Почетна » Архива » 2008


НОВО БЕГСТВО ОД СКОПСКИОТ ДОМ ЗА ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ

Деветгодишно девојче избега од Дом

Мајката го пријавила случајот на телефонот во Првата детска амбасада во светот Меѓаши и кажала дека нејзината ќерка избегала бидејќи била тепана од воспитувачки и постари штитеници


Во Детската амбасада Меѓаши  велат дека децата жртви на семејно насилство не треба да бидат одвоени од домот, туку треба да се отстрани насилникот

И деветгодишната сестра на 11-годишниото дете од Пехчево, кое кон крајот на декември избега од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје, завчера избегала од Домот, каде што била приверемено сместена и се вратила кај мајка си и братот во Пехчево. Мајката го пријавила случајот на телефонот во Првата детска амбасада во светот Меѓаши и кажала дека нејзината ќерка избегала од домот бидејќи била тепана од воспитувачки и постари штитеници во Домот. Од Амбасадата Меѓаши вчера го осудија насилството и побараа надлежните институции да преземат мерки за расчистување на случајот.

- Како и со случајот со нејзиното братче никој од надлежните на Детскиот дом „11 Октомври“ не презема одговорност. За случајот со братчето поднесовме писмена претставка од Народниот правобранител и добивме одговор дека истиот се испитува. Министерството за труд и социјална политика само вети дека ќе го разгледа случајот и ако утврди одредени пропусти во работењето на институциите ќе преземе соодветни мерки. Но, ние се' уште немаме добиено информации дали нешто е направено. Истото се однесува и за нивната негрижа за двете деца што во минатото лето избегаа од домот, а едно од нив беше 23 дена во заложништво и на најсвиреп начин малтретирано и силувано од педофилот Јове Костадиновски (40) од селото Шашаварлија - велат во Амбасадата Меѓаши.

Братчето избега од Домот за деца без родители на 22 декември. Детето го пријавило случајот во Детската амбасада Меѓаши и рекло оти тоа и две години помалата сестра биле тепани во домот. Воспитувачките му удирала шлаканици секогаш кога барал да им се јави на телефон на своите родители. Неговата мајка се пожалила дека детето, кое има тумор на мочниот меур, во Домот 20 дена не ја примало терапијата, а немале ниту редовна промена на долна облека.

НОВ ДИРЕКТОР СТАРИ ПРОБЛЕМИ

Новата директорка во Домот „11 Октомври“ од завчера е Ристенка Атанасова, психолог, која доаѓа на местото на Соња Миташева-Јосифовска, која беше разрешена во декември лани. Атансова ни кажа дека ги испитува работите и дека се' уште не знае што точно се случува во Домот.

- Девојчето избега завчера по наставата во училиштето. Веднаш пријавивме во полиција и во Министерството за труд и социјална политика. Истиот ден одржав прв состанок со воспитувачите. Со штитениците ќе се видам попладнево. Сакам да ги слушнам двете страни па да донесам методи и начини за подобрување на условите, да видам каде е затајувањето ако го има. Најпрвин што ќе направам ќе организирам превоз до училиште за децата од прво до четврто одделние, а не само за првачињата како што е досега - изјави Атанасова. Според мајката на девојчето, тоа понаставата со такси заминало во Пехчево. Дошло дома во искината облека и обувки, валкано и се плашело да излезе надвор плашејќи се некој да не ја земе и да ја врати во Домот за деца без родители.

ЗАКАНИ ЗА МАЈКАТА

Од  Амбасадата Меѓаши велат дека вчера на пладне во нивниот дом во Пехчево дошле полицајци и неколкумина вработени во Центарот за социјална работа од Берово. Тие и' се заканувале на мајката дека ќе поднесат тужба против неа ако продолжи да се јавува во „Меѓаши“ и да ја известува јавноста за проблемот. Проблемите почнале во декември лани кога Социјалната служба од Берово и ги одзела децата додека биле на училиште без писмено да ја известат.

Стручниот тим на Центарот смета дека родителите не ги извршуваат родителските должности и дека континуирано долг период децата се посредни жртви на семејно насилство.Центарот повел судска постапка против таткото со барање за изрекување привремена мерка за заштита од семејно насилство, со предлог-мерка за задолжително лекување од алкохол и за сместување во Невропсихијатриската болница во Бардовци. Мајката бара помош да се реши целиот случај и демантира оти била жртва на семејно насилство.

- Мојот сопруг има проблеми со срцето и е дијабетичар. Тој воопшто не пие алкохол. Не знам од каде излегоа приказните дека ние сме жртви на семејно насилство - вели мајката. Кога момчето избега од Домот, лекар утврди дека детето боледува и од шуга, но не се знаеше дали болеста ја добило поради третманот во Домот. Тоа е во тешка здравствена состојба и е прашање зошто не било однесено на Клиника оти каква нега може да добие во Домот за деца. Единаесетгодишникот се закнувал дека ќе се фрли под автомобил ако го вратат во Домот.

Во  Амбасадата Меѓаши  велат дека целиот случај го отвора проблемот со таканареченото виктимизирање на децата. Ако тие се жртви на семејно насилство, не треба да бидат одвоени од домот, туку треба да се отстрани насилникот, сметаат во Првата детска амбасада. Од друга страна, во Центарот за социјална работа во Берово велат дека заштитата на децата е неопходна и дека тие треба да бидат надвор од семејството се' додека не се средат односите во самото семејство.

ИНФО-Трето бегство

Деветгодишно девојче од Пехчево завчера избегало од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје бидејќи била тепана од воспитувачки и постари штитеници. Нејзиниот единаесетгодишен брат лани избега од Домот. Изминативе шест месеци ова е трето бегство на деца-штитеници од Домот. „Меѓаши“ бара одговорност од раководството на „11 Октомври“ за нивната негрижа за братчето и сестричето, како и за двете деца кои минатото лето исчезнаа, а едно од нив 23 дена било чувано во заложништво и малтретирано и силувано од педофил.

Даниела Вељановска

Дневник, 22.01.2008

http://www.dnevnik.com.mk/?itemID=325D0E2D688AF64DAAE5BB5DBC3DC010&arc=1