Почетна » Архива » 2008


Меѓаши: Питањето не се решава со полициско апсење


Акцијата „Питачење“ и интензивно собирање на питачите од улиците нема да го решат проблемот со злоупотребата на детскиот труд, сметаат од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.


Според нив, причината за неуспехот лежи во привремениот карактер на дневните центри во кои се згрижуваат децата-питачи и фактот што по нивното напуштање повторно се враќаат на улиците.

Решавањето на овој долгогодишен проблем од „Меѓаши“ го гледаат во вклучувањето во образовниот процес на сите деца што денот го минуваат на улиците и на раскрсниците.

- На децата им е потребно образованието, а не неколкучасовното згрижување во дневните центри. Тоа јасно го покажуваат и децата што ги згрижуваме кај нас. Додека го минуваат времето овде ни велат дека се чувствуваат како да се во училиште - вели Драги Змијанац, директор на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Обезбедувањето социјални станови за најзагрозените семејства и вработување барем еден член од нив е единствен начин за ефикасната реализација и искоренувањето на оваа социопатолошка појава, сметаат од амбасадата.

- Кога овие деца ќе имаат покрив над главата и нивното семејство ќе располага со минимални финансии, тие утехата и заработката не би ги барале по крстосниците - додава Змијанац.

Од „Меѓаши“ бараат Министерството за труд и социјална политика (МТСП) да подготви и да спроведе стимулативни програми за децата на улица да се вклучат од најрана возраст во предучилишните установи, а од државата да има подобар увид во целата ситуација и да не дозволи деца од ваквите семејства воопшто да не бидат внесени во матичната книга на родени. Исто така, детската амбасада бара да се зголеми буџетот на образовните институции што го третираат овој проблем и да се обезбедат поголем број топли оброци, облека, обувка и бесплатни учебници за децата-питачи и за нивните семејства.

Според податоците од „Меѓаши“, околу 2.000 деца во земјава денот го поминуваат на улица живеејќи под ведро небо и во супстандардни услови, а 18.500 деца се исклучени од основното образование.

Истражувањата покажале дека децата што се на улица се поделени во неколку групи: деца без родители, деца со еден родител, деца со разведени родители и деца со нарушени семејни односи. Според Заводот за социјални работи, во Скопје дури 15 отсто од децата на улица се деца од предучилишна возраст, а 64 отсто се деца на возраст од седум до четиринаесет години.

 

Автор:Драган Јованон

Извор: „Нова Македонија“

Повеке тука