на секаков вид насилство и да се заштитат од дополнителна виктимизација преку истакнување на податоци од личен карактер во медиумите: име, име на родителите, адреса, место на живеење, лични информации во врска со случајот, едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, ментален, економски, културен или социјален идентитет, етничка припадност и сл.
Центрите за социјална работа да бидат мобилни и ефективни  во детектирањето на семејства под ризик и нивно континуирано следење како и преземање содветни мерки со што превентивно би дејствувале. Тие можат да дадат најголем придонес во превенцијата од злоупотреба на децата;
да се развие систем на рано откривање на злоставувањата и да се зајакнат службите за пружање директна помош на децата жртви на насилство.
 

Во светот: околу еден милион деца годишно се жртви на сексуална злоупотреба, а светските податоци говорат дека само 30% од децата жртви се откриваат и пријавуваат. Статистиките покажуваат и дека децата од женски пол се петпати почесто жртви отколку децата од машкиот пол, односно секое трето девојче и секое седмо момче се жртви на педофили. Во 89,75 % случаи злоставувањето трае повеќе години, а во 10,25 % случаи повеќе месеци. Според некои проценки во соседна Србија 2/3 од децата се сексуално злоупотребени, а пред само три месеци во акција покрената од американскиот FBI беше откриен и првиот интернет ланец на педофили каде децата жртви на сексуално злоставување се од една до девет години. Во светски рамки, постојат земји како:

 

-          Норвешка каде на педофилите им се вградуваат локатори микро чипови така да полицијата и органите на прогон знаат каде тие се наоѓаат во секој момент;

-          се очекува и Англија да воведе слична метода;

-          во Данска се врши хемиска кастрација над педофилите повратници;

-          за истото се заложува и претседателот на Франција, при што моментните казни затвор за педофилија во Франција се 15-20 години. Исто така, во Франција постои и опција на ’’затвор-болница’’,

-          во Канада се практикува по отслужувањето казна затвор (до 20 години), поранешниот осуденик да биде подложен на мерка ’’социјално-судско следење’’ кое вклучува медицинско и социјално следење/надгледување. Еден елемент на оваа мерка е и мобилната електронската алка која се прикачува на раката на поранешниот затвореник;

-          во земјите кои се сметаат за помалку цивилизирани, смртната казна е единствената пресуда за сторителите.

 

Во Република Македонија: и покрај се почестото откривање и приведување на педофилите од страна на полицијата и најновите промени во Кривичниот Закон кои овозможуваат далеку построги казни, судиите се уште изрекуваат минимални казни. Медиумите постојано известуваат за овие случаи но и тоа не е доволно. Се прашуваме што треба да се случи со децата па судиите да почнат да ги осудуваат поадекватно педофилите? Посебно е загрижужвачки фактот дека најчесто 100% од повратниците од затвор ги повторуваат делата.

 

Борбата против педофилијата бара тимски и мултидисциплинарен приод, преку соработка на граѓанските организации и државните институции, особено Центрите за социјална работа,  судството, Народниот правобранител, Полицијата и училиштата. Тоа подразбира синхронизирано и заедничко превентивно дејствување на сите фактори кои имаат удел во воспитувањето и грижата за децата како семејството, институциите на државата, граѓанските организации.

 

Повторно повикуваме на казнување на сторителите со затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор во зависност од тежината на стореното дело. Доколку родителите знаеле и ја одобрувале сексуалната злоупотреба за обезбедување на материјална корист, само во тој случај бараме одземање на родителското право, гонење за кривично дело сексуална злоупотреба на дете, трговија со малолетно лице  и подведување на проституција за остварување финансиска добивка.

 

Ги охрабруваме децата и возрасните да не молчат за насилството и да го пријавуваат во најблиските полициски станици или на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

 

Родителите имаат посебна одговорност во грижата, заштитата и обезбедувањето сигурно детство на нивните деца. Тие треба да посветат посебно внимание на децата и да ги заштитат од можни злоупотреби. Одговорното родителство е може да биде најдобра превентива од злоупотреба на децата.