Почетна » Архива » 2008


СПОРЕД ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ МЕЃАШИ

Дете болно од рак жртва на насилство во Дом за деца без родители

Исплашен од целиот случај единаесетгодишникот рекол оти ќе се фрли под автомобил ако го вратат во Домот

Од Домот за деца без родители „11 Октомври“ побараа официјално известување за случајот од „Меѓаши“ за да ги коментираат обвинувањата


Единаесетгодишно дете од Пехчево, кое боледува од рак, пријавило дека е малтретирано и тепано од воспитувачи во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје, каде што било привремено сместено. Тоа побегнало од Домот и се вратило во Пехчево. Исплашено од целиот случај, детето рекло оти ќе се фрли под автомобил ако го вратат во Домот. Детето го пријавило случајот на телефонот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши и рекло оти тоа и две години помалата сестра биле тепани во домот. Од  Детската амбасада Меѓаши вчера го осудија насилството и побараа надлежните институции да преземат мерки за расчистување на случајот.

- Детето ни кажа дека една од воспитувачките му удирала шлаканици секогаш кога барал да им се јави на телефон на своите родители. Тој рече дека неговата сестричка по добиени 3-4 шлаканици од воспитувачката прекинала да бара контакт со родителите. Според неговата мајка, детето има тумор на мочниот меур. Таа се пожали оти во Домот 20 дена не ја примал терапијата, а немале ниту редовна промена на долната облека. Децата биле оставени сами на себе, без соодветно внимание од некој од вработените, иако биле уплашени од новата средина - велат во Амбасадата Меѓаши.

БЕГСТВО ОД ДОМОТ

Од Домот за деца без родители „11 Октомври“ вчера бараа официјално известување за случајот од Првата амбасада.  Ние немаме добиено авторизиран текст со потпис и со печат од  Детската амбасада Меѓаши. Кога ќе добиеме такво официјално известување, ќе можеме да ги коментираме обвинувањата - вели Соња Миташева Јосифовска, в.д. директорка на Домот. Мајката на болното момче рекло оти на 4 декември годинава Социјалната служба од Берово и' ги одзела децата додека биле на училиште без писмено да ја информираат, туку и јавиле по телефон.

- Детето ни рече дека избегало од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во понеделникот на 22 декември и познат возрасен човек го пренесол во Пехчево. Тој се јави од домот на своите родители, каде што е сега, и беше видно вознемирен. Плачејќи кажа дека е загрижен за својата сестра, сака и таа да се врати дома и оти не сака да се враќа во Домот. Кажа дека размислува да се фрли под автомобил ако треба да се врати - објаснуваат во Првата детска амбасада во светот. Според изјавата на мајката, детето мокрело крв, се плашело да излезе надвор, не одело на училиште од страв повторно некој да не го земе од таму и да го одведе во Домот за деца без родители.

Центарот за социјална работа од Берово ги известил родителите оти децата во Домот „11 Октомври“ ќе бидат сместени привремено и оти ќе ги вратат во нивниот дом во Пехчево. Им било ветено и дека болното дете ќе биде однесено на контрола во клиника во Скопје, но и тоа не било направено и покрај тоа што знаеле дека детето е со ризична и тешка здравствена дијагноза.

СЛУЧАЈОТ ЌЕ СЕ ИСТРАЖУВА

За случајот е известен и Народниот правобранител, а од Амбасадата Меѓаши очекуваат тој да го испита целосно случајот.

- По овој случај ќе овозможиме покренување неколку многу важни прашања во однос на (не)заштитата на децата во Македонија и (не)грижата од соодветните институции, кои не ретко наместо да ги заштитат децата и да им овозможат посоодветна грижа и поздрава средина на живеење, дополнително ги трауматизираат оставајќи доживотни последици во нивниот раст и развој - објаснуваат во Амбасадата Меѓаши. Министерството за труд и социјална политика вчера соопшти дека внимателно ќе го разгледа случајот и ако утврди некои пропусти во работењето на институциите, ќе преземе соодветни мерки. Според Министерството, семејството од Пехчево имало нарушени односи, таткото на малолетните деца бил алкохоличар, кој ги малтретирал нив и мајката.

- Таткото на малолетните деца консумира алкохол и против него има повеќе прекршочни пријави за нарушување на јавниот ред и мир и за предизвикување и учество во тепачка. Ова семејство на Центарот за социјална работа во Берово му е познато од 2005 година, по тоа што постапувало за заштита на мајката и на децата од семејно насилство извршено од страна на таткото. Меѓутоа, насилството во семејството продолжува и понатаму - велат во Министерството.Центарот за социјална работа-Берово повел судска постапка со барање за изрекување привремена мерка за заштита од семејно насилство, со предлог-мерка за задолжително лекување од алкохол на таткото и за сместување во Невропсихијатриската болница во Бардовци и забрана да ја малтретира физички, емотивно и сексуално сопругата, како и забрана емотивно да ги малтретира двете малолетни деца, кои биле сведоци на малтретирањето на мајката.

- При последната посета на социјалниот работник на 19 декември, малолетникот не дал никакви индикации дека е малтретиран од воспитувачите во Домот и не навестил дека има какви било проблеми. Стручните служби забележале дека детето тагува по домот, но и дека го прифаќа објаснувањето дека ќе се врати тогаш кога ќе се создадат услови за нормално функционирање на неговото семејство - објаснуваат од Министерството.

ИНФО-Без терапија и долна облека

Детето го пријавило случајот во ДЕТСКАТА АМБАСАДА МЕЃАШИ  и рекло оти тоа и две години помалата сестра биле тепани во домот.Воспитувачките му удирала шлаканици секогаш кога барал да им се јави на телефон на своите родители. Неговата мајка се пожалила оти детето во Домот 20 дена не ја примал терапијата, а немале ниту редовна промена на долна облека. Министерството за труд и социјална политика соопшти дека ќе го разгледа случајот.

Александар Манасиев

http://www.dnevnik.com.mk/?itemID=B61DD28F3A593C45AB055A8832429FC6&arc=1

25.12.2008